„Сакам само пристојна работа и барем еднаш годишно да можам да си дозволам одмор“. „Не ми треба многу – само доволно пари за да не бројам денови до следната плата“. „Да имам покрив над глава и здравје – ништо друго не барам.“
Овие реченици звучат скромно, реално, дури и мудро. Но под нив често се крие чувство на длабоко прилагодување – не на она што навистина го сакаме, туку на она што животот нè научил дека е можно, прифатливо или изводливо. И тука не зборуваме за тоа дека сме станале попрактични или поблагодарни – туку за тоа како често сме приморани да си ги скратиме соништата за да не се разочараме премногу.
Скромноста како воспитување – и како граница
Од најмали нè учат да не бараме многу. Ни кажуваат дека не е убаво да целиш високо, дека е доволно да си вработен, тивок, и некако да се „снаоѓаш“. И колку и да звучи тоа како доблест, всушност се претвора во длабока внатрешна бариера што не нè штити, туку нè ограничува.
Скромноста, кога се практикува свесно, може да биде убав начин на живеење. Но кога е резултат на страв, навика или постојано прилагодување, таа лесно се претвора во алатка за потиснување на сопствените желби.
Научени сме дека барањето повеќе е алчност. Дека незадоволството е знак на расипаност. И така, се убедуваме дека „ова ни е доволно“, дури и кога внатрешно чувствуваме дека нешто недостасува – дека има нешто повеќе што не си го дозволуваме да го посакаме.
Меѓу приспособување и откажување
Животот нè учи на компромис – со времето, со финансиските можности, со личните планови. И тоа не е нужно лошо. Но кога тие компромиси стануваат трајна состојба, кога сè помалку се сеќаваме што сме сакале пред да се прилагодиме, тогаш веќе не се работи за зрелост, туку за тивко откажување од себе.
Колку пати сме се откажале од нешто што сме го сакале, само затоа што сме мислеле дека не е можно? Колку пати сме се откажале од нешто само затоа што никој не ни кажал дека е во ред да посакуваме повеќе? Приспособувањето е разумно – сè додека не почне да не оддалечува од тоа кој сме и што вистински ни треба.
Кога соништата почнуваат да звучат наивно
Во денешно време, ако јавно кажеш дека сакаш нешто „повеќе“ – некаква имаш некаква визија, амбиција, или посакуваш поинаков живот – ќе наидеш на цинични коментари. Ќе те советуваат да бидеш реален, да се „спуштиш на земја“. Ќе ти порачаат да се фокусираш на она што е можно и изводливо, да не се разочараш. Желбата за нешто различно, за нешто што има повеќе смисла или задоволство, често се доживува како наивна и нереална.
Со текот на време, учиме да не зборуваме за она што навистина го сакаме – зашто не сакаме да звучиме „нереално“. А понекогаш, и самите почнуваме да се сомневаме во тие желби. Да ги потиснеме. Не затоа што не ни значат, туку затоа што околината ни пренесува порака дека „не е време за тоа“.
И кога доволно долго ќе се откажуваш од тоа што навистина го сакаш, почнуваш да се навикнуваш на помалку – не затоа што си задоволен, туку затоа што си се убедил дека нема поента да бараш нешто повеќе.
Задоволството со малку – избор или последица?
Да се задоволиш со малку може да биде знак на внатрешен мир. Но тоа важи само кога е свесен, слободен избор. Кога не е последица на разочараност или притисок, туку лична одлука што навистина ти годи. Сосема друга е ситуацијата кога „малку“ е сè што веруваш дека можеш да добиеш.
Во општество каде што хроничниот замор се нормализира, каде што психичката стабилност е луксуз, а достоинствената егзистенција – реткост, сосема е логично што луѓето се навикнуваат да не сонуваат.
Но само затоа што нешто е логично, не значи дека е во ред. Ако си научен да преживуваш, тоа не значи дека не заслужуваш да живееш вистински.
Да сакаме повеќе од животот– без вина
Да посакаш повеќе не значи дека си неблагодарен/на. Не значи дека не го цениш она што го имаш. Напротив – значи дека се почитуваш себе си и сопствениот потенцијал доволно за да не се задоволиш со верзија на животот што ти е само поднослива. Да сакаме повеќе значи да си дозволиме да замислиме нешто надвор од рамките на „доволно добро“.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.