Домашната гранола е еден од оние рецепти што лесно влегуваат во секојдневната рутина. Се подготвува брзо и може да се прилагоди според тоа што веќе го имате дома.
Гранолата што се продава во маркетите често содржи додадени шеќери, адитиви, конзерванси. Постојат и поквалитетни опции, но нивната цена е значително повисока. Затоа домашната варијанта останува едноставен избор што може да се вклопи во секојдневната исхрана.
Ова се неколку начини како да ја вклучите во оброците:
- како појадок со јогурт и свежо овошје
- како брз оброк со млеко
- како додаток врз овесна каша
- како лесна ужина комбинирана со јаткасти плодови
Потребни состојки
| 270 гр. овесни снегулки |
| 65 гр. кокосов шеќер (или кафеав шеќер, шеќер од урми) |
| 40 гр. овесно брашно |
| 20 гр. кокосово брашно |
| 10 гр. чиа семе |
| 130 гр. путер од бадеми |
| 55 гр. кокосово масло (растопено) |
| 80 гр. јаворов сируп (или агаве) |
| 200 гр. темно чоколадо |
| малку сол |
| цимет |
| 1 мала лажичка екстракт од ванила |
Подготовка
- Загрејте ја рерната на 165°C и обложете голем плех со хартија за печење.
- Во голем сад измешајте ги сувите состојки: овесните снегулки, кокосовиот шеќер, овесното брашно, кокосовото брашно, чиа семето, солта и циметот.
- Во друг сад измешајте ги течните состојки: путерот од бадем, растопеното кокосово масло, јаворовиот сируп и ванилата. Мешајте додека не добиете мазна смеса.
- Додадете ги течните состојки во сувите и мешајте додека не се добие хомогена смеса која треба да биде малку леплива и да формира грутки.
- Распоредете ја смесата рамномерно на плехот.
- Печете 20 минути, потоа извадете го плехот и нежно промешајте ја гранолата со лажица или шпатула, за да се распредели повторно рамномерно низ плехот. Завртете го плехот и печете уште 10–15 минути, додека добие златна боја и пријатен мирис.
- Извадете ја од рерна и оставете да се олади 10–15 минути. Додека е сè уште топла, но не жешка, внимателно додајте парчиња од темното чоколадо. Така ќе омекнат доволно за да се поврзат со гранолата, без целосно да се стопат.
- Оставете ја целосно да се олади пред складирање. Гранолата дополнително ќе се стврдне додека се лади. Од кога ќе биде оладена искршете ја на парчиња.