Надите се енергетски канали низ кои струи праната (животна енергија). Зборот нади е санскритски и се преведува како “цевка“, „канал“„проток” или “струење”. Станува збор за мрежа од суптилни енергетски канали во човечкото тело кои не се видливи со голо око. Надите му припаѓаат на енергетското тело, а нервите може да се сметаат како нивни физички манифестации.
Постојат различни податоци за тоа колку вкупно нади има во човечкото тело. Според Шивананда во секој човек постојат 72000 нади, од кои 14 се важни. Сепак, најголемото значење им припаѓа на три нади, а тоа се ида, пингала и сушумна. Најважната од сите е сушумна.
Сите нади се под контрола на сушумна нади која е лоцирана по должината на ‘рбетниот мозок, од муладара (коренска чакра) до сахасрара (крунска чакра). Ида нади започнува од левата страна на муладара и завршува на левата страна во агја чакра (трето око). Пингала започнува на десната страна во муладара и завршува на десната страна во агја чакра.
Ида и пингала се патишта на две поларни спротивности кои струјат низ телото. Енергетските текови во ида и пингала се наизменични, а која од нив во одреден момент доминира може да се одреди со следење на здивот во ноздрите. Ако протокот на воздухот е поголем во левата ноздра тоа значи дека преовладува ида нади, а доколку протокот е поголем во десната ноздра, преовладува пингала нади.
Ида
Ида е интровертна, лунарна нади, и одговара на левата страна на телото и десната страна на мозокот. Се означува со сина боја. Позната е и под името чандра нади (чандра – месечина). Месечината го симболизира умот и променливите чувства. Како што нашите емоции и мисли постојано се менуваат, така и Месечината постојано ја менува својата форма.
Пингала
Пингала е екстровертна (активна), соларна нади и одговара на десната страна на телото и левата страна на мозокот. Се означува со црвена боја. Позната е и како суриа нади (суриа – сонце). Сонцето го претставува интелектот кој е стабилен и постојан принцип.
Сушумна
Сушумна е нади на духовната свест. Таа е централниот и најважниот канал. Се означува со портокалова боја. Сушумна ја поврзува муладара со сахасрара. Сушумна поминува низ сите чакри. Ако текот е изедначен во двете ноздри,односно ако ида и пингала се прочистени и во хармонија, почнува да струи духовната енергија низ сушумна нади. Тогаш заспаната кундалини се буди, односно се буди повисоката свест и патува по должината на ‘рбетниот столб. Кундалини преку сахасрара остварува контакт со космичката свест. Оваа состојба ја сретнуваме под имињата самади, нирвана, мокша, просветлување, ослободување или самореализација. Во оваа состојба јогинот се здобива со различни видови искуства, моќи и блаженство. Станува збор за своевидно ментално патување и откривање на Универзумот. Откривање на единството помеѓу индивидуалната и космичката свест. Тоа не значи дека јогинот е надвор од телото, туку дека е во поинаква состојба на свест.
Сите активности на човекот се под влијание на ида и пингала и се менуваат приближно на еден час. За успешна медитација неопходен е текот низ сушумна. Ако е активна пингала телото ќе биде вознемирено, а ако е активна ида, умот ќе биде насочен кон размислување.
Во физиологијата на човекот ида и пингала одговараат на парасимпатичкиот и симпатичкиот нервен систем, а сушумна на централниот нервен систем. Само кога преовладуваат хармонија и рамнотежа помеѓу системот на месечината и системот на сонцето, ние сме здрави и способни да се развиваме понатаму ментално и духовно.
Други термини за ида, пингала и сушумна се „Јамуна“, „Ганга“ и „Сарасвати“. Ова се имињата на трите најсвети реки во Индија. Ганга и Јамуна течат на површината, но Сарасвати тече под земја. Излегува на површина само еднаш на секои дванаесет години.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.