Домашните дружења имаат своја магија. Нудат удобност, близина и создаваат спомени кои остануваат. Но, дури и наједноставното дружење бара малку планирање за да помине пријатно за сите. Добрата подготовка не само што ќе го олесни текот на вечерта, туку и ќе ви овозможи и вие да уживате заедно со гостите. Малите детали често ја прават најголемата разлика.
Овие седум совети ќе ви помогнат да бидете домаќин(ка) за пример.
1. Испланирајте го времето и бројот на гости
Најпрво одлучете кога ќе се одржи дружењето и колку луѓе ќе поканите. Малите групи се идеални бидејќи создаваат интимна и опуштена атмосфера. Кога ќе ја утврдите бројката, полесно ќе го испланирате менито и пијалаците.
2. Известете ги гостите навреме
Поканете ги гостите неколку дена однапред. Ако дружењето е за време на викенд или празници, најдобро е да ги известите барем една недела претходно. Кажете им во кое време би сакале да дојдат, за сите да си го организираат денот.
3. Направете го просторот удобен
Не мора да преуредувате цела соба, но проверете дали има доволно простор сите удобно да седнат или стојат. Ако има потреба, тргнете некое столче или масичка за да создадете повеќе место. Исто така, може да додадете неколку перници за седење на подот за попријатна атмосфера и како екстра места за седење.
4. Спремете едноставно мени што ќе ги задоволи сите
Нема потреба од гурмански јадења. Изберете лесни оброци што може да се јадат и стоејќи или со минимален прибор. Комбинирајте солени закуски, сирења, свеж зеленчук, лепчиња и неколку топли јадења. Добро е да имате и нешто за оние што не јадат месо или избегнуваат одредени намирници.
5. Понудете пијалаци за сите вкусови
Подгответе пијалаци што знаете дека ќе им се допаднат на гостите. Ако сакате да додадете посебен шмек, смислете еден коктел кој ќе биде „обележјето“ на вечерта. За оние кои не пијат алкохол, може да подготвите и некоја интересна безалкохолна комбинација.
6. Создадете пријатна атмосфера
Добрата музика и пријатното осветлување секогаш придонесуваат за поубава атмосфера. Одберете музика што ќе оди во позадина, а сепак нема да го попречува природниот тек на разговорот помеѓу гостите. Осветлувањето нека биде „понежно“ од вообичаеното, доколку собиранката тоа го дозволува. Ако сакате, можете да додадете свеќи или некој мал детаљ што ќе внесе топлина во просторот.
7. Подгответе активности што ќе ја раздвижат вечерта
Дури и најдоброто дружење понекогаш има моменти кога разговорите стивнуваат. Подгответе неколку забавни активности или игри што ќе го разбијат мразот и ќе ги вклучат сите гости. Тоа може да биде квиз, друштвени игри или дури и едноставни теми за разговор што ќе го поттикнат дружењето.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.