Мантрите или „светите песни” се своевидни молитви и се смета дека поседуваат мистична и духовна моќ. Зборот мантра е санскритски и буквалното значење е „алатка на умот” или „инструмент на мислата”. Во религиозен контекст, може да се сретне како „магична формула” или „свето слово”. Таа може да биде изразена во слог, збор или стих кој се повторува повеќе пати.
Мантрата има две примарни компоненти, а тоа се значење и звук. Содржи мелодија со математичка прецизност во нејзината конструкција, а нејзиното влијание врз слушателот е слично на она што се забележува кај луѓето ширум светот, слушајќи ја својата сакана музика. Секоја мантра има своја вибрација, па со самото практикување (пеење), практикантот почнува да вибрира во рамките на фреквенцијата на таа мантра. Мантрите може да се изговараат гласно или во себе. Кога мантрата се рецитира со правилно разбирање и интонација, може да помогне да го избави умот од илузија и да го донесе до просветлување.
Мантра (или јапа) јога
Во јогиската традиција мантрата помага во смирување на умот и негово насочување кон медитација (Dhyana). Медитативното континуирано повторување на мантрата се нарекува џапа и води до ослободување (Moksha) и трансформација на свеста. Ваквата јога се нарекува мантра јога или џапа јога. Со џапа јогата се постигнува единство на индивидуалниот со божествениот принцип, преку повторување, односно кружење на свесноста.
За потеклото, целите и разликите
Мантрата е составен дел е од религиозниот концепт на повеќе религии како хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и сикизмот. Се верува дека има околу 70 милиони мантри. Најраната забелжана употреба на мантрите се наоѓа во ведските текстови на хиндуизмот, кои содржат многу референци за светоста на звукот. И додека хинду брамините биле многу строги за правилното изговарање и интонацијата на мантрите, будистите биле помалку загрижени за изговорената форма, а повеќе внимание посветиле на тоа правилно да ги напишат мантрите. Практиката на пишување мантри и копирање на текстови како духовна пракса станала многу рафинирана во Кина, Тибет и Јапонија. Според хиндуизмот, колку ќе биде ефективна мантрата зависи од тоа колку е правилно изговорена, како и од нивото на концентрација на умот за значењето на зборот или зборовите кои се рецитираат (пеат). Овој акцент на точниот изговор резултирал со рано развивање на науката за фонетика во Индија. Согласно хиндуистичкото видување, зборовите имаат мистериозна моќ да влијаат на човекот.
Постојат различни цели на мантрата, а истите се во зависност од верското училиште како и од намерата на практикантот. Се вели дека целта на мантрата е да го ослободи умот од илузијата и материјалните склоности и да го доведе до концентрација и фокусираност. Се тврди дека мантрата може да ја промени свеста и да му помогне на практикантот да постигне концентрација на избраното божество. Вибрациите и звуците на мантрата се сметаат за исклучително важни, односно одекнувањeтo на звукот треба да ја разбуди праната (дух или духовна сила на животот), па дури и да се стимулираат чакрите.
Најпознати мантри
Најпознатата од сите хинду мантри е мантрата Аум (ОМ), која уште се нарекува и “пранава мантра” (извор на сите мантри). Ом се смета за праисконски звук и ја означува космичката вибрација. Во будизмот, најпозната мантра е Ом Мани Падме Хум (Скапоцен камен во лотосот).
Во современиот хиндуизам вообичаено е да се формира мантра со преземање на име на хинду божество и поздравување на следниов начин: „Om namah“ (име на божество). Вообичаени примери се „Om Namah Shivaya” (Ом, се поклонувам на Господа Шива), „Om Namo Bhagavate Vasudevaya” („Поздрав до Универзалниот Бог Вишну”), „Om Shri Ganeshaya Namah” („Oм до Шри Ганеша”).
Додека овие мантри се повикуваат на поединечни богови или начела, најосновните мантри, како „Аум”, „Шанти мантра”, „Гајатри мантра”, се фокусираат на една основна реалност.
Мала (џапа) и нејзината употреба
Постоењето на мантрите и нивното континуирано повторување ја наметнало потребата од создавање алатка (мала, џапа, бројаница) која овозможува непреченост во медитацијата, при одбројувањето.
Малата е составена од монистри, во сетови од 27, 54 или 108. Меру (планина) е најголемата монистра и таа го означува почетокот, односно крајот на малата. Малите можат да бидат изработени од различни материјали од кои најпознати се: тулси – билка која што уште е наречена и свет босилек (оваа билка се смета за најважна во ајурведата) и сандалово дрво – го смирува умот. Исто така може да бидат изработени и од црвена сандаловина (се користи во тантричката пракса), камалаксми (семе на лотосот), рудракаша и од кристалот кварц. Секој од наведените материјали има свое влијание врз практикантот.
Малата се држи во десната рака, виси преку средниот прст, а со палецот се одвојува една по една монистра, при секое изговарање (пеење).
Во денешно време
Од денешен аспект, личната мантра е позитивна фраза или афирмативна изјава за мотивација или охрабрување. Тоа би можело да биде омилен цитат, поговорка, духовна вистина или религиозна изрека која ве мотивира и инспирира да бидете најдобри за себе.
За практикување на пеење и медитација: најдете мирно место за вежбање, седнете во удобна позиција со затворени очи, фокусирајте се на дишењето, но не го контролирајте и одлучете дали сакате гласно да пеете или тивко, повторувајќи ја мантрата во себе.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.