Ледената кралица од Македонија: Интервју со Бетика и нејзината инспиративна приказна

Во светот на екстремните авантури, каде што физичките и менталните граници се поместуваат секојдневно, една Македонка се издигнува како вистинска ледена кралица. Бети Котовчевска или Бетика, 28-годишна авантуристка од Ресен, стана симбол на отпорност и сила, со нејзината извонредна способност да се капе во екстремно ладни води.

За Бетика ќе откриеме како започнала нејзината авантура, како ја трансформирала нејзината болка во моќ, и кои се нејзините најголеми достигнувања (за сега) и планови за иднината.

Бетика ја започнала својата авантура со капење во ладни води не поради желба за авантура, туку од неопходност. Во младоста, на 18 години, преживеала тешка сообраќајна незгода која ја оставила неподвижна речиси две години. Во тие моменти на тага и депресија, одлучила да најде лек во природата. Истражувајќи, наишла на методот на Вим Хоф, кој станал нејзин водич и инспирација. Почнала со апликација на ладна вода само на нејзината повредена нога, а потоа постепено ги надминала своите стравови и се посветила на целиот процес.

Можеш ли да ни кажеш како започна твојата авантура со капење во ладни води?

Посакувам да беше авантура, ама јас си почнав од мака… Моето патешествие започна на 18 годишна возраст, кога при сообраќајна незгода настрада мојата лева нога, која што беше во многу лоша состојба. Бев неподвижна скоро две години и во тие моменти на тага и депресија помеѓу четири ѕида имав многу слободно време па решив лекот да го барам во природата.

Почнав да истражувам за ладната вода и налетав на мојот втор татко Вим Хоф, па почнав да го истражувам неговиот метод. Бев девојка која што си ја гореше кожата со топла вода, па овој процес беше навистина тежок, го одев бавно и пополека, уплашена пливав во непознатото.

Започнав со апликација на ладна вода само на мојата повредена нога, тешко ми беше, ги мразев првите 30 секунди со ладен туш, за на крај да завршам рушејќи екстремни рекорди и да докажам колку многу потенцијал крие секое човеково тело и ум.

Првиот пат кога се капела во екстремно ладна вода било во Лапонија, каде што живеела две години. Финската култура на капење во ладни води и сауни станала нејзино секојдневие. Спомнува дека чувството било неверојатно, опишувајќи го како „високо ниво на среќа и спокој“. 

Како се почувствува кога прв пат се капеше во екстремно ладна вода, особено во Лапонија на -34 целзиусови степени?

По две години практикување на методот на Вим Хоф, животот ме однесе во Лапонија, каде што живеев две години. Во Финска капењето во ладни води е секојдневие. Финците секојдневно го изложуваат телото на топло и ладно. Прво, одат на загревање во сауна, а потоа во замрзнатите езерца, а тоа го прават и деца и возрасни, буквално сите.

Па така полека се вклопував во целата таа Лапонска магија, секој ден се усовршував се повеќе и повеќе, за да бидам спремна кога ќе дојде зимата. Ни дојде зимата и дневните температури изнесуваа -27, а вечерните достигнуваа до -34. Кога излегував од домот за не цели 30 секунди ми смрзнуваше цела коса, трепките, веѓите буквално сѐ.

Како се почувствував ? Ах, се ежам. Ако тоа чувство би можела да го опишам со зборови – високо ниво на среќа и спокој.

Моментот кога излегов од замрзнатото езерце беше волжебен и незаборавен, тогаш буквално се осетив како ледена кралица, сите капки вода на моето тело замрзнаа во секунда заедно со мојата коса,цела светкав  – се претворив во мразулец (се смее).

Како природата влијае врз твоето ментално и физичко здравје?

Ние сме сите деца на мајка природа, и таа буквално има исто влијание врз сите нас. Моето мото е – имаш 24 часа во секој ден, ти бираш како ќе ги искористиш, ти си креатор на сопственото ментално и физичко здравје и најважно од сѐ е да преземеш одговорност.

Многу истражувања покажуваат дека времето поминато пред екраните е поврзано со губење на епматија, сочувство и чувство на изолација од надворешниот свет, а тоа не сум јас.

Јас сметам дека човекот припаѓа во природата, а од таму доаѓа физичкото и менталното здравје, кога сум во природа си го лечам телото и душата. Поконкретно битисувањето по шуми ми го намалува стресот, имам поголема концентрација, ме учи на поголема благодарност за сѐ што ни е дадено. Многу истражувања покажуваат дека времето поминато во природа влијае врз нашата меморија и емоции, ја лечи и депресијата, анксиозноста ,ни ја подобрува креативноста.

Колкумина од вас што ме читате моментално, сте ги соблекле обувките и сте газеле боси?

Не, не е налудничаво да одите боси! Тоа е директно поврзување со мајка Земја која што пак ги успорува сите инфламаторни дејствија.  

Колкумина од вас сте гушнале дрвце?

Корените на дрвјата се длабоко во земјата и се чист извор на енергија. Пробај, увери се. За бенефитите од природата можам да ви зборувам со денови,но мислам ова е доволно за да направите некаква промена во вашиот живот. Излези вдиши, издиши и гушни ја мајка природа, таму припаѓаш.

Како се подготвуваш ментално и физички пред да се капеш во толку ладни води?

Со методот на Вим Хоф се занимавам активно осум години па сега веќе ми е многу нормално и лесно влегувањето во ладни води, немам некои посебни припреми како порано. Од моментот кога ми кликна дишењето, сѐ ми е полесно.

Вим Ховиот метод има три столбови и тоа ладна вода, посебна техника на дишење при влегување во ладни води и најважното – дисциплината. Така што пред влегување во толкава екстрема, прво го адаптирам разголувам телото -се аклиматизирам, имам сесија на дишење каде што тотално се смирувам, па потоа сум спремна за капение.

Дали имаш некоја посебна техника или ритуал кој го следиш пред и после капење во ладни води?

Методот на Вим Хоф има посебни техники за загревање откако ќе го изложиме телото на толкава екстрема, доколку до нас немаме сауна.

Се загреваме самостојно со дијафрагматско дишење, правиме посебни движења (horse stance), а доколку имаме сонце секако се насочуваме кон него и дишеме.

Како твоето тело се адаптира на овие екстремни услови и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш?

Човечкиот потенцијал е многу, многу голем, ние немаме воопшто појма колку силни битија сме. Премногу сум благодарна што со текот на времето полека откривам дека нашето тело нема граници, умот е тој што ги поставува.

Секој жив човек на планетава Земја може ова да го прави, бидејќи ја имаме таа моќ, а ако се вратиме на нашите предци тие не ни имале топла вода. Секое тело е адаптибилно на сѐ. Дишењето е клучот, во Македонија 90% од луѓето не знаат правилно да дишат. Се адаптирам со здивот, станувам едно со здивот и срцето. Предизвици немам, толку е едноставно, но луѓето сакаат да си комплицираат.

Што те привлече најмногу кај Вим Хоф методот и како го користиш во твојот секојдневен живот?

Вим Хоф е мојот втор татко, најмногу ме трогна неговата животна приказна кога неговата жена се самоубива и го остава сам со 4 деца. Делевме слична болка тој ја губи најголемата љубов, а јас ја губам мојата нога.

Вим Ховиот метод едноставно ме врати во живот, секојдневното капење во ладна вода ми дава преголема енергија, живост, здравје и сѐ што ми треба за среќен и витален живот.

А најмногу ме привлече присутноста во сегашниот миг. Мноу често ние сакаме да лутаме во минатото или иднината, а тоа е само илузија. Присутноста во сегашниот момент – тоа е магијата на ладната вода, кога си таму не можеш да мислиш, тогаш чувствуваш и дишеш. Ладната вода ме научи да живеам сега и овде, а тоа е најголемата среќа.

Кој момент од твоето искуство со Вим Хоф методот ти е најдраг и зошто?

Најубавиот момент е што од девојка која што мразеше ладна вода станав единствената Македонка на Балканот со екстремни рекорди.

Искусив експедиција на Вим Хоф со други десет инструктори од кои ја црпев цела едукација, постанав единствена Македонка која што ги искачи Француските Алпи во шорц и маичка и искрено најдраго ми е што баш јас кршам едно многу големо табу во оваа мила држава, каде што сите не увериле дека ладната вода ќе не убие, а напротив докажани и покажани се сите бенефити што таа ги дава.

Но ако јас треба да го голтнам овој голем залак, со многу љубов ќе го направам тоа. И за крај од сите овие убајни би го дозволила најдрагиот момент – секојдневно менувам многу животи и тоа е најголемиот благодет за мене и за овој живот. Им помагам во нивниот процес ги гледам како мои деца. Нажалост јас бев сама во мојот пат, но за среќа тие не се сами, тие можат да учат од единствениот извор на Вим Хоф во Македонија. Најмладиот мој ученик бил 4 годинки , а најстариот 68. Сите можеме, важно е само колку сакаме да направиме промена.

Можеш ли да ни раскажеш повеќе за експедицијата во Франција, како започна и како беше да ги искачуваш Алпите без храна и вода?

Вим Хоф експедициите се буквално пливање во непознатото. Немавме распоред бидејќи нашиот учител секогаш кажува – go with the flow. Бевме  прекрасна група од единаесет инструктори од целиот свет, меѓу кој јас бев најмладата со 28 години а најстариот инструктор имаше 65 години. 

Имав чест да учам од многу поискусни од мене, се претворив во уво. Секој ден бевме во неизвесност, а тоа беше прекрасно и незаборавно затоа што ние луѓето сакаме да знаеме сѐ пред време. Експедицијата започна со сесија дишење, сè уште не се познававме а веќе легнавме еден до друг и со здивот се запознававме.

Секој ден имавме различни предизвици, почнувајки со капење во кадичка која што е 80% мраз, до  континуирано дишење со саати, гушкање, многу многу плачење и ослободување од коренски трауми.

Овој метод не учи на љубов, прифаќање, живеење во сегашниот момент, не учи дека сите емоции се добредојдени какви и да се – наши се, тука сме да ги искусиме. Гледав како мажи колку татко ми буквално липаат, затоа што нас не учеле не плачи мајче. Гледав како сите до еден си го отвараме срцето без да се плашиме да чувствуваме. Дишевме љубов и секој ден ги поместувавме границите на човечкиот ум.

Најтежок ми беше третиот ден кога имавме рециклирање на мозокот и телото а тоа подразбира повеќе пати да се вратиш во кадата полна 80% мраз, со многу мали прекини, што е доста екстремно кога една жена e во циклус.

Искачувањето на алпите сите претпоствавувавме дека ќе биде шестиот ден, бидејќи седмиот ден беше последен и требаше да си одиме. Но, нашиот инструктор Леандре по завршеток на третиот ден ни соопшти – „Дечки заклучно од овој момент не смеете да пиете вода ниту да јадете храна, утре ги качуваме Алпите“. Секако дека останавме шокирани, а тој само ни рече – „Спремни сте“!

Тргнавме рано изутрина гладни жедни и замрзнати. Воопшто не е пријатно, морам да признам. И тогаш кажав и сега пак ќе кажам ова го направив и за сите жени. Во втор ден од месечниот циклус, јас веќе на пола пат тргната, мислите ми беа водилка, мислите се побрзи од светлината, а мојата мисла беше „keep going Queen, веќе си таму“. Чекор по чекор, здив по здив полека се искачувавме имавме само две подолги паузи на кои лежевме на мразот.

На почеток си викаш зошто решив да си го направам ова, зошто? Но на крајот ги наоѓаш сите одговори и го наоѓаш скриениот потенцијал на детето што било некако стопирано да расте и да истражува.

Како единствена жена Македонка гордо си го кренав знамето наше македонско и со солзи си ја прославив најголемата победа, а тоа не беше искачувањето на алпите, тоа беше искачување и спуштање на алпите без болка во моето колено. Наредните два дена продолжија со исто темпо, многу мраз и дишење. 

Ние доаѓаме на овој свет со првиот здив а со последниот си одиме. Затоа во меѓувреме треба да научиме како правилно да дишеме – вдиши длабоко за да искусиш чуда. Вечно ќе им бидам благодарна на моите фанови кои ми го овозможија ова патување.

Како гледаш на врската помеѓу природата и здравјето? 

(последно имаше повреда на коленото, од која повреда за неверојатно брзо време успеа да „застанеш на нозе“ и да се вратиш на секојдневните активности)

За мене природата е мојот најголем лек,таа може да не излекува буквално од сите болести или повреди. Нажалост да, имав повреда на истата нога на истото колено, што ми ја повреди и душата буквално бев скршена и не можев да верувам зошто баш тоа колено. Господ ме успори за да видам колку сум силна, понекогаш заборавам, имав точно десет дупки од шајки под коленото што беа длабоки и првите три дена едвај и да можев да одам.

Во моето лекување ја вклучив мајка природа за раните правев различни тинктури од билки, за лузните кантарион, а за болката користев константно мраз, наместо апчиња си праев чаеви за смирување. Цела моја енергија ја насочував во моето болно колено со мојата мисла и така секој ден непрекинато по повеќе пати, веќе четвртиот ден одев, а на десетиот ден немав ништо. Се смеев и плачев, реков сполај ми ти Господе што ме успори за да видам. Лекцијата научена..

Кои места во Македонија ти се омилени за капење во студена вода?

Секаде каде што има вода ме има мене. Го имаме Охридско Езеро, нашиот бисер, мојата длабока конекција е навистина многу моќна. Но, ако веќе треба да издвојам омилени ми се Бабунски водопади, а во зима ми е идеално Ротинско езерце затоа што замрзнува и е магично. Исто така и Вевчанска локва ми е засекогаш во срцето. Ма цела Македонија ни изобилува со шуми и води, ве молам да ги зачуваме и за нашите идни генерации.

Дали имаш некоја интересна или забавна анегдота од твоите авантури со капење во ладни води?

Најчесто сум сама на сите мои капенија во природа. Најголема поддршка е мојата фамилија психички, а физички секогаш присутно моето куче Луна. И така беше еден јануарски ладен ден си се залетав јас на мразот, и поштено си се треснав и паднав, а никогаш немам навика да станувам одма затоа што ја набљудувам болката. Па така и тогаш не станав и кога во еден момент ја гледам Луница влегува во мразот да ме спаси. Никогаш нема да го заборавам првиот ice-bath на Луне, пресмешни си бевме и двете смрзнати ама типката тргна да ме спаси (се смее).

Што е следната голема авантура која ја планираш и што би сакала да постигнеш во иднина со твоите активности?

Некако срцето ми вели дека јас сум вечен патник, обожувам да патувам, ретко се стишувам и мразам монотонија. Кога не патувам надвор од Македонија истражувам во сопствената ми прекрасна земја. Планирам да и се вратам повторно во Финска, таа земја има дел од моето срце и душа, луѓе со многу висока свест и емпатија за природата. 80% од Финска е шума, и секако суровоста на Лапонија вечниот елексир на младоста.

Во иднина сакам уште повеќе да си го отворам срцето и душата, да искусувам и да учам, во моето патешествие сакам да ги вметнам и моите луѓе Македонците, сакам да изградиме здраво општество,среќно, задоволно. Луѓе кои ќе поминуваат повеќе време во природа, кои ќе се капат во ладни води, здрави луѓе со силни имунитети. Во иднина замислувам како мојата фамилија расте, и расте – во љубов, во среќа, во радости.

Какви совети би им дала на оние кои сакаат да го пробаат капењето во ладни води за прв пат?

Би им кажала да не се плашат како што се плашев јас, би им кажала да го усовршат дишењето не само за ладна вода, него за квалитетен  живот, би им кажала да дишат во стресот, за на крај да искусат љубавина.

А за крај би им кажала слободно да ме контактираат на мојот инстаграм профил _betika_  затоа што ме имаат и сум достапна во нашата мила Македонија, само за нив, а јас со отворено срце ќе споделам се што знам. И ќе продолжам да им ги менувам животите.

Бетика отсега, покрај на инстаграм профилот, може да ја најдете и на YouTube, каде на својот канал Betika-Ice Queen го споделува нејзиното знаење. „Многу долго се спречував да отворам свој Јутуб канал, но сфатив дека сето ова знаење ако не го споделам ќе остане само за мене“ – вели таа. 

И додека ги раскажува своите приказни и искуства, Бетика не остава простор за сомнеж дека секоја капка студена вода која ја допира нејзината кожа е всушност капка живот и сила. Како што таа продолжува да ги надминува своите граници, се отвораат нови хоризонти и предизвици кои чекаат да бидат освоени. Вистинската авантура никогаш не завршува, таа само се трансформира, подготвена да го инспирира секој што ќе се осмели да погледне во непознатото и да открие колку е навистина силен човечкиот дух.

Времето поминато во ладната вода можеби изгледа екстремно, но за Бетика, тоа е патот кон слободата, здравјето и внатрешниот мир. Зошто и ние да не пробаме? Вдиши длабоко, излези надвор и дозволи си да ја почувствуваш магијата на природата. Бетика ве чека да се приклучите на нејзината авантура.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ

Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.

Топ статии оваа недела

Рецепти

Вести од Рецепти

Чиа пудинг со малини

Ако барате лесен, здрав и вкусен десерт што ќе ги задоволи вашите желби за слатко без чувство на вина, тогаш овој чиа пудинг со малини е совршен избор за вас.

Прочитај повеќе

Турска паста (леќа + доматно пире + грчки јогурт)

Кога немате многу време, а сакате да подготвите нешто вкусно и здраво, овој рецепт е вистински погодок. Не секогаш имаме време за готвење со саати, но тоа не значи дека треба да се откажеме од добар оброк. Ова е едно од оние јадења што се прави без многу мака, а ќе ве изненади со вкусот.

Прочитај повеќе

Паста со брокула и сос од кокос

Ако барате брз и здрав оброк кој е идеален за секоја пригода, тогаш оваа паста со брокула и сос од кокос е вистинскиот избор за вас. Овој вегански рецепт е лесен за подготовка, здрав и вкусен – совршен за љубителите на здравата храна.

Прочитај повеќе