Мислиш дека ја хидрираш кожата правилно, но таа упорно ти враќа со сувост, затегнатост и лупење? Можеби проблемот не е што не ја негуваш, туку што секојдневно и несвесно правиш работи што ја прават кожата постојано дехидрирана.
Еве пет секојдневни навики што тивко ѝ прават штета на твојата кожа.
1. Долги и жешки туширања
Да, знаеме... ретко што е поубаво од долго, топло туширање после напорен ден. Но жешката вода ја отстранува природната заштитна маснотија од кожата, оставајќи ја изложена и дехидрирана. Ако плус користиш агресивни гелови за туширање, комбинацијата е уште поштетна.
Совет: Наместо врела вода, користи млака. Ограничи го туширањето на 10-тина минути и заврши со нежен хидратантен лосион додека кожата е сè уште малку влажна.
2. Прескокнување на хидратантна крема
Сите сме го направиле тоа излегување од дома „набрзинка“ без да ставиме крема, мислејќи дека ќе ставиме подоцна. Ама таа „подоцна“ обично никогаш не доаѓа.
Кожата има своја природна бариера, но без дополнителна хидратација — особено во зима или кога си во климатизирана просторија — таа почнува да пука, се суши и губи еластичност.
Совет: Хидратантната крема нека ти биде секојдневен ритуал, веднаш по миење лице или туширање.
3. Прекумерна употреба на сапун (особено на лице)
Сапунот може да биде премногу „добар“ во својата работа — тој не само што ги отстранува нечистотиите, туку и природните масла што ја одржуваат кожата мека и заштитена.
Ако миеш лице со обичен сапун два пати на ден, тоа веројатно веќе ѝ нанесува штета.
Совет: Замени го сапунот со нежен гел или пена за миење, формулирани за лице и pH неутрални. И запомни — два пати дневно е максимум.
4. Недоволно внесување на вода
Внатрешната хидратација е исто толку важна колку и надворешната. Ако не пиеш доволно вода, кожата ти ќе го покаже тоа — ќе стане сива, безживотна, затегната и лесно ќе се суши.
Совет: Почни со чаша вода наутро. Додај парче лимон или краставица. Важно е да се хидрираш одвнатре.
5. Престој во суви, затворени простории
Клима уредите и греалките ни го прават животот поподнослив, но на сметка на кожата. Воздухот во таквите простории е сув, што значи дека влажноста од кожата испарува побрзо.
Совет: Користи навлажнувач на воздух или едноставно стави сад со вода во просторијата. Ќе се изненадиш колку и тоа „старомодно“ решение прави разлика.