Садгуру: Во индиската култура, едно време, имало 365 фестивали во годината. Со други зборови, на луѓето само им требало изговор за да го слават секој ден од годината. Овие 365 фестивали слават разни историски настани, победи или одредени моменти во животот, како што се берба, садење и жнеење. За секоја пригода имало фестивал. Но, Махашиваратри е од поинакво значење.
Ако дремеш, губиш
Четиринаесеттиот ден од секој лунарен месец, или денот пред новата месечина, е познат како Шиваратри . Меѓу сите дванаесет Шиваратри кои се случуваат во една календарска година, Махашиваратри, оној што се случува во февруари-март е од најголемо духовно значење. На оваа ноќ, северната хемисфера на планетата е поставена на таков начин да има природен наплив на енергија кај човекот. Ова е ден кога природата го турка човекот кон својот духовен врв. Токму за да се искористи ова во оваа традиција воспоставуваме одреден фестивал кој ќе трае цела ноќ. Една од основите на овој целоноќен фестивал е да се осигура дека ќе останете будни. За да се дозволи овој природен наплив на енергии да го најде својот пат, останувате со вертикално исправен ‘рбет.
Можност да се доживее единство
Махашиваратри е многу значаен за луѓето кои се на духовниот пат. Исто така е многу значаен за луѓето кои се семејно ориентирани, како и за амбициозните. Зошто на овој ден и ноќ им се дава ваква важност во Јога традициите е поради можностите што му ги нуди на духовниот трагач. Современата наука помина низ многу фази и денес стигна до точка каде цели да ви докаже дека сè што знаете како живот, сè што знаете како материја и постоење, сè што знаете како космос и галаксии е само една енергија која се манифестира на милиони начини.
Овој научен факт е искуствена реалност кај секој Јогин. Зборот „Јогин“ значи оној кој го реализирал единството на постоењето. Кога велам „Јога“, не се осврнувам на некоја посебна практика или систем. Целиот копнеж да се знае неограниченото, целиот копнеж да се знае единството во постоењето е Јога. Ноќта на Махашиваратри нуди на една личност можност да го искуси ова.
Најтемната ноќ во годината
Шиваратри е најтемниот ден во месецот. Славењето на Шиваратри секој месец и конкретниот ден на Махашиваратри, речиси изгледа како прослава на темнината. Секој логичен ум би се спротивставил на темнината и природно би се одлучил за светлина. Но, зборот „Шива“ буквално значи „она што не е“. „она што е“, е постоење и создание. „Она што не е“ е Шива. Ако ги отворите очите и погледнете наоколу, ако видот ви е за мали нешта, ќе видите многу созданија. Ако вашиот вид навистина бара големи работи, ќе видите дека најголемото присуство во постоењето е огромна празнина. Неколку точки што ги нарекуваме галаксии обично се лесно забележливи, но огромната празнина што ги држи не ја забележува секој. Оваа пространост, оваа неограничена празнина е она кое се нарекува Шива. Денес, современата наука исто така докажува дека сè доаѓа од ништо и се враќа во ништо.
Секоја религија, секоја култура на планетава отсекогаш зборувала за сеприсутната, сеопфатната природа на божественото. Ако го погледнеме ова, единственото нешто што може да биде навистина сеопфатно, единственото нешто што може да биде насекаде е темнината или празнината. Општо, кога луѓето бараат благосостојба зборуваме за божественото како светлина. Кога луѓето повеќе не бараат благосостојба, кога гледаат подалеку од својот живот во смисла на растворување, ако предметот на нивното обожавање и нивната садана (духовна пракса) е растворување, тогаш секогаш го опишуваме божественото како темнина.
Темнина – основата на постоењето
Светлината е кратко случување во вашиот ум. Светлината не е вечна; секогаш е ограничена можност затоа што се случува и завршува. Најголемиот извор на светлина што го знаеме на оваа планета е сонцето. Дури и сончевата светлина може да се запре со твојата дланка, оставајќи сенка зад себе. Но, темнината е сеопфатна, насекаде.
Незрелите умови во светот отсекогаш ја опишувале темнината како ѓаволот. Но, кога го опишувате божественото како сеопфатно, очигледно се повикувате на божественото како темнина, бидејќи само темнината е сеприсутна. Ја има насекаде. Не и треба никаква поддршка од ништо. Светлината секогаш доаѓа од извор кој се догорува самиот. Има почеток и крај. Секогаш е од ограничен извор. Темнината нема извор. Таа е извор за себе. Токму во скутот на оваа огромна празнина се има случено целото создание.
Значи, кога велиме Шиваратри, која е најтемната ноќ во месецот, тоа е можност личноста да ја раствори својата ограниченост, да ја искуси неограниченоста на изворот на создавањето што е семето на секое човечко битие. Махашиваратри е прилика и можност да се донесете до тоа искуство на огромната празнина во секој човек, што е извор на целото создание. Наша желба и благослов е да не ја поминете оваа ноќ без да осознаете барем еден момент од огромноста на оваа празнина. Нека оваа ноќ не биде само ноќ на будност, нека оваа ноќ биде ноќ на будење за вас.
Садгуру е јогин, мистик, визионер и автор на бестселер според New York Times. Преведена е и на македонски е и најкупувана книга во Македонија за месец декември и јануари. Именуван е како еден од 50те највлијателни личности во Индија. Неговата работа има допрено до животите на милиони луѓе низ светот преку неговите трансформативни програми. Неговиот пристап не припаѓа на ниеден систем на верување туку нуди моќни и докажани методи на себе-трансформација. Неговата водечка програма Inner Engineering Online е моментално бесплатна за сите здравствени работници.
Повеќе за настанот Махашиваратри ве молиме посетете ја страната: https://isha.sadhguru.org/mahashivratri/