Нашите животи се вртат околу идентитетот што го градиме за себе. Овој процес на самоидентификација започнува кога сме бебиња. Се заснова на тоа како ние се перцепираме себеси и светот. Исто така се заснова и на нашите емоционални, ментални и физички одговори на сè што нè опкружува.
Процесот на ре-идентификација е неопходен ако сакаме вистинска и трајна благосостојба. Бидејќи сме „врзани“ со идентитетот што го имаме за нашето тело, ум, кариера, врски итн. стануваме робови на имагинарната непостоечка личност што самите сме ја создале. Голем дел од нашите страдања лежат во фактот дека се држиме до недофатливите, минливи аспекти на нашето постоење со надеж дека ќе ги „чуваме“ засекогаш. Сакаме доброто да трае вечно, а лошото да исчезне веднаш.
Но, јогата ни покажува дека постои уште една страна на нашето битие, која е непроменлива, мирна и трајна. Ова е нашата вистинска природа, самата срж на нашето битие. Кога сме во состојба да ги согледаме нашиот ум и тело само како показатели на многу поголема внатрешна реалност, тогаш ја разбираме самата суштина на нашето постоење. Откако ќе успееме да го допреме овој аспект од себе, тогаш медитацијата станува спонтана и постојана.
Повлекување
Способноста да се повлечеме од нашата идеја за себе и да бидеме во можност да го сведочиме умот и телото однадвор, ќе ни помогне да ја „видиме“ нашата вистинска природа. Постепено, оваа практика нè смирува одвнатре на сите нивоа на нашето битие.
Кога нè прашуваат кои сме, најчесто одговараме што сме по професија или што работиме. На пример, велиме дека сме инженери, доктори, водоводџии, спортисти, домаќинки итн. Но, ова се работи што ги правиме или работиме, а не она што сме ние.
Овој вид „јас“ се однесува само на привремен феномен. Како приврзаност на топ моделот со сопствениот изглед или приврзаноста на мајката кон нејзините деца. Ние не сме ништо од овие работи. Овие се само привремени улоги, а ние се приврзуваме за нив емотивно и си предизвикуваме судири сами со себе. Сличен е примерот кога велиме дека сме гладни. Тоа е „лажна“ изјава бидејќи ние самите не сме гладни, туку телото е гладно. Кога ќе можеме да го разбереме ова, ќе направиме голем чекор кон нашето внатрешно јас.
Емоции
Истото го правиме и со нашите емоции. Мислиме дека сме уморни, поспани или депресивни, а всушност тоа е само нашата надворешната личност, минлив момент во времето. Ако можеме, треба да избереме да погледнеме внатре и да видиме како непроменливото Себе во нашето јадро. Тоа не е под влијание на било која од овие емоции, туку е тивок, спокоен сведок за светот околу нас.
Овие емоционални состојби се појавуваат и исчезнуваат речиси веднаш, како бранови на морскиот брег. Во еден момент чувствуваме привлечност и пријателство за некого и во дел од секунда тоа се претвора во омраза и непријателство. Оваа состојба на постојана промена е збунувачка и ја ослабува нашата способност да гледаме јасно и да донесуваме добри одлуки. Тука сведокот треба повторно да се издвои, набудувајќи го овој тек, со идеја дека умот се чувствува лут, возбуден или пријателски расположен. Нашето вистинско јас никогаш не е подложно на ниту една од овие пермутации.
Сведочење
Ние можеме да ги гледаме нашите тела и умови од „посебна“ перспектива. Инаку, како би кажале: „се чувствувам одлично или уморно“, или „се здебелив“. Во нас постои способност што може да го гледа телото и умот како надворешни објекти кои се во тек. Вистинското „јас“ внатре е нашата свесност. Свесноста осветлува сè што се случува во и околу нас.
Кога ќе можеме да ја развиеме оваа свесност преку внимание, ќе можеме да бидеме вклучени во животот на вистински начин. Нашите постапки и мисловни процеси исто така ќе престанат да го саботираат сопственото функционирање и со тоа ќе станеме поздрави и посреќни.
Целта на духовноста
Целта на духовноста е да го префрлиме фокусот од каде што сме во центарот на свесноста – вистинското „јас“. Овој пат е долг и може да трае со години, па дури и цел живот за да се усоврши. Но, истиот има бројни и неверојатни награди. Долго пред да стигнеме до нашата цел, се наоѓаме себеси целосно сменети. Можеме да ја задржиме нашата смиреност и сила во ситуации што порано нè правеле да се чувствуваме вознемирени и под стрес.
Знајте дека сето она што го правите денес и што ве фрустрира се само улоги што ги играте. Можете да ги промените во секое време и да одлучите да најдете радост и среќа во она што сте одлучиле да го преземете. Ова создава посилна, поодлучна волја и прекрасен карактер, што другите во нашиот живот ќе го забележат и ќе ги натера да посакаат да ни се приближат, макар и несвесно.
На почеток, можеме само интелектуално да ги разбереме овие идеи, без да имаме вистинско искуство со нив. Да разбереме дека ние не сме ова тело, ниту овој ум, ниту овие емоции, ниту овој интелект. Сите инструменти се подароци за нашето вистинско „јас“, за да можеме да се изразиме со љубов, достоинство, пријателство и благодарнос во овој минлив свет.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.