Медитацијата е едноставна практика што може да помогне при стрес, анксиозност и секојдневна психичка напнатост. Со неа го насочуваме вниманието кон дишењето, телото, одреден звук или мисла.
Редовното медитирање може да ја подобри концентрацијата, да го смири умот и да помогне полесно да ги препознаваме сопствените чувства. За практикување не се потребни посебна опрема и многу слободно време. Доволни се неколку минути во текот на денот.
Во продолжение издвојуваме 12 придобивки што може да ги донесе медитацијата.
1. Го намалува стресот
Стресот е една од најчестите причини поради кои луѓето почнуваат да медитираат. Кога трае подолго, може да влијае врз сонот, расположението, крвниот притисок и општото здравје.
Медитацијата му помага на телото постепено да се опушти, а вниманието да се оддалечи од мислите што создаваат дополнителна напнатост. Со редовна практика полесно можеме да препознаеме кога сме под стрес и да реагираме посмирено.
2. Помага при анксиозност
Кога се намалува стресот, може да се ублажи и чувството на анксиозност. Медитацијата помага да се смири умот, да се препознаат вознемирувачките мисли и да се намали постојаното размислување за она што би можело да се случи.
Редовното медитирање може да го олесни справувањето со секојдневните обврски и притисокот на работното место. И кратката практика може да донесе чувство на смиреност и да помогне вниманието да се врати во сегашниот момент.
ПОВРЗАНО:
8 совети за почетници во медитација
3. Го поддржува емоционалното здравје
Медитацијата создава простор да ги забележиме сопствените чувства без веднаш да реагираме на нив. Тоа може да ни помогне подобро да го разбереме расположението и полесно да се справиме со негативните мисли.
Со текот на времето, практиката може да придонесе за постабилно расположение, подобра слика за себе и поголема емоционална рамнотежа. Медитацијата може да биде дополнителна поддршка, но не го заменува стручното лекување кај депресија, состојби на анксиозност и други проблеми со менталното здравје.
4. Ја зголемува свесноста за себе
Додека медитираме, обрнуваме внимание на мислите, чувствата и телесните реакции. Така полесно забележуваме како реагираме во одредени ситуации и кои навики се повторуваат.
Подобрата свесност за себе може да ни помогне да ги препознаеме мислите што нè обесхрабруваат или ни создаваат непотребен притисок. Кога ги забележуваме навреме, полесно можеме да го промениме начинот на кој реагираме.
5. Ги подобрува вниманието и концентрацијата
Медитацијата го тренира умот да остане насочен кон една работа. Кога вниманието ќе се оддалечи, повторно го враќаме кон дишењето, звукот или другата точка на која сме сосредоточени.
Овој едноставен процес може да помогне подолго да останеме фокусирани при работа, учење или извршување секојдневни задачи. За почеток се доволни и неколку минути медитација дневно.
6. Може да ги подобри помнењето и концентрацијата
Концентрацијата и помнењето се тесно поврзани. Кога сме поприсутни и повнимателни, полесно ги примаме и задржуваме информациите. Одредени техники комбинираат дишење, повторување зборови или звуци и едноставни движења. Тие го одржуваат вниманието активно и може да бидат корисни за менталната острина, особено во повозрасните години.
7. Поттикнува добрина и сочувство
Некои видови медитација се насочени кон развивање добри мисли и чувства кон себе и кон другите. Една од нив е медитацијата на добрина и љубов - мета бавана. Практиката обично започнува со развивање добрина, разбирање и прифаќање кон себе. Потоа истите чувства постепено се насочуваат кон блиските, познаниците и луѓето со кои имаме тежок однос. Овој пристап може да поттикне поголемо разбирање, трпение и сочувство во секојдневните односи.
8. Може да помогне при зависности и нездрави навики
Медитацијата ја зголемува свесноста за мислите, чувствата и ситуациите што поттикнуваат одредено однесување. Така човекот може порано да го препознае поривот и да направи пауза пред да реагира.
Ова може да биде корисно при справување со зависности, емоционално јадење и други навики што тешко се контролираат. Кај зависностите, медитацијата може да се користи како дополнителна поддршка покрај стручниот третман.
9. Може да го подобри сонот
Грижите и мислите што постојано ни се вртат во главата често нè спречуваат да заспиеме. Медитацијата пред спиење може да помогне умот постепено да се смири, а телото да се опушти.
Насочувањето на вниманието кон дишењето може да го прекине постојаното навраќање на дневните грижи. Со редовна вечерна практика полесно може да се создаде мирна рутина пред спиење.
ПОВРЗАНО:
11 причини да медитирате секој ден
10. Може да помогне во справувањето со болката
Медитацијата не ја отстранува причината за болката, но може да го промени начинот на кој ја доживуваме. Насочувањето кон дишењето и телесните сензации може да ја намали напнатоста што често го засилува чувството на болка. Кај луѓето со хронична болка, оваа практика може да помогне во полесно справување со секојдневните тегоби.
11. Може да помогне во намалувањето на крвниот притисок
За медитација не се потребни посебна опрема, многу простор или платени обуки. Кога телото се опушта, дишењето станува помирно, а пулсот може постепено да се забави. Редовната медитација може да придонесе за опуштање и полесно справување со стресот, што може позитивно да влијае и врз крвниот притисок.
ПОВРЗАНО: 10 придобивки од утринска медитација
12. Може да се практикува речиси насекаде
За медитација не се потребни посебна опрема, голем простор или скапи часови. Може да се практикува дома, на работа или на отворено. За почеток се доволни неколку минути дневно.
Постојат два основни пристапа:
- Медитација со насочено внимание - Вниманието се насочува кон дишењето, звук, збор, предмет или замислена слика. Секогаш кога мислите ќе се оддалечат, вниманието нежно се враќа кон избраната точка.
- Медитација со отворено набљудување - Кај овој пристап ги забележуваме мислите, чувствата, телесните сензации и звуците од околината. Ги набљудуваме како што се појавуваат, без веднаш да се задржуваме на нив.
Ако тешко наоѓате мир во текот на денот, одвојте неколку минути наутро или пред спиење. Може да користите и водена медитација или да посетувате организирани часови. Најдобар избор е пристапот што лесно можете да го вклопите во секојдневието.