Актуелно

Дали ашвагандата е тајната за полесно справување со стресот?

Сите сме ја слушнале изреката дека стресот е „тивок убиец“. Иако не можеме целосно да го отстраниме од секојдневието, можеме подобро да го контролираме, а во тоа можат да помогнат и адаптогените растенија како ашвагандата. Додатоците во исхраната со ашваганда даваат најдобри резултати кога се комбинираат со здрави навики што природно го намалуваат стресот како одржување стабилно ниво на шеќер во крвта, прошетки на отворено, вежби за дишење, престој во природа, медитација, водење дневник и слично.

Во ајурведската медицина ашвагандата се смета за моќна билка за обновување, бидејќи го потхранува организмот, помага во неговото закрепнување и ја поддржува долговечноста. Иако со векови се користи во ајурведската практика, во последно време ова растение станува сè попознато и надвор од традиционалната медицина.

Голем дел од нејзината привлечност се должи на тоа што ашвагандата е адаптоген, односно природно средство што му помага на организмот подобро да се приспособи на секојдневниот стрес.

Во ајурведската практика, ашвагандата традиционално се користи за полесно справување со стресот и за постепено враќање на рамнотежата во нервниот систем.

Подобар сон, помалку стрес и поголемо чувство на смиреност звучат привлечно. Сепак, пред да почнете да ја користите ашвагандата, важно е да обрнете внимание на неколку работи.

ПОВРЗАНО: Ајурведа - наука за животот или алтернативна медицина. 

Што е ашваганда?

Ашвагандата (Withania somnifera) е растение што припаѓа на истото ботаничко семејство како доматот, компирот, пиперката и модриот патлиџан. Во додатоците во исхраната најчесто се користи нејзиниот корен, а во некои производи и листовите.

И нејзиното латинско име открива зошто со векови се поврзува со одморот и спиењето. Зборот somnifera значи „она што поттикнува сон“, што упатува на традиционалната употреба на ашвагандата за смирување и подобар сон.

Кои се придобивките од ашвагандата?

На ашвагандата ѝ се припишуваат повеќе потенцијални придобивки, меѓу кои намалување на нивото на кортизол, полесно справување со стресот и анксиозноста, подобар сон и поддршка на когнитивните функции.

Нови клинички испитувања покажуваат дека екстрактот од корен од ашваганда, кога се зема редовно, може значително да ги намали чувството на стрес и анксиозност и да го подобри сонот. Сепак, потребни се дополнителни истражувања со поголем број испитаници и подолг период на следење.

Во ајурведската практика таа се користи и како поддршка во периодите на сезонски промени, особено во есен и на почетокот на зимата.

Кога се менуваат годишните времиња, се менува и нашата внатрешна рамнотежа. Тогаш ашвагандата може да биде особено корисна за зајакнување на виталната енергија или животната сила што го поддржува физичкото и менталното здравје, поврзана со имунитетот, отпорноста и виталноста.

Одредени истражувања ја поврзуваат употребата на ашваганда и со подобрување на функцијата на тироидната жлезда кај лица со хипотироидизам, како и со подобрување на меморијата и когнитивните способности кај возрасни со благо когнитивно нарушување и кај лица со шизофренија. Овие можни ефекти сè уште се истражуваат и не треба да се сметаат за замена за медицинска терапија.

Која форма на ашваганда е најефикасна?

Ашвагандата е достапна во повеќе форми, а нејзиното дејство во голема мера зависи од начинот на употреба и од составот на производот.

За поддршка на сонот или полесно справување со стресот, побарајте производи на кои јасно е наведена содржината на витанолиди.

Ашвагандата содржи различни растителни соединенија, меѓу кои алкалоиди и витанолиди. Токму витанолидите најчесто се поврзуваат со нејзините потенцијални корисни дејства.

Иако повеќето луѓе добро ја поднесуваат, пред да почнете да земате ашваганда или друг додаток во исхраната, важно е да се консултирате со лекар или фармацевт. На тој начин можете да проверите дали постои ризик од заемно дејство со лекови, дали одредена здравствена состојба бара дополнителна претпазливост и дали ашвагандата е соодветна за вас.

Како да се зема ашваганда за најдобри резултати?

Како и кај повеќето додатоци во исхраната, редовната употреба е важна за да се забележат резултати.

Повеќето истражувања покажуваат дека најголемите придобивки се појавуваат кога ашвагандата се зема редовно најмалку шест до осум недели. Се препорачуваат капсули или таблети со стандардизиран екстракт од корен, кој содржи најмалку пет проценти витанолиди.

Течните екстракти и гумените бонбони со ашваганда можеби се попрактични за употреба, но нивната јачина и апсорпција често се разликуваат од производ до производ.

Секогаш следете ја дозата наведена од производителот и советот на вашиот матичен лекар. Ашвагандата не е соодветна за секого, особено за време на бременост и доење, кај одредени заболувања и автоимуни состојби, како и при употреба на некои лекови.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ

Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.

Топ статии оваа недела

Рецепти

Вести од

Не се пронајдени резултати од пребарувањето.