Клеши претставуваат специфични негативни ментални обрасци кои го заматуваат умот, ја прикриваат нашата вистинска природа и претставуваат основни причини за човечкото страдање. Зборот клеша е санскритски и се преведува како „отров”. Клешите ја искривуваат перцепцијата и влијаат на тоа како размислуваме, дејствуваме и чувствуваме. Исто така тие претставуваат пречки на духовниот пат. Клешите не држат далеку од просветлување и од ослободување од циклусот на повторните раѓања (самсара).
Јога сутра
Во Јога сутрите на Патанџали се вели дека постојат пет основни клеши : Aвидја – незнаење, Асмита – идентификување со егото, Рага – чувствување привлечност кон она што ни причинува задоволство, Двеша – чувствување одбивност кон она што ни причинува болка и Абхинивеша– страв од смртта.
Авидја
Aвидја (незнаење) е заблуда за нашата вистинска реалност, за нашата вистинска бесмртна природа. Ова лажно и искривено претставување на реалноста е примарна клеша. Од авидја излегуваат четирите други клеши.
Асмита
Асмита (егоизам) е идентификација и приврзаност за егото. Имено, идентификувајќи се со сликата што ја создаваме за себе (его), веруваме во нешто што не постои. Оваа слика за себе може да содржи надворешни (јас сум сиромашен) и внатрешни (јас сум лоша личност) лажни проекции во кои безусловно веруваме.
Рага
Рага (приврзаност) е привлечност за работи кои ни носат задоволство. Нашата желба за пријатни искуства понекогаш е толку силна што е причина за безбројни безумни постапки и ограничено восприемање на нештата. Рага е желба за материјални предмети, односи, статус, моќ … Кога не можеме да го добиеме она што го посакуваме, страдаме. Кога ќе го добиеме она што го посакуваме, нашето чувство на задоволство за брзо време избледува и повторно започнуваме потрага по ново задоволство и така се вртиме во круг.
Двеша
Двеша (одбивност) е спротивна на рагата, а претставува аверзија кон непријатни нешта, луѓе и искуства, па така ако не можеме да ги избегнеме нештата што не ни се допаѓаат, страдаме. Дури и размислувањето за непријатни искуства предизвикува страдање.
Абхинивеша
Абхинивеша (волја за живеење/страв од смрт) е најдлабоката и најуниверзалната клеша, која останува со нас до нашата смрт. Знаеме дека еден ден нашето тело навистина ќе умре, но нашиот страв од смртта е длабоко закопан во несвесниот дел од умот.
Петте главни клеши се разликуваат по интензитет. Првиот чекор за надминување на клешите е нивно освестување и прифаќање, а потоа по пат на контемплација, јога и медитација се ослободуваме од овие негативни состојби на умот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.