Концептот јога нидра потекнува од древните езотерични тантрички традиции на хиндуизмот и будизмот. Јога нидра (санскрит: योग निद्रा), јогиски сон) е техника со која се постигнува мошне луцидна состојба на свест. Медитативна состојба помеѓу јавето и сонот. Состојба на свесно длабоко спиење. Слична состојба на свест имаме во моментите непосредно пред да се разбудиме и непосредно пред да заспиеме. Ваквата состојба дозволува контакт со потсвесниот и несвесниот дел на умот, кој пак во оваа состојба е далеку порецептивен.
Јога нидра е состојба во која телото е целосно опуштено. Практикантот станува сè повеќе свесен за својот внатрешен свет, за своето вистинско јас. За разлика од медитацијата, до која што се стигнува со концентрација на одреден фокус, во јога нидра практикантот останува во состојба на пратјахара (повлекување на сетилата). Единствено слухот останува активен и ги следи инструкциите. Крајната цел на двете техники е достигнување медитативна состојба на свест наречена Самади, преку која се поврзуваме со Севкупното.
Прајна – највисоката и најчиста форма на мудрост
Оваа состојба на ”будна свесност за време на спиење” во Мандуки Упанишад (Māṇḍūkya Upaniṣad) се нарекува прајна (санскрит: Prajñā или paññā (Pāli) мудрост, увид во вистинската природа на реалноста). Прајна ја промовира највисоката и најчистата форма на мудрост, интелигенција и разбирање. Тоа е состојба на мудрост до која не е дојдено по интелектуален пат. До таа мудрост се стигнува преку јога нидра.
Интуитивноста која се развива за време на јога нидра, му овозможува на човекот да пронајде многу одговори и да ја изрази својата вистинска природа. Тоа е тоа отворање на третото око (чакрата Агја), кога свесноста е супериорна во однос на напнатоста, комплексите и инхибициите, односно во однос на телото и умот. Надминуавајќи ја идентификацијата со умот и телото, целото битие е проткаено со потполна свесност. Јога нидра е вештина на опуштање која ни овозможува да нурнеме длабоко во потсвесното, да се ослободиме од менталните тензии и да воспоставиме хармонија во сите аспекти на нашето постоење.
Свами Сатјананда Сарасвати
Кон средината на 20-тиот век, Свами Сатјананда Сарасвати (Swami Satyananda Saraswati) ја популаризира оваа практика со тоа што прави своевидна синтеза помеѓу древната техника и современите научни сознанија од областа на невропсихологијата. Техниката е едноставна и се заснова на рецептивна свесност. Целта е да се воведе практикантот во хипнагогна состојба на свест, позната како алфа состојба, а потоа се преминува на подлабоките нивоа, нивоа на емоциите и симболите (архетипови). Сарасвати ја систематизира јога нидра во осум фази – интернализација (повлекување на сетилата, пратјахара), санкалпа (донесување одлука и дефинирање намера/цел), ротација на свеста (ментално скенирање на сите делови од телото и нивно опуштање), свесност за дишењето, манифестација на спротивности, креативна визуелизација, санкалпа (повторување на претходно донесената одлука) и екстернализација (враќање на свесноста во физички опипливиот свет). Се практикува во шавасана (положба во која лежиме на грб).
Санкалпа
Санкалпата претставува важна фаза во јога нидрата и е силен метод за преобликување на нашата личност и нејзино насочување во позитивна насока. Таа претставува желба која треба да ја дефинираме во вид на одлука, донесена кога умот е мирен и ослободен од било каква интелектуална активност. Целта на санкалпата е да го промени нашиот начин на живот, на физички, ментален, емотивен и духовен план. Санкалпата може да го промени целиот наш живот, доколку мудро ја користиме. При одредувањето на санкалпата, задолжително треба да поставиме и намера (цел).
Панча коша
Јога нидра делува на сите нивоа на нашето постоење, односно на панча коша. Согласно јога учењето, човечкото тело е составено од пет обвивки на тело обединети во една, наречена панча коша. Панча коша ги обединува – физичкото тело (Annamaya kosha) , енергетското (Pranamaya kosha), менталното (Manomaya kosha), интуитивното (Vijnanamaya kosha) и самото себство, благословеното битие (Anandamaya kosha). Симултаното делување на сите пет обвивки создава чувство на целост, како со себе така и со Севкупното.
Ослободување од самскарите – Мокша
Јога нидра е универзален принцип, кој покрај длабоката релаксација, претставува патека која води кон ослободување од менталните впечатоци вкоренети во нашата најдлабока потсвест, а кои оставаат психолошки траги. Ваквите ментални впечатоци (отпечатоци), на санскрит наречени самскари, се основа на развојот на теоријата за кармата. Се смета дека самскарите настануваат од повторувачка мисла или навика која се повеќе се продлабочува во умот и телото, создавајќи ментален впечаток (отпечаток) кој со текот на времето се повеќе влијае на нашиот став, однос кон себе, резонирање и однесување кон другите.
Секоја акција, намера или подготовка на поединецот остава самскара во подлабоката структура на умот на битието, која се манифестира во овој или во некој следен живот. Овие впечатоци предизвикуваат кармички конесеквенци и го спречуваат обединувањето на Панча коша (петте слоеви на сопственото јас). Ако овие емоции продолжат да опстојуваат, менталниот / емоционалниот слој нема да може да се интегрира со другите слоеви. Самскарите се манифестираат како тенденции, кармички импулси, потенцијали или вродени диспозиции. Јога нидра може да биде особено корисна во ослободувањето од самскарите.
Кога самскарата ќе се појави за време на практиката, можеме да допреме до чувствата што се појавуваат, а потоа, со свесност, да си дозволиме да ги доживуваме овие чувства се повеќе и повеќе. Со секоја следна пракса се селиме подлабоко во сопствениот внатрешен свет, во светот на самскарите, а тоа придонесува за подобро разбирање на нашите реакции. Крајната цел е ослободување од самаскарите односно достигнување Мокша.
Други придобивки:
За време на практиката, вниманието е во шестиот вртлог, односно чакрата Агја со што се стимулира пинеалната жлезда која ослободува мелатонин, хормон кој го намалува стресот и го подобрува имунолошкиот систем. Со редовна практика се подобрува рамнотежата меѓу левата и десната хемисфера во мозокот, односно рамнотежата помеѓу ида и пингала, ха и тха, сонцето и месечината, темното и светлото, топлото и ладното, односно помеѓу спротивностите јин и јанг, присутни во секој од нас.
Јога нидра може секој да практикува. Лесно е да се следи на било која возраст. Сè што треба да направиме е да легнеме на грб на подот и да ги следиме инструкциите, но може да се практкува и во удобна седечка положба.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.