Античката традиција на Индија – јога, во изминатите неколку декади стана мултимилионска индустрија и зема сопствен замав, под многу различни имиња, брендови и значења. Тешко е да не чувстуваме некое незадоволство кон трендовите кои ја оттргнуваат јогата од вистинското значење и ја сведуваат на физичка дисциплина. Уште потешко е да се прифати кога постуралната јога е копирана и вметната во посебна идеја со цел да се собере мала публика и да се создаде нов бренд на јога.
Тоа не тера да се запрашаме дали авторот на јога сутрите Патанџали, кој ја има објаснето филозофијата на јогата на најконцизен начин и ја претставил јогата како ментален, психолошки и духовен водач не би бил зачуден од трендовите кои никнуваат како „печурки“ низ целиот свет.
Иако начинот на кој Западот ја гледа јогата донекаде ја надминува физичката пракса, сепак вистинската цел на јогата е самосвеста и начин на доведување на здрав и балансиран ум и тело. 196-те стихови или афоризми на Патанџали се можеби и најстариот систем на „психотерапија“ и имаат за цел да ја развијат свесноста и да го регулираат умот, телото и емоциите. Во овој систем физичкиот дел на јогата или асаните, се сметаат како начин за отстанување на пречките од телото за да може да се стигне до главните аспекти на јогата, односно умот и интроспекцијата.
Патанџали има систематски пристап ориентиран кон директна реализација на вистината која понекогаш одговара на идејата за „самоактуализација“ во психотерапијата. Ако ги погледнеме филозофските и интелектуалните интеракции меѓу Западот и Индија, можеме да забележиме дека филозофијата на јогата е доста абсорбирана во денешната психологија и постојат паралели помеѓу гледиштата на јогата и она што психотерапијата цели да го постигне.
Кога Свами Вивекананда за првпат ја претставил пред западната публика „Раџа Јогата“, односно неговата интерпретација на Јога Сутрите, во својот историски говор на „Собранието на светски религии“ во Чикаго во 1893 година, зборувал за филозофија, пранајама, медитација и религиозна толеранција, а физичкиот дел од јогата не бил споменат многу. Вивекананда станал инстантна сензација со своите ораторски вештини и обединувачки учења за религијата, а неговите идеи стигнале до интелектуалци како Вилијам Џејмс, американски психолог „татко“ на психологијата, чиј најзабележлив придонес во психологијата бил методот на „интроспекција“.
Јунг и Кундалини јога
Карл Г. Јунг развивајќи ја јунговата анализа ги поврзувал точките меѓу источната мистика и западната психологија, повлекувајќи паралели помеѓу културите за да го посочи универзалното разбирање на психата и оставил опсежна студија за хиндуизмот во својот опус „Психологијата на Кундалини јогата“.
Визијата на Алдоус Хаксли ја пронајде својата инспирација во нео-веданта, била пренесена на американската култура преку Есален во Калифорнија. Децении подоцна Фриц Перлс, основач на Гешталт терапијата ќе го направи Есален дом каде што ќе ја проучува и понатаму развива Гешталт терапијата. Во 1960-тите училиштата за психотерапија како „Анализа на карактерот“ на Вилхем Рајх ги „раѓаат“ соматската терапија и гешталт терапијата кои се егзистенцијални и експериментални и кои го уважуваат телото и емоциите во практичната поставеност на психотерапијата во најсовремен пристап, заменувајќи го дуализмот на тело-ум од кои западните научни размислувања ги земаат своите корени.
Интересно е тоа што дефиницијата на Патанџали за јогата „Yogas chitta vritti nirodha“ – како признавање на „искривените“ мисли во умот и враќање до изворот е сама по себе идеја за когнитивна работа и за свеста и присутноста „тука и сега“ е на многу добар и сличен пат со современата психотерапијата. Тоа не тера да се запрашаме дали сличностите и преклопувањата на јогата со науката за современа психотерапија би го зачудиле Патанџали. Но, колку што повеќе се „консумира“ јога во светот, толку е поважно да се изградат мостови за подобро разбирање на јогата, здравјето и психологијата. Мостови кои ќе овозможат пристап за да ја истражиме оваа традиција од 3.000 години која ја допира суштината на човештвото и животот.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.