Повеќето девојки уште во адолесценцијата забележуваат дека менструалниот циклус не се сведува само на деновите со крвавење. Во текот на месецот може да се менуваат расположението, енергијата и концентрацијата, а може да се појават и различни физички симптоми.
Најчесто зборуваме за ПМС и за болките за време на менструацијата, бидејќи нив најлесно ги препознаваме. Но нивото на хормоните се менува во текот на целиот циклус, а не само во деновите пред или за време на менструацијата.
Овие промени може да се одразат и врз секојдневието. Во некои денови имате повеќе енергија и полесно ги завршувате обврските. Во други потешко се концентрирате, работите побавно или едноставно ви треба повеќе одмор.
Симптомите и нивниот интензитет не се исти кај сите, а може да се разликуваат и од еден до друг месец. Кога подобро ќе го запознаете сопствениот циклус, полесно ќе ги препознавате овие промени и ќе го приспособите секојдневието на тоа како се чувствувате.
Што носи секоја фаза од циклусот?
Менструалниот циклус поминува низ четири фази, а секоја од нив носи различни хормонални промени. Тие може да влијаат врз енергијата, расположението, концентрацијата и начинот на кој се чувствувате во текот на месецот.
Менструална фаза
Менструалната фаза го означува почетокот на нов циклус. Таа почнува со првиот ден од крвавењето и завршува со последниот, а најчесто трае од два до седум дена.
Што се случува со хормоните?
На почетокот на менструацијата, естрогенот и прогестеронот се на најниско ниво. Токму падот на овие хормони го предизвикува почетокот на крвавењето. Во следните денови естрогенот постепено почнува да расте, додека прогестеронот останува низок.
Како може да се чувствувате?
Во првите денови од менструацијата може да се појават грчеви во долниот дел од стомакот, болка во грбот, главоболка, мачнина или замор. Можно е да имате помалку енергија, потешко да се концентрирате и да бидете помалку продуктивни од вообичаено. Симптомите не се исти кај сите и може да се менуваат од месец во месец.
Што може да ви помогне?
| Ставете топла облога на стомакот или истуширајте се со топла вода. |
| Прошетајте, истегнете се или направете неколку лесни вежби. |
| Нежно измасирајте ги стомакот и долниот дел од грбот. |
| Планирајте го денот со повеќе паузи и помалку обврски. |
| Одвојте време за нешто што ве опушта, како музика, читање, длабоко дишење или медитација. |
ПОВРЗАНО:
Во која од овие животни фази сте? (ПМС, перименопауза, менопауза, постменопауза)
Фоликуларна фаза
Фоликуларната фаза, всушност, почнува со првиот ден од менструацијата. Но најголемиот дел од неа се одвива по завршувањето на крвавењето и трае до овулацијата. Нејзиното времетраење најмногу се разликува од циклус до циклус.
Што се случува со хормоните?
Фоликулостимулирачкиот хормон (FSH) го поттикнува созревањето на фоликулите во јајниците. Еден од нив станува доминантен и во него созрева јајце-клетката што ќе се ослободи при овулацијата. Како што расте фоликулот, се зголемува и нивото на естроген, додека прогестеронот останува низок.
Како може да се чувствувате?
По завршувањето на менструацијата, кај некои жени енергијата постепено се враќа. Можеби ќе имате поголема желба за движење, полесно ќе ги започнувате обврските и ќе ви одговара поактивен распоред. Сепак, овие промени не се исти кај сите и може да се разликуваат од месец до месец.
Како да го искористите овој период?
| Вратете се постепено во вообичаеното темпо, особено ако менструацијата ве исцрпила. |
| Посветете се на задачи што бараат повеќе внимание и концентрација. |
| Започнете нешто ново или направете план за следните денови. |
| Вклучете повеќе движење во денот, ако тоа ви одговара. |
| Планирајте дружења и активности за кои претходно немавте доволно енергија. |
Овулациска фаза
Овулацијата е краток дел од циклусот во кој јајчникот ослободува зрела јајце-клетка. Најчесто се случува околу 14 дена пред следната менструација, а не задолжително на 14. ден од циклусот. Самата овулациска фаза обично трае од 16 до 32 часа.
Што се случува со хормоните?
Пред овулацијата, естрогенот го достигнува највисокото ниво. Потоа нагло се зголемува лутеинизирачкиот хормон (LH), кој го поттикнува ослободувањето на јајце-клетката. По овулацијата, нивото на прогестерон почнува да расте.
Како може да се чувствувате?
Многу жени не забележуваат никаква промена. Кај некои може да се појави краткотрајна болка на едната страна од долниот дел на стомакот. Вагиналниот секрет може да стане попроѕирен, лизгав и растеглив. Енергијата и расположението можат да се менуваат, но не постои едно исто искуство за сите.
Како да го искористите овој период?
| Продолжете со вообичаените активности ако се чувствувате добро. |
| Ако имате повеќе енергија, искористете ја за дружење, важни разговори или посложени задачи. |
| Направете пауза и изберете полесна активност ако чувствувате непријатност. |
| Забележете ги промените што се повторуваат ако сакате подобро да го следите циклусот. |
| Не форсирајте поактивно темпо само затоа што сте во оваа фаза. |
Лутеална фаза
Лутеалната фаза почнува по овулацијата и завршува непосредно пред следната менструација. Обично трае околу 14 дена.
Што се случува со хормоните?
По ослободувањето на јајце-клетката, фоликулот почнува да создава повеќе прогестерон. Во поголемиот дел од фазата и естрогенот останува на повисоко ниво. Ако не дошло до бременост, двата хормона се намалуваат кон крајот на фазата, по што започнува новата менструација.
Како може да се чувствувате?
Во првиот дел од оваа фаза можеби нема да забележите поголеми промени. Како што се приближува менструацијата, може да се појават симптоми на ПМС: надуеност, чувствителни гради, главоболка, замор, желба за одредена храна и промени во расположението. Можно е и потешко да се концентрирате или да имате промени во сонот.
Што може да ви помогне?
| Внесете малку движење во денот, дури и ако е само кратка прошетка. |
| Обидете се да спиете доволно и да се придржувате до сличен ритам на спиење. |
| Јадете редовно и следете дали кофеинот, солената храна или слатките ви ги влошуваат симптомите. |
| Оставете повеќе простор меѓу обврските ако ви паѓаат енергијата и концентрацијата. |
| Најдете начин да се опуштите преку јога, медитација, масажа, пишување или разговор со блиска личност. |
Апликации за следење на циклусот
Апликациите за следење на менструалниот циклус можат да ви помогнат подобро да го запознаете сопствениот ритам.
Фазите не траат исто кај секоја жена, а нивното времетраење може да се менува и од месец во месец. Затоа во апликацијата можете да бележите како се чувствувате, колку енергија имате и кои симптоми ги забележувате.
По неколку месеци можеби ќе препознаете одреден образец. Тоа може да ви помогне полесно да ги планирате обврските и да разберете како различните фази влијаат врз вас.
Слушајте го ритамот на своето тело
За менструалниот циклус денес се зборува многу поотворено. Сè повеќе внимание се посветува и на неговото влијание врз расположението, енергијата и секојдневното функционирање.
Не мора секој ден да имате исто ниво на енергија и продуктивност. Кога подобро ќе го запознаете сопствениот циклус, полесно ќе разберете што ви е потребно во секоја негова фаза.
Наместо да се борите со промените, обидете се да го следите ритамот на своето тело. Така полесно ќе го организирате секојдневието и ќе најдете темпо што навистина ви одговара.