Некогаш љубовта почнувала со испраќања до дома после училиште, со пропуштени автобуси само за да бидеш уште пет минути со некого. Денес почнува со „Like“ и завршува со „Seen“.
Не е дека младите не сакаат. Напротив, можеби сакаат дури и повеќе само што љубовта веќе не звучи како во песните што ги пееше мајка ти додека го подготвуваше саботниот ручек. Не изгледа ни како во филмовите што ги пуштаа на Сител во недела.
Денес, љубовта се случува некаде меѓу заморот и обврските, во пораките пратени набрзина додека чекаш кафе, или додека броиш минути до следната смена. И колку и да изгледа поинаку – не значи дека ја нема. Само и се смени формата, тонот, и времето во кое се случува.
Повеќето млади не се рамнодушни – туку премногу чувствуваат. Само што е тешко да покажеш емоции во свет што те тера постојано да бидеш кул, да си „chill“, да не си „too much“. Затоа, понекогаш не знаат дали бараат љубов или само некој што ќе ги разбере без да ги осуди.
Во свет каде што треба да бидеш достапен 24/7, да одговараш веднаш, да покажеш интерес – но не премногу, зошто тогаш си „clingy“ – да покажеш страст, ама не и сериозност, да сакаш, но со дистанца, романтиката изгледа како стар јазик што сè помалку луѓе го разбираат.
Во тој хаос од правила сепак, има моменти што некако преживуваат: кога некој ќе те праша дали си јадел/a, кога ќе те пречекаат со омиленото чоколадо, кога ќе ти пишат порака само за да проверат дали си стигнал/а дома. Тоа се тие мали нешта што кажуваат: „тука сум, гледам, слушам“. Тоа е романтиката.
Технологијата нè поврза со сите, освен со оние што ни се најважни. Повеќе од кога било сме онлајн, а ретко кога сме навистина тука. Во време на брзи пораки и уште побрзи заминувања, се учиме дека вистинската љубов не е спектакл – туку присуство. Постоење. Да молчите заедно, а сè уште да чувствувате блискост – тоа е реткост.
Не, романтиката не е мртва. Но, е уморна. Од лажни ветувања, од емоционални игри, од очекувања без одговорност. Од „не ми се замара со емоции“, од „не сакам ништо озбилно“, од тоа што е полесно да ghost-неш отколку да бидеш искрен.
Генерација Z не се откажала од љубовта – таа само се движи низ свет што не остава многу простор за стабилното и вистинското. Ако нешто научивме, тоа е дека љубовта не е instant. Не е нотификација. Не е meme.
Љубовта е избор да останеш, и кога е тешко. Да кажеш „не знам како да те сакам, ама ќе се трудам“. И ако таа љубов не звучи како некоја стара песна – не значи дека не вреди да се пее.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.