Санкалпа претставува моќна алатка која се користи за остварување на одредена желба која тлее длабоко во нас, но од некаква причина стои сеуште неостварена. Зборот е санскритски и се преведува како одлука, но исто така кореспондира и со значењето на зборовите волја, завет или цел. Зборот санкалпа сочинет е од корените „сан“ и „калпа“. Сан означува „врска со највисоката вистина“ а калпа значи „завет”.
Кога имаме силна желба нешто да оствариме, да постигнеме некаква цел, да направиме некаква промена кај самите себе, треба да донесеме одлука, односно санкалпа. Одлуката значи целосно да ја фокусираме свеста на поврзувањето со конкретната желба, бидејќи каде и да го фокусираме нашето внимание, таму оди нашата животна енергија.
Медитација
Она што најмногу влијае на остварување на санкалпата е квалитетот на умот, па затоа медитацијата се смета за најмоќна техника за остварување на санкалпата. Таа го смирува умот и го држи целосно во сегашниот момент. Колку подолго можеме без напор да бидеме во состојба на медитација, со ментално повторување на санкалпата, толку побрзо ќе се исполнат и нашите желби, нашите одлуки.
Јога Нидра
Една од најмоќните медитативни техники преку која можеме да ги оствариме нашите соништа е јога нидра. Јога Нидра систематски ги релаксира телото и го смирува умот. Свесни сме и будни, но без идентификација со телото и умот. Јога нидра започнува и завршува со тоа што практикантот три пати во себе ја повторува санкалпата (пожелно е со санкалпа да започнува и завршува секојдневната спиритуална пракса (садана), а не да се практикува само за време на јога нидра).
Што е важно при креирање на санкалпа?
Санкалпата треба пред се да биде искрена и кратка позитивна афирмација и да произлегува од нашето најдлабоко јас. Зборовите треба да бидат прецизни и јасни, инаку нема да навлезат во потсвеста. Се формулира во прво лице, сегашно време, со чувство како да е веќе остварена.
При креирање на санкалпата задолжително треба да ја одредиме и намерата и да се запрашаме зошто баш тоа нешто сакаме да го оствариме, односно која е целта на нашата желба. На пример, ако сакаме повеќе пари, треба да се поврземе со нешто подлабоко што стои зад таа наша желба. Доколку нашиот одговор е да бидеме самоуверени, сигурни, мирни, тоа значи дека санкалпата треба да се донесе со чувство на самодоверба, сигурност, спокојство.
Како да ја формулираме?
При формулирање на санкалпата не треба да се користат негации како „Јас не можам“, „Јас не сакам“ и сл. На пример, доколку санкалпата е во контекст на здравствената состојба, не треба да се формулира како „Јас не сум болна“, туку „Моето физичко тело е здраво и силно“ или „Уживам во совршено здравје”.
Санкалпата треба многу внимателно да се формулира и затоа многу е важно точно да се одреди кои области од животот сакаме да ги подобриме, во која насока сакаме да се промени нашата личност и нашите цели, како и целта во животот, воопшто. Откако еднаш ќе ја формулираме санкалпата не смееме да ја менуваме се до нејзиното исполнување.
Не треба да се очекува резултатите да се појават преку ноќ. За остварување на санкалпата потребно е време кое е во зависност од природата на одлуката и степенот до кој таа е всадена во умот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.