Калинката се смета за едно од највкусните и најлековитите овошја. Записи за калинката можат да се пронајдат во повеќе култури и религии од античко време. Овие записи упатуваат на тоа дека калинката е една од најстарите овошки што му биле познати на човекот. Позната е како симбол на здравјето, плодноста и вечниот живот. Потекнува од Азија, од регионот помеѓу денешен Иран и северна Индија. Покрај тоа што се смета дека го успорува процесот на стареење, калинката има и бројни други лековити својства.
Калинката е богат извор на витамин Б5, калиум, витамин Ц, органски киселини и шеќери. Се смета дека 100 грама калинка содржи 16% од препорачаната дневна доза на витаминот Ц. Исто така, калинката содржи и супстанци кои го поттикнуваат создавањето на серотонинот и естрогенот во организмот. Докажано е дека една чаша сок од калинки има посилно антиоксидантно дејство од чаша црвено вино или зелен чај.
Лековити придобивки од калинката
Бројни анализи покажале дека калинката има благотворното дејство врз кардиоваскуларниот, нервниот, скелетниот и дигестивниот систем. Исто така, се смета дека има и антиканцерогено дејство и дека е одлична превентива против канцерогени заболувања – рак на простата и рак на дојка.
Екстрактот од калинка може да го намали оксидативниот стрес и воспалението во артериите, да го намали крвниот притисок и да помогне во борбата против атеросклероза – таложење на наслаги во артериите што може да доведе до срцев и мозочен удар.
Соединенијата на калинката можат да помогнат во борба против штетните микроорганизми како што се одредени видови на бактериски и габични инфекции.
Калинката содржи фитоестрогени што ги олеснуваат симптомите кај жените кои се во менопауза и предменопауза, како што е промената на расположение, ноќното потење и недостигот на либидо.
Семките од калинка се користат во диетите и за намалување на крвниот притисок. Делуваат на забавување на симптомите на Алцхајмер и останатите болести на мозокот. Исто така семките се моќен антиоксиданс. Корисни се за имунолошкиот систем, делуваат антибактериски, против воспалително и помагаат за воспоставување на рамнотежа помеѓу „добриот“ и „лошиот“ холестерол. Се смета дека можат да помогнат и во случај на камења во бубрезите.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.