Потеклото на зборот коша е санскритско и се преведува како „обвивка” или „слој”. Упанишадите ги опишуваат кошите како систем од пет обвивки (слоеви) на свесност кои го покриваат Атман, Вистинското јас. Коши се меѓусебно поврзани и интерактивни – она што се случува на едно ниво, влијае на сите слоеви на телото.
Системот од петте обвивки заедно се нарекува Панча коша. Почнувајќи од најгрубата па до најфината обвивка, Панча коша ја сочинуваат: Аннамаја коша (Аnna – храна) – се поврзува со физичкото тело, Пранамаја коша (Prana – витална, животна енергија) – „енергетска“ обвивка, Маномаја коша (Manas – ум) – умствена, ментална обвивка, Виџнанамаја коша (Vijnana – мудрост) – интелектуална обвивка и Анандамаја коша (Ananda – божественост) – трансцендентална или божествена обвивка.
Почнувајќи од наjгрубата и најоддалечената обвивка – Аннамаја коша или физичкото тело, кошите се распоредени кон внатре, до јадрото, до самото Себство. Осознавањето и искусувањето на секоја коша го приближува поединецот до вистинското Јас, односно до Универзумот или ултимативната реалност.
Аннамаја коша
Кошата Аннамаја (Anna -„храна“ или „физичка материја”) е првата, најодалечената и најгрубата коша. Се однесува на физичкото тело. Низ оваа коша, човекот се идентификува со коски, кожа, месо, маснотии и нечистотија. Со вежбање асани (третата гранка во јогата) работиме на Аннамаја коша. Раѓањето и смртта се нејзините атрибути. Аннамаја коша ги одржува сите други коши.
Пранамаја коша
Пранамаја значи составена од прана (животна, витална енергија). Таа е втора од петте слоеви, или обвивки во телото. Го опфаќа целиот организам, а нејзината физичка манифестација е здивот или вају (воздух). Праната влегува во телото со самото вдишување, а потоа “тече” низ надите, или енергетските канали. Се верува дека има 72.000 нади кои ја сочинуваат пранамаја коша. Оваа коша претставува витален принцип, сила што го одржува заедно телото и умот. Се додека овој витален принцип постои во организмите, животот продолжува. Култивирањето на пранамаја коша го правиме со техниките за контролирање на здивот – пранајамите. Со оглед на интерактивноста и меѓусебната зависност на кошите, со пранајамите вршиме влијание и врз сите други коши, односно врз панча коша. Слично на тоа, изведувањето асани, првенствено влијае на аннамаја коша, но исто така има позитивно влијание и врз пранамаја коша.
Маномаја коша
Маномаја коша е трета од петте слоеви, или обвивки на телото . Маномаја значи составена од манас или ум. Умот (манасот) и петте сетила заедно ја сочинуваат маномаја коша. Со маномаја коша се приближуваме кон јадрото – Себството (Атман). Инстинктивната свест, мислите и перцепцијата се поврзани со маномаја коша. Маномаја коша е управувана од мислите, за кои се смета дека имаат огромна моќ да создадаваат и да уништуваат. Бидејќи умот е моќен, тој може да доминира во надворешните обвивки, односно на аннамаја и пранамаја коша. Еден од начините за работа на маномаја коша е техниката јога нидра.
Виџнанамаја коша (интелектуална обвивка)
Виџнанамаја значи составена од интелект, мудрост, знаење. И покрај тоа што во јога филозофијата оваа коша е поврзана со мудрост и свест, сепак таа не е Вистинското јас, затоа што е минлива, менлива, ограничена и не секогаш присутна.
Виџнанамаја коша е одговорна за целиот внатрешен личен развој. Во неа егзистираат и еволуираат моралот и етиката. Тука едноставната перцепција трансцендира во посуптилно знаење, проникливост и мудрост. Виџнанамаја коша е она што се обидува да ја привлече свеста од сетилата кон подлабокиот ментален простор.
Виџнанамаја коша, како и сите коши е интерактивна и во меѓусебна зависност со другите коши. Асана праксата, но уште повеќе медатицијата му помагаат на јогинот да се поврзе со неговата подлабока интуиција, мудрост и знаење.
Исто така во Виџнанамаја коша лежат почетоците на разбирањето дека чувството на одвоеност од Севкупното и егото се само илузија. Ова спознание се вели дека носи поголемо сочувство, љубов и среќа.
Анандамајa коша
Анандамаја коша најчесто се преведува како божествено тело. Таа е најсуптилната од петте коши. Во длабок сон, кога умот и сетилата престануваат да функционираат, таа сепак стои помеѓу светот и самото Себство. Оваа божествена, спиритуална обвивка ја има својата целосна улога за време на длабокиот сон, додека само делумно се манифестира за време на сонување и во будна состојба. Анандамаја коша е одразот на Атман кој е вистина, убавина, божествен Апсолут или самото Себство.
Анандамаја коша е вистинската природа на човекот, но за да се стигне до неа, мора да бидат исчистени сите илузии од претходните коши. Во неа е безусловната љубов, мирот, радоста и единството.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.