Бандите се енергетски заклучувања кои ја држат праната во телото и ја спроведуваат во трите главни енергетски канали (нади) на телото. Удијана банда може да се изведе на физички и надворешен начин со активирање на скелетните мускули, но исто така може да се почувствува и како суптилен и внатрешен енергетски процес. Удијана банда ги активира и тонизира стомачните мускули создавајќи силно јадро. Исто така ја активира и третата чакра. Оваа банда прво треба да се практикува индивидуално, а потоа може да се изведува со другите банди, асани, пранајами и на крајот мудри.
Како да ја вежбате Удијана банда?
За да вежбате Удијана банда, седнете во удобна седечка положба со прекрстени нозе и со дланките свртени надолу кон колената. Очите нека ви бидат нежно затворени, а дишењето нека е бавно и длабоко. Издишете го целиот воздух низ носот, навалете се благо напред, притиснете ги дланките на колената и вовлечете ги стомачните мускули силно кон рбетот за да го повлечете стомакот внатре и нагоре, под ребрата.
Задржете го здивот додека ја држите удијана банда околку долго колку што ви е удобно. Кога ќе сакате да излезете од бандата, односно да ја ослободите, опуштете ги стомачните мускули, вратете го телото назад и многу бавно вдишете низ носот. Вдишете и издишете длабоко неколку пати додека се врати нормалниот тек на дишењето пред да преминете на следните повторувања. Започнете со три повторувања, а потоа со текот на времето можете да ги зголемите до десет повторување.
Придобивки од Удијана банда
Удијана банда го зајакнува дигестивниот систем и го тонизира енергетското јадро на телото. Абдоменалните органи се масираат, тонираат и прочистуваат, а надбубрежните жлезди се балансираат со абдоминалната контакција. Оваа банда не треба да се изведува доколку имате висок крвен притисок, срцеви заболувања, глаукома или ако сте бремени.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.