Основните постулати на кои се темели древната тантричка техника Јога нидра (санскрит: योग निद्रा), јогиски сон) се релаксација и визуелизација. Во основа, Јога нидра е состојбата во која што се наоѓаме непосредно пред заспивање, во која телото е во длабока релаксација, но свесноста е сеуште будна. Во таквата длабока релаксација и низ водена визуелизација на специфични претстави и архетипи, практикантот остварува контакт со потсвесниот и несвесниот дел од умот. Оваа будна свесност за време на спиење психолозите ја нарекуваат хипнагогна состојба. Тоа е состојба која трае најчесто од три до пет минути и за време на истата мозокот емитира алфа бранови.
Посветените практиканти преку Јога нидра можат да ја искусат крајната цел или ултимативната реалност – ослободување и самореализација. Таа е начин на кој комуницираме со изворот на самоспознавањето и инспирацијата кои лежат во секој од нас.
Здравствени придобивки
Покрај во спиритуални цели, Јога Нидра се почесто се користи и при лечење на разни видови болести, сама или во комбинација со конвенционална медицинска терапија. Станува збор за болести што се појавиле како последица на стрес, – хипертензија, разни срцеви заболувања, артритис, болести со психосоматско потекло како астма и мигрена. Особено дава резултати во психијатриски третмани, во кои пациентот станува сам свој терапевт, преку препознавање и прифаќање на внатрешните проблеми и тензии и соочување со истите. Одлична техника е за справување со анксиозност и несоница. Ја подобрува меморијата и учењето. За време на практиката, се стимулира пинеалната жлезда (Агја чакра) која ослободува мелатонин, хормон кој го намалува стресот и го подобрува имунолошкиот систем.
Агја чакра (центар на мудроста и интуицијата)
За време на Јога нидра се стимулира Агја чакра (шестиот енергетски центар) и тогаш свесноста е супериорна во однос на напнатоста, комплексите и инхибициите, односно во однос на телото и умот. Надминуавајќи ја идентификацијата со умот и телото, целото битие е проткаено со потполна свесност. Интуитивноста која се развива за време на јога нидра, му овозможува на човекот да пронајде многу одговори и да ја изрази својата вистинска природа.
Праџна – највисоката и најчиста форма на мудрост
Состојбата на ”будна свесност за време на спиење” во Мандуки Упанишад (Māṇḍūkya Upaniṣad) се нарекува праџна (санскрит: Prajñā или paññā (Pāli). Праџна всушност е увид во вистинската природа на реалноста. Таа ја промовира највисоката и најчистата форма на мудрост, интелигенција и разбирање. Тоа е мудрост до која не се доаѓа по интелектуален пат.
Свами Сатјананда Сарасвати
Кон средината на 20-тиот век, Свами Сатјананда Сарасвати (Swami Satyananda Saraswati) ја популаризира оваа практика со тоа што прави синтеза помеѓу древната техника и современите научни сознанија од областа на невропсихологијата. Целта е да се воведе практикантот во хипнагогна состојба на свест или алфа состојба, а потоа се преминува на подлабоките нивоа, нивоа на емоциите и симболите (архетипи).
Санкалпа
Санкалпата претставува важна фаза во јога нидрата и е силен метод за преобликување на нашата личност и нејзино насочување во позитивна насока. Таа претставува желба која треба да ја дефинираме во вид на одлука, донесена кога умот е мирен и ослободен од било каква интелектуална активност. Целта на санкалпата е да го промени нашиот начин на живот, на физички, ментален, емотивен и духовен план. Санкалпата може да го промени целиот наш живот, доколку мудро ја користиме.
Ослободување од самскарите
Секоја акција, намера или подготовка на поединецот остава самскара во подлабоката структура на умот, која се манифестира во овој или во некој следен живот. Се смета дека самскарите настануваат од повторувачки мисли или навики кои се повеќе се продлабочуваат во умот, а кои се манифестираат како тенденции, кармички импулси, потенцијали или вродени диспозиции. Самскарите со текот на времето се повеќе влијаат на нашиот став и односот што го имаме кон самите себе, како и на односот кон другите. Тие се основа на развојот на теоријата за кармата.
Кога за време на Јога нидра ќе се појави самскара, допираме до чувствата што се појавуваат, а потоа, со свесност, ги доживуваме овие чувства се поинтензивно. Со секоја следна пракса се селиме подлабоко во сопствениот внатрешен свет, во светот на самскарите, а тоа придонесува за подобро разбирање на нашите сегашни реакции.
Јога нидра може да практикува секој. Лесно е да се следи на било која возраст. Сè што треба да се направи е да се легне во шавасана (лежечка положба на грб, со рацете и нозете благо раздвоени) и да се следат гласовните инструкции. Може да се практкува и во удобна седечка положба, со исправен грб.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.