Буквалниот превод на зборот јога е унија и тој во себе ја содржи самата суштина или крајната цел на јогата. Во своите рамки оваа дисциплина вклучува физичка, ментална и спиритуална пракса, па така делува на сите нивоа од нашето постоење. Нема натпреварувачки карактер, туку претставува совршена алатка за усовршување на самите себе од сите аспекти.
Значењето на зборот јога главно се толкува од три гледни точки: од филозофски аспект, таа претставува унија на релативното и апсолутното, од религиозен аспект е унија на индивидуалниот дух (Атман) и Божествениот (Брахман), додека од психолошки аспект станува збор за интеграција на личноста, унија со повисокото ниво на свест, самореализација. Истата состојба на свест ја сретнуваме и како: самоспознание, просветленост, Самади, Нирвана … Како што постојат многу имиња, така постојат и многу начини да се стигне до истата цел. Јогата е едниот од нив. Најавтентичниот.
Основната тенденција во јогата е подигнување на свеста и освестувањето на сегашниот момент. Колку е повисоко нивото на свест, толку полесно се ослободуваме од потиснатите деструктивни мисли и емоции кои негативно влијаат на квалитетот на целокупното наше постоење.
Класификација на јогата според Патанџали
Комплексноста на јогата бара посветеност во целокупниот начин на живеење. Древниот мудрец Патанџали (Patanjali) ја класифицирал јогата во осум гранки, а тоа се: Yama – морални, етички и спиритуални патокази, Niyama – етички правила на однесување кон самите себе, Asana – физичка манифестација на јогата, Pranajama – регулирање на здивот, односно виталната енергија преку техники за дишење, Pratyahara – повлекување на умот од сетилните објекти, Dharana – строга концентрација на одреден објект. Dhyana (медитација) – целта е запирање на флуктуациите на умот и Samadhi – состојба во која флуктуациите се целосно запрени и доаѓа до обединување на свеста со предметот на медитација – состојба во која сме поврзани со нашата повисока свест, со Универзумот.
Асана пракса (она што најчесто се подразбира кога ќе се спомне јога)
Третата гранка, односно физичката манифестација на јогата – асаните, е она што модерниот тренд најмногу го подразбира под јога.
Јога асаните за прв пат се спомнуваат во најстарата литература на човештвото – Ведите, но се верува дека науката за јогата е усно пренесувана многу пред Ведите.
Kратката дефиниција за асана е: стабилна и удобна положба (sanskrit: Sthira Sukham Asanam – Patanjali, Yoga sutra).
Доколку се земе предвид различниот степен на флексибилност и подготвеност на практикантите (физичка и ментална), асаните грубо можеме да ги поделиме во три групи – почетна, средна и напредна.
Серијата Паванмуктасан (pawanmuktasana) која опфаќа антиревматски и антигастритични вежби е идеална за почетници и луѓе со одредени заболувања кои не можат да ги изведуваат потешките вежби. Оваа група асани се состои од основни техники, со цел да го подготват телото и умот за потешките асани и медитативни положби. Средната група асани бара поголем степен на стабилност, концентрација и координација со дишењето, додека напредната група асани е наменета за луѓе со голема моќ за контрола над мускулите и нервниот систем, кои веќе ја имаат совладано средната група асани.
Хата јога
Во Хата јогата асаните се работат бавно, со опуштање и концентрација. На тој начин влијаеме на надворешните и на внатрешните системи на телото. Нервниот систем, жлездите со внатрешно лачење, внатрешните органи како и мускулите се стимулираат на нормална и хармонична работа, односно имаат физички и психоанатомски ефекти кои се од голема помош во отстранувањето на различни аномалии.
Заклучок
Бенефитите од јогата се бројни. Таа е спиритуална, но истовремено е и холистичка дисциплина. Нејзиниот распон на делување е широк, од подобрување на здравствената состојба, зајакнување и обликување на телото до подобрување на менталните способности. Целосната посветеност на јогата овозможува и подлабоки спиритуални искуства – потполно ослободување (Мокша) како и обединување со Универзумот, со Севкупното (себеспознавање, самореализација, Самади, Нирвана …
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.