Во изминатиот период аериал дисциплините предизвикаа голема заинтресираност и популарност кај младите низ целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија. Многу повеќе од моментален тренд, аериал јога и аериал слинг покрај што се забавни активности, нудат и повеќе физички и ментални придобивки. На темата аериал, разговаравме со Маја Крстеска, прва сертифицирана инструкторка во Македонија и основач на Aerial Movement Academy.
Што е аериал?
М: Под „аериал“ спаѓаат повеќе воздушни дисциплини и вештини кои се работат на одреден апаратус. Во моментот во Aerial Movement Academy имаме аериал јога и аериал слинг и неколку поддисциплини на аериал јога, како што се aerial dynamics, aerial fit и aerialates. Наскоро, нашата програма ќе ја збогатиме и со Aerial Silks.
Koja е разликата помеѓу аериал јога и аериал слинг ?
М: Во Аериал јога ги пренесуваме класичните јога асани на платнo. Од нив некои положби се доста полесни на платно додека некои се многу потешки од оние кои ги работиме на под на простирка. На часовите се работат доста инверзии. Сржта на аериал јогата се инверзиите бидејќи нема притисок во зглобовите кога ги работиме на платно, така што луѓето можат многу полесно да се опуштат во овие положби и особено ако не можат да направат некои од понапредните асани како стој на глава, тука со помош на платното можат многу полесно да ја направат.
Аериал слинг од друга страна е акробатска дисциплина преточена во танц. Се работи на поголема висина, минимум 4 метри, платното е на една кука и има ротор кој овозможува 360 степени ротација. Слингот претставува доста подинамична дисциплина од аериал јогата.
Од кога се занимаваш со аериал и кој беше првиот момент кога сфати дека сакаш и професионално да го работиш ова?
М: Претходно, неколку години вежбав pole фитнес, капуера и практикував јога. Случајно на инстаграм наидов на видео со аериал слинг и ми изгледаше многу интересно и веднаш сакав да пробам. Барав нешто слично кај нас, но не најдов, па не помина долго време и решив за почеток сама да земам платно и дома да работам. Набрзо ја набавив сета потребна опрема и започнав со интензивно вежбање. Доста време посветив истражувајќи на интернет и остварувајќи контакти со луѓе кои долго време се занимаваат со аериал јога и слинг. Одлуката да станам инструктор си дојде спонтано, како последица од секојдневната посветеност како и поради желбата да ја споделам љубовта и страста кон аериал дисциплините.
Бидејќи кај нас сеуште не беше пристигната аериал јога како дисциплина каде ја заврши обуката за аериал учители?
М: Да, тука немаше аериал јога обука за учители. Првата обука за аериал јога учители ја завршив во Грција, а пред тоа присуствував на аериал слинг работилница со Holly Ann Jarvis, која е пионер на аериал слингот, девојката која го има направено и формирано ова како дисциплина. Имав голема среќа на моите почетоци со слинг да присуствувам на нејзина работилница. На работилницата која што се одржуваше во Атина се дружевме 3-4 дена, работевме доста интензивно, а и по завршувањето останавме во контакт. Редовно имам приватни часови со Holly Ann, соработуваме цело време и имам многу голема поддршка од нејзе целиов изминат период и навистина многу значи да се има поддршка од инструктор од нејзин ранг.
После обуката за аериал учители, заврши и обука за јога учители. Зошто сметаше дека тоа ти е потребно?
М: За мене јогата е основа на сè. Што и да сме вежбале во животот, секаде сме ги правеле тие положби или вежби, дали станува збор за капуера или pole dance или во основните училишта на физичко образование, секаде, сите тие биле јога асани, само што тогаш не сум била свесна за тоа. И кога видов дека има обука за учители кај нас, сфатив дека навистина ќе ми треба, без оглед на тоа дали понатаму во животот ќе предавам класична јога или не, сакав пред сè за себе да ја завршам обуката за да се надградам лично како инструктор, како учител и нормално повеќе да научам за јогата, правилна техника на изведување на асаните, па и делот со медитација и релаксација кој е исто така доста важен.
Имаше обука за аериал инструктори прв пат во Македонија, организирана од Aerial Movement Academy, а ти како единствен сертифициран учител за држење обуки тука во Македонија ја водеше. Како помина oбуката?
М: Обуката помина одлично. Имавме десет учесници, сега сите сертифицирани инструктори. Беше напорно нормално, како и секоја обука, осум часа активна и интензивна работа во период од три последователни викенди, а последниот, четвртиот викенд беше предвиден за полагање на практичниот дел на обуката. Сите инструктори беа одлични, напорно работеа и успеаа да ги совладаат сите предизвици со кои беа соочени за време на обуката.
По завршувањето на обуката, на учесниците, сега веќе сертифицирани инструктори, ти им овозможи и практично да го применат своето знаење, односно да работат во Aerial Movement Academy?
М: Сите инструктори имаа можност да одберат доколку сакаат да работат во Aerial Movement Academy. Седум од нив веќе имаат свои групи во АМА и успешно држат часови.
За јогата веќе знаеме дека може секој да вежба па дури е препорачана и од страна на доктори. Дали може секој да посетува аериал јога и аериал слинг? За кого се препорачува?
М: За разлика од класична јога, на аериал јога и аериал слинг баш и не може секој да вежба. Не се препорачува за луѓе кои имаат хроничен висок крвен притисок, бидејќи се работат доста инверзии, потоа епилепсија, преживеан срцев удар, рана бременост, глаукома итн.
Накратко, за да можеме безбедно да ги посетуваме Аериал часовите, треба да сме во добра психофизичка состојба.
Што се однесува на флексибилноста, дали е потребно да бидеме флексибилни за да почнеме аериал?
М: Платното навистина помага за флексибилноста на телото. Многу луѓе на почетокот мислат дека е потребно да бидеме флексибилни пред да започнеме со вежбање, особено кога ќе видат некоја слика од понапредна положба. Обично луѓето знаат да се исплашат од видео или слика од она што го работиме на часови, но тоа се веќе понапредни практиканти или инструкторите, па поради тоа и можат да си кажат „Леле јас ова нема да можам никогаш да го направам“. Меѓутоа верувајте, секој кој дошол на првиот час и рекол дека нема да може да направи одредена положба, по месец, два ја правел положбата без никаков проблем. Суштината е во континуирана пракса и работа и ништо не е невозможно.
Дали има заинтресираност за аериал од страна на машката популација?
М: Па има иако не во толку голем број како од женската популација. Тоа се стварно храбри мажи (хахаха) почит за нив, аериал јога како и класичната јога е буквално за сите, важно е само да се во добра психофизичка состојба, може да вежбаат дури и повозрасни се додека се чувствуваат витално и најважно од сè е да си го слушаме телото додека работиме.
Зборувавме и со Доротеа Огненовска која беше дел од првата обука за аериал учители, сега сертифициран аериал инструктор.
Доротеа ти беше дел од првата обука на аериал учители. Дали можеш да ни раскажеш за твоето искуство? Што добивте и како ви се допадна целата обука ? И од каде желбата да станеш аериал инструктор?
Д: Моето патување започна како ученик во првата аериал јога група на Маја, за потоа паралелно да вежбам и аериал јога и аериал слинг. Бев многу задоволна од начинот на кој Маја предаваше, и тоа што го учевме и тоа што го вежбавме стварно беше на ниво и професионално по светски стандарди. Кога дознав дека ќе се организира обука за аериал учители, веднаш се пријавив. По завршувањето на обуката, се одлучив да ја прифатам можноста да држам часови во Aerial Movement Academy.
Организацијата на обуката беше одлична, едно големо браво за Маја како успеа сето знаење да ни го пренесе во еден цел месец. Беше екстремно напорно за време на викендите бидејќи работевме осум часа, а преку недела одевме на часови и тренинзи, но се исплатеше и најважно од сè имавме добра соработка. Имавме и надворешни предавачи кои само го надополнија квалитетот на обуката, добивме севкупно знаење. Маја знаеше да го извади максимумот од нас и беше и сеуште е тука за нас, за совети и инспирација.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.