Под концентрација (dharana) се подразбира фокусираност и постојаност на умот. Кога умот е постојан и фокусиран, лесно влегуваме во медитативна состојба (dhyana). Длабоката медитацијата пак ни ги отвора портите кон повисоките духовни сфери (samadhi).
Дарана, дјана и самади се санскритски зборови и според древниот мудрец и „татко“ на јогата – Патанџали, не треба да се разгледуваат одделно бидејќи разликата е само во интензитетот и времетраењето на концентрацијата. Всушност, многу е тешко да се одредат преодите од концентрација во медитација и од медитација во самади. Се смета дека 12 секунди концентрација на една точка е дарана. Доколку фокусот го задржиме 144 сек (12х12 сек) влегуваме во медитација (дјана), а дванаесет „дјани“ (12 х 144) не воведуваат во Самади.
Надворешен и внатрешен објект (симбол)
Концентрацијата може да биде на надворешен објект или внатрешен (визуелизиран) симбол, на здивот, на чакра, на мисла, идеја, мантра и слично. Добро обучениот ум може да се фокусира на сѐ што ќе посака. При концентрација, мозокот не треба да се напрега и не треба да му се спротивставува на умот со потиснување на мислите. Мислите треба да се освестат и со свесност да се пуштат да заминат. Со секојдневно култивирање на концентрација, умот се полесно и подолго ќе може да остане фокусиран. Колку помал број на мисли толку поуспешна и подлабока е концентрацијата, а тоа резултира со вистински увид во нештата.
Почетниците најдобро е да се концентрираат на нешто што им предизвикува убаво чувство. На почеток најдобро е да се почне со концентрирање на „груби“ или надворешни објекти, за подоцна да може да се премине на посуптилна концентрација, односно на визуелизирани симболи и апстрактни идеи. Редовноста во праксата е од големо значење.
Груби и суптилни форми
„Груби“ форми за концентрација се објекти на кои се фокусираме со отворени очи: црна точка на ѕид, пламен од свеќа, месечина, приказот на ОМ (АУМ) и слично. Ваквиот начин на концентрација познат е и под името тратака.
Под суптилните форми за концентрација се подразбираат визуелизирани симболи. Можеме да се фокусираме на одреден енергетски центар (чакра), на внатрешната тишина, на внатрешниот простор итн. Суптилната концентрација може да биде на љубов, милост, сочувствителност (Анахата – срцева чакра), на внатрешната мудрост и интуицијата (Агја чакра) и слично.
Пречки при концентрација и начини на подобрување
Човек чиј што ум е исполнет со страст, желби и фантазии тешко може да се концентрира на кој било објект, дури и за момент. Моќта на концентрацијата може да се подобри со целибат и пранајама (техники за регулирање и контрола на здивот), како и со неврзување за желбите и редуцирање на активностите. Пожелно е да се биде во изолација и во тишина. Дисциплинирањето на сетилата, искоренувањето на страстите, на алчноста, на гневот како и избегнувањето друштво со непожелни луѓе се значајни фактори кои придонесуваат во продлабочувањето на концентрацијата. Истовремено тие го расветлуваат патот до љубовта и радоста кои ја претставуваат суштината на самото постоење. Од погоре наведеното јасно произлегува дека концентрацијата без чисто срце е бескорисна.
Напредни практиканти со редовно вежбање концентрација се здобиваат со натприродни моќи. Длабоката концентрација носи искуство на голема радост и духовност.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.