-
05.1.2026
-
Грижа за себе, Здравје
За многумина, денот не почнува без кафе. Брзо, топло и секогаш при рака. Кај дел од луѓето, токму кафето станува и замена за појадок, најчесто од практични причини - немање време, немање апетит наутро или едноставно навика што трае со години. Прашањето е што навистина му правиме на телото со оваа навика?
Кафето го стимулира нервниот систем и го крева нивото на будност. Тоа е причината зошто по неколку голтки се чувствуваме поразбудени и пофокусирани. Проблемот настанува кога организмот добива стимуланс без „гориво“. Кофеинот испраќа сигнал дека денот започнал, а телото нема добиено енергија од хранливи материи.
Во таква состојба, телото почнува да користи резерви, пред сè шеќерот во крвта и хормоните на стрес. Краткорочно можеби не се чувствува ништо, но долгорочно ваквиот „празен старт“ може да создаде замор, нервоза и пад на концентрацијата подоцна во денот.
Кога појадокот се прескокнува, нивото на шеќер во крвта останува ниско. Кофеинот дополнително го стимулира ослободувањето на кортизол, хормонот на стрес, што може уште повеќе да ја наруши стабилноста на енергијата.
Резултатот е познато сценарио: првите часови се поминуваат со привидна енергија, а потоа следи нагол пад. Се јавуваат главоболка, раздразливост, силна желба за благо или брза храна.
Кафето ја стимулира продукцијата на желудочна киселина. Кога се пие на празен стомак, ова може да предизвика непријатност, киселини, чувство на печење или подуеност, особено кај луѓе со чувствителен дигестивен систем.
Интересно е што кафето често го потиснува чувството на глад. Тоа може да звучи како предност, но во пракса значи дека апетитот се враќа подоцна, најчесто неконтролирано. Многу луѓе кои го прескокнуваат појадокот, на ручек јадат побрзо и повеќе отколку што им е потребно. Телото се обидува да надомести за пропуштената енергија и хранливи материи, што често води кон прејадување или избор на калорична, но нутритивно сиромашна храна.
Појадокот не мора да биде голем оброк ниту традиционален. Јогурт, овошје со јаткасти плодови, парче интегрален леб или дури и банана може значително да го намалат негативниот ефект од кафето.
Заменувањето на појадокот со кафе е една од оние навики што лесно се прифаќаат и тешко се менуваат. Не создава веднаш проблем, но со време влијае на енергијата, варењето и начинот на кој телото се справува со секојдневниот напор.