Актуелно

Што е теоријата „Пушти ги“ и како помага во поставувањето лични граници?

Ако во последно време следите содржини за ментално здравје и личен развој, можеби веќе сте наишле на теоријата „Пушти ги“. Името веднаш отвора неколку прашања: Кого треба да пуштиме? Што точно треба да им дозволиме на другите? И како тоа може да ни помогне?

Зад ова необично име стои едноставна идеја - не можеме да го контролираме туѓото однесување, но можеме да одлучиме како ќе реагираме на него. Еве како овој пристап изгледа во секојдневието и како може да ни помогне да поставиме поздрави лични граници.

Што е теоријата „Пушти ги“?

Теоријата „Пушти ги“ е начин на размислување што го популаризира Мел Робинс, мотивациска говорничка, авторка и водителка на поткастот „The Let Them Podcast“.

Суштината е едноставна, престанете да се обидувате да ги контролирате другите и прифатете дека не можете да влијаете врз сè. Според Робинс, на овој начин можеме да си заштедиме многу непотребен стрес, полесно да ги согледаме односите и да зачуваме повеќе енергија за себе.

Идејата ѝ дошла додека нејзиниот син се подготвувал за матурска вечер со пријателите. Групата немала испланирано каде ќе вечера, а Робинс почнала да се грижи како ќе најдат место во последен момент, особено затоа што врнело. Тогаш нејзината ќерка ѝ рекла едноставно да ги пушти да заминат и самите да се снајдат.

Наместо да се вознемирува и да се обидува да го организира секој детаљ, Робинс сфатила дека може да се повлече и да им дозволи сами да ја решат ситуацијата. Подоцна оваа едноставна мисла ја развила во пристап за справување со стресот и поставување лични граници.

Луѓето често ни покажуваат какви се преку своите постапки. Наместо да ја контролирате ситуацијата, да давате бескрајни објаснувања или да се обидувате да ги придобиете, можете да направите чекор назад и да ги оставите да постапат како што сакаат. Тоа значи да престанете да трчате по нив, да ги поправате нивните грешки и да управувате со нивните реакции.

Ова не е психолошки метод или терапија, туку практичен пристап кон личните граници, емоционалната одговорност и секојдневниот стрес. Особено може да им користи на луѓето кои се навикнати да прават сè за другите или се чувствуваат одговорни за туѓите чувства.

Кога ќе престанете да се мешате, работите стануваат појасни. Полесно гледате кој го почитува вашето време, кој навистина се труди да биде дел од вашиот живот и кој очекува вие постојано да го одржувате односот.

Теоријата „Пушти ги“ не значи дека треба да станете рамнодушни или да се откажете од секој однос што не е совршен. Нејзината цел е да не се исцрпувате обидувајќи се да промените однесување што веќе јасно ви кажува нешто. Наместо да ги насочувате времето и енергијата кон туѓите избори, ги насочувате кон она што вие можете да го направите.

Која е главната порака на теоријата „Пушти ги“?

На прв поглед, главната порака се наоѓа во самото име. Сепак, изразот може да звучи премногу неодредено. Неговото значење најдобро може да се објасни со две едноставни реченици:
 
Нечии избори ви даваат важна информација. Тие не се проблем што вие треба да го решите.

Токму тоа е суштината на оваа филозофија. Начинот на кој некој се однесува ви покажува што можете да очекувате од него. Не мора секојпат да барате оправдување, да ја поправате ситуацијата или да го убедувате да постапи поинаку.

Иако Мел Робинс го направи концептот популарен, самата идеја не е нова. Таа се надоврзува на одамна познатите психолошки принципи за личните граници и емоционалната одговорност.

Како може да ви помогне овој пристап?

Кога некој ќе ве разочара или ќе покаже дека не е подготвен да вложи колку што вложувате вие, оставете го неговото однесување да зборува само за себе. Наместо да се обидувате да го приспособите на своите очекувања, погледнете што ви кажуваат неговите постапки.

Тоа може да донесе големо олеснување. Повеќе не се трудите да ја пополните секоја празнина што ја остава некој друг и не трошите енергија обидувајќи се да ја надоместите неговата недоследност. Прифаќате дека можете да го контролирате само својот дел од односот.

Кога ќе престанете постојано да интервенирате и ќе почнете повнимателно да набљудувате, полесно ќе видите што можете да очекувате од одреден однос. Таа јасна слика може да ви помогне да носите поздрави одлуки за себе. Овој начин на размислување може да го намали и стресот. Кога повеќе не се обидувате да ги контролирате туѓите постапки и реакции, се ослободувате од голем дел од непотребната напнатост.

Пристапот може да го намали и чувството на огорченост. Тоа често се појавува кога даваме премногу или се обидуваме сами да воспоставиме рамнотежа во однос во кој таа не постои. Затоа теоријата „Пушти ги“ може да им биде особено корисна на луѓето кои тешко поставуваат лични граници.

ПОВРЗАНО: 7 начини да го смирите нервниот систем веднаш

Како изгледа теоријата „Пушти ги“ во секојдневниот живот?

Како да го примениме овој пристап без да делуваме студено или рамнодушно? Еве неколку примери од секојдневниот живот.
  • На работното место: Ако некој колега постојано ги пробива роковите или не ги завршува своите обврски, не мора секојпат вие да ја спасувате ситуацијата. Водете сметка што сте сработиле, останете доследни на своите граници и не преземајте задачи што не ви припаѓаат. Така ја чувате својата енергија и не ја прикривате туѓата неодговорност.
  • Во љубовните врски: Ако личноста со која се гледате често ги откажува плановите или вложува многу малку во односот, не обидувајте се постојано да ја убедувате да покаже поголем интерес. Повлечете се еден чекор и погледнете што ќе направи кога вие нема да ја туркате врската напред. Нејзината доследност или недоследност ќе ви го даде потребниот одговор. Можеби ќе бидете разочарани, но барем нема истовремено да се справувате со своите чувства и да се обидувате да ја промените другата личност.
  • Во родителството: Ако тинејџерот одбива навреме да ги испланира своите обврски, не мора секојпат да го спасувате кога ќе заборави нешто. Грижата останува, но понекогаш треба да му дозволите да ги почувствува природните последици од своите постапки. Целта не е да го казните, туку да му помогнете да научи да презема одговорност, наместо вие постојано да ги решавате проблемите наместо него.
Во сите овие ситуации важи истиот принцип - набљудувајте наместо постојано да поправате, обрнете внимание на она што луѓето навистина го прават и престанете да се исцрпувате поради нивните постапки. На тој начин можете да градите посмирени и постабилни односи.

Кога теоријата „Пушти ги“ може да стане проблем?

Овој пристап може да биде штетен ако го претвориме во целосно емоционално повлекување. Ако претерате, може да престанете да го кажувате своето мислење, да го избегнувате секој конфликт или пребрзо да ги отпишувате луѓето, без да ја дознаете целата приказна. Понекогаш нечие однесување навистина е знак дека треба да се повлечете. Но понекогаш е потребен искрен разговор.

Теоријата „Пушти ги“ не треба да стане изговор за избегнување блискост, комуникација и разбирање. Ако ја користите само за да се заштитите, може да се оддалечите од луѓето и да пропуштите можност да поправите важен однос или подобро да разберете зошто некој постапил на одреден начин.

Здравата примена на оваа теорија сè уште подразбира отворена комуникација и земање предвид на околностите. Нејзината цел е да ја зачувате својата енергија и да поставите јасни лични граници, а не да ги отстраните луѓето од својот живот.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ

Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.

Топ статии оваа недела

Рецепти

Вести од

Не се пронајдени резултати од пребарувањето.