Комплементарниот и дуалниот карактер на Универзумот е олицетворен во лунарната, женска енергија и соларната, машка енергија. Во Јин и Јанг, во Ха и Тха, во Ида и Пингала,во темното и светлото … во суптилниот и хармоничен танц на спротивностите.
Јин и Јанг
Сеприсутниот симбол Јин-Јанг ги има своите корени во таоизмот / даоизмот, кинеската религија и филозофија. Тој е симбол за универзалната еднаквост на спротивностите, како ултимативен принцип за постоењето на Севкупното. Овој дуалистички принцип според кој сите нешта во Универзумот постојат како неразделни и противречни спротивности го сретнуваме во таоистичката филозофија. Јин и Јанг се две спротиставени, но истовремено и комплементарни сили (лунарна и соларна ) што ги сочинуваат сите аспекти и појави во животот. Ако го снема Јин, неминовно го снемува и Јанг. Останува хаосот.
Принципот датира од некаде 3 век пр.н.е. или можеби нешто порано. Симболот Јин и Јанг е прикажан во круг како целина, во која Јин е црната страна, со бела точка, а Јанг е белата страна, со црна точка. Во буквален превод Јин и Јанг значат сенка и светло. Ниту една страна не е супериорна во однос на другата . Концептот Јин и Јанг е основата на дисциплината Таи чи чуан.
Хата Јога
Сличен на овој е принципот до кој се држи и хата јогата. Симболично Хата значи соединување помеѓу соларната и лунарната енергија, односно помеѓу спротивностите во нас. Зборот хата (hatha) се преведува како Ха (Сонце) што соодветствува на таоистичкото Јанг – (соларната, машка енергија) и Тха (Месечина) што соодветствува на јин – лунарната, женска енергија . Двете спротивни струи или сили во Универзумот (позитивна и негативна/ машка и женска, соларна и лунарна) се манифестираат во се и во секого.
Суштината и целта на хата јогата е да воспостави совршена хармонија помеѓу овие две струи, преку балансирање на праната во надите (енергетските канали): Пингала нади (соларната, машка енергија) и Ида нади (лунарната, женска енергија) поставени од десната и левата страна на Сушумна нади (централен енергетски канал), кој се наоѓа по должината на р’бетниот столб.
Потеклото и значењето на Јин и Јанг
Според некои кинески легенди Јин и Јанг се родени од хаосот, кога Универзумот бил за прв пат создаден. За време на креацијата, кога нивниот баланс бил воспоставен, од “космичкото јајце” бил роден и првиот човек Пангу (или П’ан ку), од кого потекнува севкупната креација.
Приказот на симболот Јин и Јанг укажува на тоа дека спротивностите взаемно се привлекуваат, надополнуваат и сочинуваат едно. Постоењето на едниот принцип е неминовно условено од постоењето на другиот принцип. Темното не би постоело, доколку не постои светлото, ладното не би постоело, доколку не постои топлото итн. Се појавуваат истовремено и секогаш се исти. Уште една егзактност е тоа што секој принцип во себе го содржи и спротивниот. Кога се во баланс јин и јанг доаѓа до воспоставување совршена хармонија.
Лунарна енергија – Јин/Тха/Ида
Лунарната енергија е поврзана со елементот вода. Таа е приемчива, флуидна и флексибилна. Експанзивна и сеопфатна. Присуството на оваа енергија ни овозможува да се опуштиме и да се отвориме кон постојаната промена каква што е животот. Вишокот пак резултира со летаргичност, немотивираност и физичка и психичка инертност. Стануваме премногу емотивни и чувствителни и тешко ни е да ги контролираме нашите реакции. Јин/Тха/Ида е женски принцип. Пасивен. Симбол на ноќта, месечината, темнината, студот, апсорпцијата. Бавен и мек.
Соларна енергија (Јанг/Ха/Пингала)
Енергијата на Јанг е брза, динамична и немирна. Тоа е енергија на будност и аспирација. Да бидеме во контакт со јанг енергијата значи да бидеме успешни во преземањето иницијатива за остварување на нашите замисли. Ако овој аспект е пренагласен, може да се манифестира со пренагласено фокусирање во една насока, со што може да се изгубиме во пошироката перспектива. Со премногу јанг енергија го следиме само умот и логиката, но не и срцето. Вишокот на јанг енергија резултира со нечувствителност, губење контакт со самите себе, ригидност и неможност да се изразиме слободно. Јанг е машки принцип. Активен. Симбол е на денот, сонцето, светлината, активноста и пенетрацијата. Брз и цврст.
Сеприсутност
Врската меѓу овие два принципи може да се опише како движењето на сончева светлина над планина и над долина. Како што се движи сонцето по небото, јин и јанг постепено си ги заменуваат местата, откривајќи го непознатото, и криејќи го познатото.
Концептот е присутен во сите форми на промена како што се на пример годишните циклуси зима (јин) и лето (јанг). Јин ја достигнува својата кулминација на влијание со зимскиот солстициј, а Јанг со летниот.
Светлината и темнината, оганот и водата, експанзијата и контракцијата се сметаат за физички манифестации на двојноста симболизирана во овој концепт.
Кога веќе имаме свесност за сеприсутноста на овие поларни енергии во нашите животи, можеме истите да ги искористиме и да си создадеме хармонија во постоењето. Еден од бројните, но можеби најдобри начини за балансирање на спротивностите, се хата јога и таи чи чуан праксата.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.