За да се ослободиме од Егото и да достигнеме состојба на просветленост треба да научиме како да престанеме да се идентификуваме со сопствените мисли. Од умот (eгото) да преминеме во неумот (Битието).
Мислите се производ на умот, а егото е директно поврзано со активноста на умот и може да се одржува само со непрекинато размислување. Додека растеме сите ние формираме ментална претстава за тоа кои сме, заснована врз личните и културолошките услови. Чувството за сопственото јас го изведуваме од содржината и активноста на умот. За егото, сегашниот миг во кој престојува Битието, речиси и да не постои. За него постојат само минатото и иднината.
Сепак, мислите во главата не треба да ги игнорираме. Треба да ги набљудуваме непристрасно и со свесност. Таквото набљудување на мислите се издигнува над умот. Сè додека ги набљудуваме мислите, свесни сме, не само за мислата туку и за себеси како сведок на таа мисла. Тогаш мислата ја губи својата моќ и умот не се идентификува со неа. Тогаш го чувствуваме сопственото присуство, го чувствуваме Битието. Мислењето и свеста не се синоними. Мислењето е само еден мал дел од свеста.
Гласот во главата – неволен мисловен процес (его)
Секој човек постојано слуша глас или неколку гласови во својата глава. Тој глас не е ништо друго туку неволен мисловен процес. Непрекинати мисли во форма на монолози или дијалози. Гласот што го слушаме му припаѓа на условениот ум и е резултат на нашето минато, како и на колективниот начин на размислување што сме го наследиле. Тоа значи дека сегашноста ја гледаме низ призма на минатото и добиваме сосем искривен поглед за неа. Гласот дава коментари, шпекулира, суди, споредува, се жали, сака, не сака итн и речиси никогаш не е поврзан со моменталната ситуација.
Присуство – Неум (Битие)
Присуството ја претставува самата наша суштина, го претставува Битието, но истовремено тоа е и нешто неизмерно многу поголемо. Кога сме свесни за сопственото присуство, стануваме свесни за сегашниот миг. Свесноста за сегашниот миг предизвикува големо задоволство. Тогаш вниманието од активноста на умот е отргнато и се создава празнина, своевиден неум во кој свесноста е сеприсутна. Тогаш се издигнуваме над мислите. Неумот претставува свест без мисли. Тоа всушност е и суштината на медитацијата. Навлегувајќи сè, подлабоко во царството на неумот ја запознаваме состојбата на чистата свест и достигнуваме состојба на просветленост.
Просветленост
Просветленост значи издигнување над мислите, а не паѓање под нивото на мислите. Во просветлената состојба и понатаму се служиме со умот кога тоа е потребно, но на многу пососредоточен и поефикасен начин отколку порано. Ослободени сме од неволните внатрешни монолози, а присутна е внатрешна смиреност. Кога го користиме умот, а кога ни е потребно креативно решение, приближно на секој неколку минути осцилираме меѓу мислите и смиреноста, меѓу умот и неумот.
За емоциите
Умот ги вклучува и емоциите, како и сите несвесни ментално емоционални начини на реагирање. Колку повеќе се идентификуваме со своето мислење, со она што го сакаме или не го сакаме, со своите судови и интерпретации, односно колку помалку сме присутни како свест што набљудува, толку посилно ќе биде емоционалното полнење, независно дали сме свесни за тоа или не.
Емоцијата претставува реакција на телото кон умот, или одраз на умот во телото. Помислата дека сме загрозени психички или физички го тера телото да се згрчи и тоа ја претставува физичката страна на она што го викаме страв. Истражувањата покажале дека силната емоција предизвикува дури и биохемиски промени во телото.
Емоцијата поседува силна лична компонента и затоа првенствено се чувствува во телото. Ако меѓу мислата и емоцијата постои судир, тогаш мислата ќе ја претставува лагата, а емоцијата вистината. Вистината за состојбата на умот во тој момент.
За љубовта, среќата и мирот
Љубовта, среќата и мирот не се емоции. Емоцијата буквално значи вознемиреност. Љубовта, среќата и мирот се вистински состојби на Битието или подобро, тие се трите аспекти на состојбата на внатрешната поврзаност со Битието. Како такви тие немаат спротивности. Од друга страна емоциите како делови од дуалистичкиот ум се подложни на законот на спротивностите. Тоа едноставно значи дека не можеме да имаме добро без лошо. Задоволството секогаш е изведено од нешто надвор, додека среќата извира од внатре.
Позитивните емоции се неразделни од природната состојба на внатрешната поврзаност со Битието. Љубовта, среќата или миговите на длабок мир се можни секогаш кога ќе се појави празнина во текот на мислите. Таквите мигови обично се краткотрајни, зашто умот бргу одново ја воспоставува својата бучна активност што ја нарекуваме мислење.
Сепак и самата желбата за ослободување и просветленост е само уште еден стремеж за исполнување на иднината. Затоа не треба да настојувајаме да се ослободиме од желбата или да настојуваме да достигнеме просветлување. Доволно е само да се биде присутен. Присутен набљудувач на умот. Да бидеме во сегашниот момент, единствениот момент што постои.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.