Актуелно
-
28.3.2026
-
Грижа за себе, Здравје
Наскоро започнува летното сметање на времето. Промената ќе се случи во недела, на 29 март 2026 година, во 02:00 часот по полноќ, кога стрелките ќе се поместат на 03:00. Тоа значи дека ќе изгубиме еден час сон, но ќе добиеме подолги и посветли попладниња.
На прв поглед, оваа промена изгледа незначително. Сепак, и ваквото мало поместување може да влијае врз телото и менталната состојба.
Нашиот внатрешен биолошки часовник, кој го регулира сонот, енергијата и рутините, природно се усогласува со изгрејсонцето и зајдисонцето. Кога часовникот на ѕидот одеднаш покажува друго време, телото останува „збунето“ и не може веднаш да се прилагоди.
Во продолжение, што најчесто се случува кога започнува летното сметање на времето:
Може да се чувствувате поуморно
Со губење на еден час сон, сосема е нормално следното утро да се разбудите поспани и без многу енергија. Дури и ако сте навикнати понекогаш да легнувате подоцна или да станувате порано, оваа промена не доаѓа природно. Кога часовникот „ве турка“ да смените ритам, телото не се прилагодува веднаш.
Концентрацијата и вниманието може да опаднат
Кога не сте доволно наспани, фокусот природно опаѓа. Може да ви треба повеќе време да се сконцентрирате, да заборавате ситници или да ви се „губи мислата“ среде работа. Тоа е сосема нормално во првите денови по промената на времето.
Наместо да се форсирате, подобро е да си дадете малку простор. Започнете со полесни задачи, правете кратки паузи и не очекувајте веднаш да функционирате со истото темпо како и обично. За неколку дена, телото ќе си го фати својот ритам.
Расположението може да се влоши
Кога не сте доволно наспани, тоа лесно се одразува и на расположението. Може да бидете малку понервозни, почувствителни или едноставно да „не ви е денот“ без јасна причина.
Плус, утрата по промената на времето се потемни, а токму утринската светлина ни помага да се разбудиме и да се почувствуваме подобро. Кога ја нема доволно, денот може да започне поспоро и со помалку енергија. За среќа, ова чувство обично е привремено и се подобрува штом телото ќе се прилагоди.
Апетитот и желбата за храна се менуваат
Кога сте уморни, телото почнува да бара побрз извор на енергија. Затоа често се јавува желба за благо или покалорична храна, дури и кога не сте навистина гладни.
Исто така, може да забележите дека огладнувате во чудни периоди од денот. Тоа е затоа што ритамот на телото е малку изместен, па сигналите за глад и ситост не доаѓаат во исто време како порано. Сè се враќа во нормала откако ќе се прилагодите на новото време.
Како полесно да се прилагодите
Најдобро е промената да ја направите постепено, наместо одеднаш. Неколку дена пред промената, обидете се да легнувате по 10–15 минути порано. Така телото ќе има време полесно да се навикне на новиот ритам. Ако во недела наутро поспите малку подолго, тоа е сосема во ред. Само обидете се веќе од следниот ден да се вратите на вообичаениот ритам.
Многу помага и утринската светлина. Колку порано излезете на дневна светлина, толку полесно ќе се „разбуди“ телото. Ако утрата се премногу темни, може да ви помогне и посилна вештачка светлина дома. Иако се работи за само еден час разлика, телото го чувствува тоа. Со малку прилагодување и трпение, многу побрзо ќе си го вратите нормалниот ритам.