Актуелно

4 совети за совршен бранч со пријателките

Долгото чекање за маса, гласната музика и сметката што секогаш излегува повисока од очекуваното лесно можат да ја расипат викенд-дружбата. Затоа, следниот пат поканете ги пријателките кај вас.

Со малку организација, неколку вкусни јадења и добра идеја за дружење, домашниот бранч може да биде поубав од секое излегување.

1. Создајте пријатна атмосфера

Свежо цвеќе, неколку свеќи и убаво наместена маса се доволни за просторот да изгледа поинаку од вообичаено.

Наберете цвеќе од градината или купете мал букет од пазар. Распоредете го во мали вазни, чаши или стаклени теглички. Додајте салфетки, чинии во различни бои и неколку фотографии од заедничките патувања и прослави.

Можете да подготвите и мали картички со имињата на гостинките или на секоја да ѝ оставите кратка порака покрај чинијата. Пуштете музика што сите ја сакате и, ако времето дозволува, преместете ја масата на тераса или во двор.

ПОВРЗАНО: Организирате дружење дома? Откријате 7 совети за добра атмосфера

2. Подгответе катче за пијалаци

Одвојте едно место за пијалаците за секоја да може сама да се послужи. Така ќе имате повеќе време за разговор, а помалку ќе се вртите низ кујната.

Пригответе повеќе опции на кафе, леден чај, лимонада, или вода со лимон, краставица и нане. Ако сакате да послужите мимози, изладете пенливо вино и неколку вида сок. Најпозната е комбинацијата со сок од портокал, но можете да пробате и со праска, јаболко или калинка. 

Поставете чаши, шолји, мраз и исечкани парчиња овошје, па оставете секоја да си направи пијалак по вкус.

3. Послужете јадења што лесно се подготвуваат

За домашен бранч одберете едноставни јадења што изгледаат убаво на масата и не бараат часови поминати во кујната.

Подгответе тостови со авокадо, крем-сирење или димен лосос. Можете да направите и брускети со домати, моцарела и босилек, мини сендвичи со кашкавал и рукола или тортиљи со пилешко и свеж зеленчук. Направете мини проички, солени мафини или мали сендвичи со крем-сирење, краставица и свежи зачини. 

Јајцата послужете ги како омлет со сирење и печурки, кајгана со авокадо или варени со парче потпечен леб. На масата додајте чинија со различни сирења, маслинки, домати, краставици и хумус.

За благиот дел подгответе палачинки со овошје, јогурт со гранола и мед или чиа-пудинг што можете да го направите претходната вечер. Домашни брауни колачи, мафини и сезонско овошје се исто така добар избор.

Слободно договорете се секоја пријателка да донесе по нешто. Една може да подготви десерт, друга да донесе овошје, а трета да се погрижи за пијалаците.

ПОВРЗАНО: Како да го направите вашиот пикник незаборавен?

4. Продолжете ја дружбата со интересна активност

По јадењето, не мора веднаш да ја собирате масата и да се разотидете. Одберете активност што ќе ви даде повод да останете уште малку заедно.

За поопуштена дружба, извадете друштвени игри, карти или стари фотографии. Можете да направите мал албум со заедничките спомени, да размените книги што сте ги прочитале или секоја да препорача филм, серија или место што би сакала да го посетите заедно.

Друга идеја е заедничко правење маски за лице, маникир или испробување нови фризури. Подгответе маски, лакови и омилените производи за нега и претворете го бранчот во мало катче за разубавување.

Ако, пак, сакате повеќе движење, пуштете ги песните што најчесто ги слушавте заедно и организирајте караоке или импровизиран час по танцување.

Ако времето е убаво, продолжете со прошетка низ маалото, посетете локален пазар или едноставно седнете на тераса со уште едно кафе. На крајот, најважна е дружбата и секоја да си замине со чувство дека викендот навистина вредел.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ

Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.

Топ статии оваа недела

Рецепти

Вести од

Не се пронајдени резултати од пребарувањето.