Кундалини шакти е исконска, примордијална, божествена енергија која кај повеќето луѓе не е активна. Постојат различни податоци за седиштето на Кундалини, од ректумот до папокот. Сепак, општо прифатено е мислењето дека седиштето на Кундалини е во дното на карлицата, поточно во Муладара (коренска) чакра.
Кундалини ги отвора сите пет тела кај човекот – физичкото (Анамаја коша), енергетското (Пранамаја коша) емоционалното (Маномаја коша), психолошкото (Виџнанамаја коша) и духовното (Анандамаја коша). Таа е многу моќна енергија која допира длабоко во несвесното и која не носи до повисокото ниво на свест. Кога ќе се разбуди оваа енергија доаѓа до соединување на индивидуалната со космичката свест.
За прв пат се спомнува во Упанишадите (IX – VII век п.н.е). Зборот Кундалини е санскритски, а буквалниот превод е “прстенест” или “кружен”. Овој збор исто така се поврзува и со именката “змија”, па слободниот превод би бил завиткана (заспана) змија.
За Кундалини и праната
Кундалини е компонента на енергетското тело – пранамаја коша, односно на праната. Пранамаја коша се состои од нади (енергетски суптилни канали), чакри (енергетски суптилни центри) и прана (суптилна животна енергија).
Вибрациски усогласени и отворени чакри овозможуваат непречен проток на праната. Нашето психосоматско здравје зависи од непречениот проток на праната. Секогаш кога некоја чакра е блокирана или не е во рамнотежа, доаѓа до застој во протокот на праната и тогаш се појавуваат физички заболувања и психолошки нарушувања како стрес, анксиозност и депресија.
За разликите меѓу Кундалини и праната
Кундалини е поизразена манифестација на праната. Праната е енергија која го одржува човечкиот механизам да работи – комплексот ум-тело, а Кундалини е исконската енергија, повисок израз на истата прана.
Кундалини е прана која ги поприма квалитетите на чакрата низ која се манифестира. Праната и Кундалини шакти се разликуваат единствено во манифестацијата. Имено, во ‘рбетот не струјат две различни прани, туку станува збор за различни манифестации и текови. Праната струи низ целото тело и е во постојано движење, за разлика од Кундалини која кога е разбудена се движи само низ Сушумна нади, од Муладара до Сахасрара (крунска) чакра.
Според хиндуистичката традиција, за да може да се интегрира оваа духовна енергија, потребен е период на секојдневно прочистување и зајакнување на телото и нервниот систем преку јогиските техники – асана пракса, пранајама, мудра, банда и медитација.
Шакти и Шива (индивидуа и космос; женски и машки принцип)
Кундалини Шакти ја претставува божествената женска енергија. Кога е заспана во неа тлее несвесното и ниското ниво на свест. Кога е разбудена таа се подигнува од Муладара и се движи по должината на ‘рбетот се до врвот на главата, односно до Сахасрара (крунска чакра). Низ средината на ‘рбетниот столб се протега Сушумна нади (централниот енергетски канал).
Кундалини поминува низ Сушумна, влегува во сите чакри и во секоја погорна чакра нивото на свест се зголемува, со што се зголемува и нејзината моќ. Додека е во Муладара чакра, Кундалини се реализира низ сексуалниот чин и се излева надвор. Кога се движи нагоре и навлегува во духовните чакри се манифестира како повисока свест. Кулминацијата ја достигнува во крунската (Сахасрара) чакра. Тука божествената женска енергија Кундалини Шакти се соединува со божествената машка енергија, со Шива кој е претставник на машкиот принцип.
Ова соединување на Шакти и Шива всушност претставувава соединување на индивидувалната и космичката енергија. Тогаш човекот се ослободува од егото и го искусува единството со Севкупното.
За да се отвори Сушумна нади и да може Кундалини непречено да проструи низ неа, потребно е сите седум чакри да се во баланс, како и главните енергетски канали – Ида и Пингала.
Концептот за Кундалини во западниот свет- Гопи Кришна
Концептот за Кундалини во западниот свет го популаризира Гопи Кришна, познат јогин и мистик на дваесетиот век. Објаснувајќи го концептот на праната и на Кундалини тој истакнува: “ Праната е распространета низ макрокосмосот – целиот универзум и низ микрокосмосот – човечкото тело. Атомот е нивни составен дел. Праната е животна енергија одговорна за феномените на животот на оваа планета како и на другите планети во универзумот. Праната не е материјална, но во човечкото тело праната создава фина биохемиска супстанција која делува во целиот организам и е главниот двигател во нервниот систем и во мозокот.
Праната го одржува мозокот жив. Најважните психолошки промени во карактерот на просветлениот човек е тоа што тој станува сочувствителен и одвоен од егото. Нема склоност кон насилство или измама. Разбудената прана или Кундалини е мајка на моралот, бидејќи целиот морал извира од оваа разбудена енергија. Од самиот почеток, токму оваа еволутивна енергија го создава концептот на моралот кај човечките суштества.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.