Голем дел од денот се минува во седење –во автомобил, на работно место, пред екрани. Но сѐ повеќе луѓе, сфаќајќи ги здравствените придобивки од физичката активност, го заменуваат седечкиот начин на живот со долги прошетки. За некого тоа значи свесен избор, за друг – предизвик. 10.000 чекори на ден одамна се сметаат за „златен стандард“. Но, што се менува кога дневниот број на чекори ќе се зголеми на 20.000? Одговорот не е само во физичката форма – туку и во менталната издржливост, енергијата и начинот на кој телото реагира на светот околу нас.
Дваесет илјади чекори дневно значат околу 11 километри – бројка што може да изгледа застрашувачки кога се гледа одеднаш. Но кога се распоредат низ денот – при патување на работа, кратка пауза на свеж воздух, излегување со пријатели или вечерна прошетка – стануваат остварливи.
Со зголеменото дневно движење, телото почнува да се менува на повеќе нивоа. Се зголемува издржливоста, дишењето станува подлабоко, а циркулацијата подобра. Мускулите на нозете, особено на листовите и бутовите, се активираат постојано, без преголем напор. Се забележува стабилизирање на апетитот, поредовен сон и чувство на полесно будење наутро.
Она што е најважно – ова темпо не го исцрпува телото. За разлика од високоинтензивните тренинзи, долгото пешачење ја одржува физичката активност на умерено ниво, што му дозволува на телото да се адаптира без напор или ризик од повреди.
Пешачењето не влијае само на мускулите. Долгите прошетки често создаваат чувство на ментална јасност. Луѓето кои свесно одбираат повеќе да се движат честопати забележуваат дека се помалку раздразливи и се подобро расположени.
Може ли ова да стане дел од секојдневието?
Да, и тоа без потреба од строги цели или совршена дисциплина. Не се работи за тоа секој ден да се постигне точната бројка од 20.000 чекори – туку за свесна одлука да се движиме повеќе. Наместо да се оптоваруваме со броеви, може да почнеме да го гледаме денот преку можностите за движење. На пример, наместо да порачаме храна со достава до дома, да излеземе пешки и да си ја подигнеме, да се прошетаме додека зборуваме по телефон, да ги одбереме скалите наместо лифтот.
Пешачењето не бара посебна опрема или големи подготовки. Потребна е само одлука да се тргне, а со текот на време, овие мали прошетки стануваат рутина. Иако 20.000 чекори не се лесна задача, секој дополнителен чекор е чекор во вистински правец – кон подобро здравје.