Сите имаме денови кога не можеме да се сконцентрираме, без разлика дали сме на работа или дома. Често вината ја бараме во заморот, мобилниот телефон или недостатокот на мотивација. Но, има уште еден фактор што многу ретко го земаме предвид – храната. Храната има многу поголемо влијание врз нашата способност за концентрација отколку што мислиме – и често, токму она што мислиме дека ни помага, всушност ни штети.
Шеќер
Иако шеќерот кратко време дава чувство на енергија, многу брзо по неговата консумација следува пад на концентрацијата. Телото реагира со замор, а умот станува маглив. Ова важи не само за чоколадо и слатки, туку и за скриени извори на шеќер – овошни сокови, засладени јогурти и смути со додадени сирупи.
Бел леб и пецива
Производи од бело брашно – леб, кроасани, бурек, пици – брзо се дигестираат, предизвикувајќи нагло зголемување на шеќерот во крвта. Како резултат, концентрацијата опаѓа, а телото бара одмор. Со тек на денот, ова се повторува, оставајќи нè со чувство дека не можеме да се сконцентрираме ни на наједноставна задача.
Кафе
Умерена количина кафе може да помогне за подобар фокус, но премногу кофеин ( повеќе од 3 шолји дневно) има спротивен ефект. Премногу кафе во текот на денот може да предизвика раздразливост, проблеми со спиење и неможност за подолготрајна концентрација.
Брза храна
Бургери, помфрит, прженици, грицки и слични оброци што брзо заситуваат, но тешко се варат, често доведуваат до чувство на тежина и мрзеливост. Заситените масти и адитивите во ваквата храна го забавуваат протокот на крв во мозокот, што директно влијае врз вниманието и будноста.
Гранола барови и сушено овошје
Многу производи што се претставуваат како здрава ужина се преполни со додаден шеќер, скроб и вештачки засладувачи. Наместо стабилна енергија, тие често предизвикуваат краткотраен скок на енергија, по што следи нагло опаѓање.
Алкохол
Дури и умереното консумирање алкохол навечер може да има последици утредента. Алкохолот го нарушува длабокиот сон и доведува до замор, бавна мисла и лоша концентрација, дури и ако лицето спиело 8 часа.
Концентрацијата не зависи само од навики и волјата. Она што секојдневно го внесуваме во организмот, директно го обликува нашиот ментален капацитет. Ако често се чувствуваме расеано и ментално исцрпено, вреди да размислиме не само што правиме – туку и што јадеме