Намасте, прана, садана, ом, уџаи. Многу од овие јога зборови ќе ги сретнете на часовите по јога. Повеќето јога учители на своите часови користат и термини од санскрит – класичниот индиски јазик кој се користи во јогата како и македонски преводи за вообичаените термини за јога.
Овој јога „жаргон“ може да биде непознат и збунувачки за почетниците. Но, не грижете се, со доследна пракса, добри учители, практикантите природно ќе научат многу од значењата на санскритските термини и јога зборовите додека напредуват низ пракса.
Во продолжение можете да прочитате неколку секојдневни и често употребувани зборови од јога вокабларот со нивниот македонски превод. Накратко ќе ги објасниме значењата на овие јога зборови и контекстот во кој вообичаено може да ги сретнете да бидат користени.
Ахимса (ahimsa) – практикување ненасилство, неповредување на сите живи суштества. Ахимса е првата Јама, моралните кодекси наведени во „Јога Сутрите“ на Патанџали.
Асана (asana) – физичка положба или поза. Секое санскритско име на положба завршува со терминот асана (пример, буџангасана, дармикасана, шавасана итн.).
Ашрам (ashram) – јога или духовен „манастир“ или „засолниште“ или јога училиште.
Атман (atman) – трансцеденталното и вечното јас или живиот дух.
Бандха (bandha) – енергетско заклучување кое бара контракција на мускулите и внатрешен фокус за да се ограничи протокот на прана или енергија. Трите главни бандхи кои се користат се Мула Бандха, Удијана Бандха и Џаландхара Бандха.
Багхавад Гита (Bhagavad Gita) – најстарата санскритска книга за јога која е дел од поголемиот еп „Махабхарата“. Оваа книга се смета како духовен водич и извор на мудрост и инспирација.
Бхакти (bhakti) – практикување на љубов и посветеност кон Боженственото
Веди (vedas) – Најстарите јогиски списи кои опфаќаат четири главни збирки на Риг Веда, Сама Јаџур и Атарва Ведите.
Гуру (guru) – духовен учител или водач кој нуди знаење и го води практикантот низ духовното патување.
Дхарма (dharma) – улогата, целта и патеката во животот што води кон вистината, мирот и просветлувањето.
Дхјана (dhyana) – медитација од постојана состојба на ментален фокус и воедно седмата гранка од осумчлената јога на Патанџали.
Дришти (drishti) – точка на фокус која се користи најчесто при изведба на асаните за да се одржи рамнотежа и концентрација.
Јами (yamas) – Петте морални, етички упатства за практикување јогa. Сите овие насоки опишуваат како јогинот треба да се однесува и да се поврзува со светот.
Јога (yoga) – санскрит за „јарем“ или „соединување“, или унија на умот, телото и духот. Има четири главни патеки за избор: карма јога, крија јога, бхакти јога и џнана јога.
Јога сутри (yoga sutras) – еден од најпопуларните антички индиски текстови напишан од мудрецот Патанџали кој опишува кохерентна и детална филозофија на практикувањето на јогата.
Карма (karma) – законот на причина и последица. Целта на јогинот е да не акумулира дополнителна карма во неговиот или нејзиниот живот.
Киртан (kirtan) – посветено пеење на химни, мантри, најчесто при собир.
Кумбака (kumbhaka) – задржување на здивот или дишењето што се користи при пранајама техники.
Мандала (mandala) – кружен геометриски дизајн кој го претставува космосот и може да служи како објект за медитација и контемплација.
Мантра (mantra) – свет звук или фраза на санскрит, која има трансформативен ефект врз умот кога се користи во медитација.
Мудра (mudra) – гест со рака или телесно движење што се користи во практиката на јога за да влијае на протокот на прана, енергијата на животната сила.
Намасте (namaste) – поздрав за почит на внатрешната светлина на сите суштества.
Нади (nadi) – каналот по кој се движи праната или суптилната енергија во телото. Во телото има над 72.000 надии, но од нив три се главни (ида-нади, пинга-нади и сушумна-нади).
Нијама (niyama) – втората гранка од осумчлената јога на Патанџали која ги содржи петте внатрешни практики: чистота, задоволство, само-контрола, само-проучување, посветеност кон повиките моќи.
Ом или Аум (om) – примарниот звук кој го претставува соединувањето на целиот Универзум. Ом често е префикс на многу од санскритските мантри и химни.
Патанџали (Patanjali) – древен индиски мудрец, научник, филозоф и „автор“ на Јога Сутрите.
Прана (prana) – енергија на животната сила која го одржува телото.
Пранајама (pranayama) – Контрола и владеење на праната или енергијата на животната сила преку внимателни вежби за дишење.
Пратјахара (pratyhara) – јогиска техника на „повлекување на сетилата“ која создава внатрешен фокус и интроспекција преку исклучување на одвлекувањата создадени од сетилата.
Садана (sadhana) – духовна пракса, обука или дисциплина што се користи за напредок на јогинот кон постигнување просветлување.
Самади (samadhi) – состојба на единство
Сурија Намаскар (surya namaskar) – Поздрав на сонцето е низа од јога положби и движења кои се практикуваат во континуитет едно по друго. Постојат неколку различни варијации на Сурија Намаскар.
Уџаи (ujjayi) – победнички здив, изведбата на ова дишење звучи како бранувања на океанот.
Чандра (chandra) – Месечината
Чакра (chakra) – тркалезни вртлози од светлина и енергија во телото. Секоја чакра е поврзана со одредена боја, емоции и елемент. Најпознати се 7 чакри, иако се верува дека постојат многу повеќе.
Шавасана (shavasana) – преведено како „положба на мртовец“, е најчесто последната поза за релаксација по час што вклучува лежење на грб со раширени раце и нозе на страна.
Шала (shala) – се користи наизменично за „јога студио“ или „јога простор“, Шала е е посветен простор каде што луѓето можат да се соберат за да учат и вежбаат заедно.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.