Емоционална интелигенција е способноста на една личност успешно да ги идентификува и успешно да се справи со сопствените емоции, како и со емоциите на другите луѓе. Нашето однесување во голема мера е условено од нашите емоции, па разбирливо е како овој тип на интелигенција игра важна улога во секој аспект од функционирањето, додека истовремено е еден од најзначајните фактори кои ги подобруваат шансите за успех – таму каде што се потребни.
„Да бидеш лут на вистинската личност, до вистинскиот степен, во вистинското време, за вистинската причина и на вистинскиот начин“.
Аристотел
Ова е само еден пример за емоционална интелигенција и како истата се манифестира низ целокупниот живот и секојдневието.
Самосвесност
Емоционалната интелигенција започнува со самосвесноста. Ова е основата на која таа може да се развива и расте. Самосвесноста ја претставува способноста за препознавање на сопствените чувства во моментот на нивното формирање и не треба да се едначи со свесноста. Развивањето на самосвесноста повлекува развивање на интроспективни вештини, кои би помогнале во т.н „разговор со себе“.
Самосвесноста е константно разбирање на сопствениот карактер, чувства, мотиви и желби, на ниво кое е индивидуално и одвоено од туѓата перцепција, другите луѓе и околината. Иако ова е задача која воопшто не е лесно да се постигне (со оглед на хаотичниот ред во кој сме приморани да постоиме) сепак е состојба кон која е паметно да се стремиме.
Постојат огромни бенефити кои можат да се применат во секој важен момент, ситуација или делување – оптимизам, намалување на чувството на вина и грижа на совест, зголемена самодоверба, подобрена комуникација, олеснето носење одлуки, јасна насока и план кон остварување на сопствените желби.
Контрола на сопствените емоции (самодисциплина)
Следниот елемент на емоционалната интелигенција е контрола на сопствените емоции (самодисциплина). Под ова никако не се подразбира потиснување или запоставување на емоциите, туку нивно правилно аплицирање при работење на задача, решавање на проблем, емоциите во конфликтни ситуации, во непријатна околина и слично.
Еден од основните примери за успешна контрола на емоциите е способноста за одложување на гратификација – можноста да се одолее на наградата која е достапна во моментот, во корист на здобивање со поголема награда на долгорочен план. Ова не е способност со која се раѓаме – во нашето фундаментално постоење сакаме сè и веднаш – туку вештина која може да се формира низ различни искуства и која го претставува веројатно најсигурниот знак на емотивна зрелост.
Бенефитите од совладаната контрола на емоциите се согледуваат во полесно контролирање на гневот, намалена импулсивност, сузбивање на хроничната досада, намалени промени во расположението, стабилизирање на односите со блиските, зголемена верба во сопствените способности и нивното спроведување.
Самомотивација
Самомотивацијата е оној дел од емоционалната интелигенција кој дозволува користење на емоциите во наша полза. Тоа е онаа сила која не движи напред, која не турка кон успеси и признанија и иако интензитетот на манифестацијата е различен кај луѓето, постојат начини на кои може да се совлада како вештина.
Преку самомотивација се достигнува стадиум на самосвест во кој се задржува позитивниот пристап кон зацртаната цел, во исто време задржувајќи ја реалната перспектива и можноста за препознавање на некорисни и потенцијално штетни ситуации, како и способноста таквите ситуации безболно да се отстранат. Оваа вештина помага при соочување со различни препреки, начинот на кој истите ги доживуваме и нивното влијание врз понатамошниот тек на настаните.
Емпатија
Емпатијата е можеби најкорисна алатка во развивањето стабилни односи со другите луѓе. Ова е првиот елемент на емоционална интелигенција кој е насочен кон надвор – наместо кон себе и кој нема директни интроспективни елементи, иако во голема мера е зависен од претходно успешната интроспекција.
Емпатијата е способноста да се адаптираме на туѓите чувства и расположенија, да откриеме и разбереме без да ни биде кажано што се случува и да делуваме на начин прикладен на емотивната атмосфера, притоа не тргнувајќи од сопствените гледишта.
Емпатијата е поставена на три столба. Афективна емпатија е способноста да ги споделиме туѓите чувства – чувствуваме тага, поради туѓа тага, чувствуваме болка, поради туѓа болка итн. Когнитивната емпатија е способноста да ги разбереме туѓите чувства, иако во нашата психа не постои ре-манифестација на истите. Емоционалната регулација е способноста да ги прилагодиме сопствените чувства кон чувствата на другиот на начин кој дозволува спонтана реакција, која истовремено по потреба може и да се избегне.
Социјални вештини
Социјалните вештини се последната компонента на емоционалната интелигенција. Добро развиени социјални вештини подразбираат успешно справување во меѓучовечките односи и се особено значаен фактор за здобивање со популарност, интерперсонална ефикасност и правилно лидерство. Социјалните вештини се формираат уште од најрана возраст и начинот на нивното формирање резултира до степенот до кој ќе се развива самодовербата, прагот на задоволство и остварувањето на дадениот потенцијал.
Подлабокото сознавање на компоненти на емоционална интелигенција, како и нивно имплементирање во секојдневните дејствија и отвореноста кон туѓите емоции доведува до потреба за редефинирање на она што точно значи „да се биде паметен“. Разбирањето на овие принципи може целосно да ја промени постоечката перцепција за човековото однесување, бараните карактеристики кај една интелигентна личност и најважно од сè – квалитетот на сопственото постоење.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.