Стефанија Стојанова веќе десет години работи како физиотерапевт, но нејзиниот однос кон телото почнал многу порано, преку спортот и личното искуство со повреда. Како активна ракометарка се соочила со проблеми со ’рбетот, искуство што ѝ покажало колку се важни правилното движење, превенцијата и навремената грижа за телото.
Денес таа е основач на „Коректива“ и најголем дел од својата работа го насочува кон корективна гимнастика и работа со луѓе кои сакаат да се движат полесно, да живеат со помалку болка и подобро да го разберат сопственото тело. Нејзиниот пристап не се задржува само на третманот, туку оди подлабоко во навиките, движењето и секојдневието на човекот.
Со Стефанија разговараме за болката што често ја третираме како нормална, за лошото држење, стресот, седечкиот начин на живот и промените што можат да направат разлика.
Вие сте основач на „Коректива“ и дипломиран физиотерапевт. Што ве натера да создадете простор што не е само место за масажа, туку студио со поширок пристап кон телото?
Најискрено, желбата да им помагам на луѓето. Физиотерапијата за мене не е само професија, туку и работа што има многу човечка страна. Коректива ја создадов како мало катче каде што секојдневно работиме со луѓе и им помагаме не само да се ослободат од болката, туку и да создадат подобри навики, подобро движење и поквалитетно секојдневие. Најголемата награда за нас не е само кога ќе исчезне болката, туку кога ќе видиме човек кој повторно се движи со сигурност и се враќа на работите што ги сака.
Името „Коректива“ звучи како идеја за враќање во баланс, исправување, корекција. Што за вас значи „корекција“ - да се исправи телото, да се намали болката или човек повторно да стекне доверба во себе?
За мене, корекцијата не значи само помалку болка или подобро држење. Таа значи промена на навиките, подобро разбирање на сопственото тело и создавање услови за поактивен и поквалитетен живот. Токму затоа ја создадовме Коректива, како место каде што се работи на долгорочни промени, а не само на краткорочно олеснување.
Каков однос кон телото забележувате кај луѓето денес - дали повеќе го користиме телото отколку што се грижиме за него?
Според моето искуство, свеста кај луѓето за грижата за сопственото тело се зголемува. Сè повеќе луѓе доаѓаат превентивно, а не само кога веќе имаат болка. Тоа е навистина позитивна промена, иако сè уште има простор повеќе да зборуваме за важноста на редовното движење, навиките и превенцијата.
Кога би требало човек да дојде кај физиотерапевт - кога веќе има болка или многу порано, кога телото почнува да дава мали сигнали?
Секогаш велам дека е подобро да се реагира порано отколку подоцна. Телото ретко „испраќа“ болка без претходно да даде некакви сигнали како вкочанетост, замор, чувство на тежина, ограничено движење или непријатност при секојдневните активности. Не треба да се чека болката да стане неподнослива за да се побара помош. Ако болката трае повеќе од 3 до 5 дена или постојано се враќа, тоа е знак дека телото бара внимание и стручна проценка.
Во вашата работа секојдневно гледате луѓе со болки, лошо држење и вкочанетост. Што најчесто стои зад тие симптоми?
Најчесто зад овие симптоми стојат седечката работа и долгите часови поминати во иста положба. Денес многу луѓе работат по 8 или повеќе часа пред компјутер, со многу малку движење во текот на денот. Дополнително, често гледаме и стари повреди кои не биле навреме третирани или целосно рехабилитирани.
Денес многу луѓе велат „ме боли вратот“, „ме боли грбот“, „ми се кочи рамото“, но тоа го сметаат за нормално. Кога болката не треба да се игнорира?
Кога трае подолго време, кога се повторува или кога почнува да влијае на секојдневните активности. Болката е порака од телото, не нешто на што треба да се навикнеме и да го трпиме како нормално.
Кои се најчестите грешки што луѓето ги прават кога ќе почувствуваат болка - мирување, масирање дома, чекање да помине, вежби од интернет?
Најчесто чекаат болката сама да помине, целосно мируваат или прават случајни вежби од интернет. Секое тело е различно и затоа е важно прво да се утврди причината. Јас секогаш велам дека најдобро е да побараат мислење од стручно лице, затоа што не постои едно решение што важи за сите.
Колку нашето тело ја „памети“ секојдневната рутина - седењето пред компјутер, телефонот, спиењето, стресот, начинот на кој одиме или стоиме?
Телото многу добро ја памети нашата рутина. Долгото седење, малку движење, неправилната положба пред компјутер или телефон, стресот и начинот на кој се движиме секој ден со време создаваат обрасци. Тие потоа можат да се појават како вкочанетост, болка, намалена подвижност или чувство дека телото е постојано напнато.
Во последните години сè повеќе луѓе работат седечки, од дома или пред екран. Дали забележувате промена во типот на проблеми со кои доаѓаат клиентите?
Апсолутно. Денес сè почесто гледаме проблеми поврзани со седечкиот начин на живот како болки во вратот, грбот, рамениците и намалена подвижност, дури и кај помлади луѓе.
Колку стресот навистина се гледа во телото? Физиолошки - преку мускулна напнатост, дишење, болка, замор?
Многу. Стресот често се гледа преку вкочанет врат и рамена, плитко дишење, главоболки, замор и хронична мускулна напнатост. Телото многу јасно реагира кога сме под притисок, само што често не го поврзуваме тоа веднаш со стресот.
Често се зборува за лошо држење, но луѓето најчесто го разбираат само како естетски проблем. Што всушност се случува во телото кога држењето долго време е нарушено?
Не се менува само изгледот. Се менува распределбата на оптоварувањето во телото, мускулите работат нерамномерно, а зглобовите и ’рбетот трпат дополнителен стрес. Со време тоа може да доведе до болка, вкочанетост и ограничување во движењето.
Дали постои „правилно држење“ што важи за сите, или секое тело има своја приказна, свои компензации и свој начин на движење?
Не постои едно совршено држење за сите, но постојат граници на нормална поставеност на телото и ’рбетот. Најчесто проблемот не е само во тоа како седиме или стоиме, туку колку долго остануваме во иста положба. На телото му треба движење, промена на позицијата и активност во текот на денот. Затоа често велиме дека најдоброто држење е она што редовно се менува.
Кога зборуваме за ’рбетот, луѓето често се плашат од зборови како сколиоза, дискус хернија, ишијас, кифоза. Како да се зборува за овие состојби без паника, но и без потценување?
Во пракса, многу често прво го лекуваме стравот, па потоа дијагнозата. Луѓето доаѓаат исплашени од термини како сколиоза или дискус хернија, а најважно е прво да разберат што тие навистина значат. Дијагнозата не треба да биде причина за паника, туку почетна точка за правилен третман.
Многумина мислат дека масажата е луксуз или нешто што се прави само за релаксација. Каде е границата меѓу релакс масажа и терапевтски пристап?
Релакс масажата е насочена кон опуштање, намалување на стресот и чувство на благосостојба. Терапевтскиот пристап оди чекор подлабоко и преку проценка на состојбата се бара причината за проблемот и се избира соодветна мануелна техника.
Кога масажата може да помогне, а кога не е доволна сама по себе и мора да се вклучат корективни вежби, проценка или друг тип третман?
Масажата може многу да помогне кај мускулна напнатост, болка и ограничена подвижност, особено кога е дел од правилно проценет пристап. Но, кога причината за проблемот е поврзана со слабост, лоши движечки навики или структурни промени, потребно е да се вклучат корективни вежби и дополнителни третмани за да се добие долгорочен резултат.
Како изгледа индивидуалниот пристап - што гледате пред да одлучите дали некој има потреба од масажа, вежби, мобилизација, истегнување или комбинација?
Ги гледаме држењето, движењето, мускулниот баланс, подвижноста и причината за проблемот. Врз основа на тоа одлучуваме дали е потребна масажа, вежби, мобилизација, истегнување или комбинација од повеќе техники за да се добие најдобар резултат.
Корективните вежби често звучат како нешто „медицинско“ или сериозно, но всушност се многу практични. На кого би му препорачале корективни вежби?
Корективните вежби се наменети за секој што сака да го подобри начинот на кој се движи, држењето на телото и функцијата на мускулите. Не се само за луѓе што веќе имаат болка, туку и за оние што сакаат превентивно да спречат проблеми.
Што е поважно за долгорочно подобрување - третманот што се случува кај вас во студио или малите навики што човек ги прави секој ден дома?
Ова ми е една од омилените теми, бидејќи секојдневно потенцирам дека не е важен само еден час поминат во „
Коректива“, туку и она што го правиме надвор од студиото. Третманот и насоките што ги даваме се важен дел од процесот, но малите навики, правилното движење и грижата за телото секој ден се тие што носат долгорочна промена.
Ако треба да издвоите три секојдневни навики што најмногу го нарушуваат телото и три мали навики што можат да направат голема разлика за грбот, вратот и општото чувство во телото, кои би биле тие?
Најчесто телото го нарушуваат долгото седење без пауза, недостатокот на движење и неправилните навики при секојдневните активности. Малите промени како редовно раздвижување, свесно држење на телото и неколку минути вежби за мобилност и сила секој ден можат да направат голема разлика за грбот, вратот и целокупното чувство во телото.
Кој е вашиот наједноставен совет за луѓе што сакаат да почнат подобро да се грижат за телото, но немаат време, навика или дисциплина?
Најважно е да не чекате совршен момент или многу слободно време туку да започнете со мали, но редовни промени. Триесет минути движење, истегнување или свесна грижа за телото секој ден се подобри од повремени големи напори, бидејќи континуитетот е тоа што носи резултат.
Во вашата работа има и физички и човечки аспект. Како се гради доверба кога некој доаѓа со болка, страв, непријатност или претходно лошо искуство?
Довербата се гради со слушање, разбирање и чувство на сигурност кај човекот што ни го доверил своето тело. Важно е секој да знае дека неговата болка се сфаќа сериозно и дека заедно работиме кон подобро чувство и подобра функција.
Како изгледа вашиот личен однос со телото, движењето и одморот? Дали физиотерапевтите секогаш го практикуваат тоа што им го советуваат на другите?
Моето десет годишно искуство во работата со телото не ми дозволува да не размислувам за грижата за сопственото тело па затоа движењето и одморот се дел од мојата секојдневна рутина. Секако, и ние сме луѓе и имаме напорни денови, но токму преку личниот пример најдобро разбираме колку малите навики можат да направат голема разлика.