Пратипакша бавана е јога метода за надминување на мрачните и депресивни мисли. Терминот пратипакша бавана (pratipaksabhavanam) е санскритски и се преведува како негување или култивирање на спротивното. Секогаш кога ќе се појави негативна мисла ја игнорираме и развиваме позитивно тврдење кое е спротивно на негативната мисла. Оваа техника ја трансформира личноста во целост.
Концептот Пратипакша бавана подразбира замена на сите негативни мисли кои будат негативни чувства (гнев, завист, злоба, страв и др.) со позитивни. Па така, секогаш кога ќе забележиме негативна мисла , одлучуваме да не и даваме значење, да ја игнорираме, а тоа најлесно ќе го постигнеме со тоа што ќе ја замениме со позитивна мисла која е антипод на негативната. На пример мислата за омрза ја заменуваме со мисла за љубов, мислата која буди алчност, со мисла за дарежливост итн.
За практикување Пратипакша бавана потребно е пред сè искреност кон самите себе, развивање свесност и многу силна волја.
Јога Сутра
Древниот мудрец Патанџали ја наведува оваа практика во Јога Сутрите со цел отстранување на пречките при култивирање на доблестите (јами и нијами), основните принципи врз кои почива јога концептот.
2.33. Витарка бадана (Vitarkabadhane); Пратипакша бавана (pratipaksabhavanam)
“Кога следењето на јамите и нјамите е попречено од лоши мисли, треба да се развиваат спротивни мисли.
Секако,тежнеењето кон доблестите(јамите и нијамите)носи различни непријатности и пречки, во вид на нечистотии кои се појавуваат во свеста и кои избиваат на површина и создаваат вознемиреност и одвраќање од доблестите. Кога таквите нечистотии ќе се разбудат, не треба да им се подлегне; напротив, треба мирно и стрпливо да се поднесат, да се доживеат како нешто што не ни е својствено и да се насочиме кон доблестите и доброто. Така сведочиме за исчезнувањето на нечистотиите, кои го напуштаат енергетскиот состав и умот на човекот кога тој не им дава значење и не делува во согласност со нив. Ако пак човекот почне да делува во согласност со секоја нечистотија која поминува низ неговата свест, дополнително ќе се загади и постепено ќе пропаѓа под товарот на нискоста. Никогаш не смееме да си дозволиме да се занимаваме со ниски нешта, затоа што тоа е материја од која е создаден пеколот, а најдобриот и најлесниот начин да се најдеме во него секако е попуштање пред овие нискости”
Понатаму, во следната строфа, Патанџали наведува дека лошите мисли се однесуваат на насилството, лагата, крадењето, невоздржувањето и страста за поседување.”
Негативни навики
Кога ќе започнеме да применуваме Пратипакша бавана, полека стануваме свесни за процесот на размислување и емоциите што се будат под влијание на мислите. Мисловните обрасци кои се образуваат од најмала возраст, а кои се под влијание на семејството, училиштето, пријателите, социјалните и културолошките услови во кои живееме, содржат бројни негативни аспекти. Со помош на Пратипакша бавана стануваме свесни за зачестеноста на негативните навики како што се одолговлекување, мрзеливост, лошо расположение, бес, завидливост итн. Сепак, негативните мисли за самите себе не треба да не вознемират, бидејќи тоа ќе привлече дополнителна негативност и ќе ја засили нестабилноста и мирот на умот.
Оваа практика воопшто не значи дека се лажеме самите себе и дека не сакаме да ги видиме нештата такви какви што се. Потврда за ова е добро познатиот пример со чаша која до пола е исполнета со вода. Некој оваа чаша ја гледа како полупразна, додека друг како полуполна. Умот ја толкува чашата низ објективот на моменталната средина и минатото искуство.
Будење на свесноста
Од есенцијално значење е будењето на свесноста за тоа дека ние ја правиме проценката, ние одлучуваме што ќе мислиме и ние одлучуваме како ќе реагираме. Изборот е наш, како и одговорноста за донесените одлуки. Со практикувањето на оваа техника стануваме свесни дека ние во суштина ги живееме нашите одлуки, донесени сега или некогаш во минатото.
На почетокот на практикување Пратипакша Бавана, негативните мисли ќе се враќаат, но со истрајност и силна волја постепено ќе ја губат својата сила. Всушност Пратипакша Бавана подразбира да влеземе во војна со сопствените мисли. Тие колку што можат ќе се борат за својот опстанок. Ќе се појавуваат и за време на медитација, а штом ќе се обидеме да се отргнеме од нив, тие ќе нападнат со двојно поголема сила и жестокост. Но, позитивното секогаш го победува негативното.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.