ОМ или АУМ е свет звук, познат како звукот на Универзумот. Познат е и под имињата пранава, омкара и онкара. Постојат различни варијации на изговорот, во зависност од времето и географската местоположба, но најшироко распространет е изговорот ОМ. Синоним е за прапочетокот, за исконскиот космички звук, за вечното бесконечно, причината за Универзумот. Го опишуваат како најубавата суштина на животот, самоспознание! Според древните хиндуистички мудреци, ОМ е звукот на универзалното творештво и од него потекнува целото создание.
Овој исконски космички звук вибрира со фреквенција од 432 херци. Тоа е истата вибрациска фреквенција која се наоѓа низ сè што е во природата и во целиот Универзум. Во јогата ОМ ја претставува основната мантра од која произлегуваат сите други мантри. За време на пеењето на мантрата, доколку правилно се изведува и самиот практикант почнува да вибрира во рамките на истата фреквенција и да доживее искуство на самоспознание, самореализација. Тоа е истата состојба која ја сретнуваме под различни имиња, како искусување на божественото, соединување со Универзумот, соединување со Бог, Самади, Мокша, Нирвана, и.т.н.
Со ОМ најчесто започнува и завршува секојдневната јога пракса, но може да се изведува и како засебна духовна практика. Преку ОМ ја спознаваме нашата врска со сите други живи суштества, со природата, со Универзумот. Древните јогини звукот АУМ го користеле како мантра за повикување на духовната моќ и присуството на Aпсолутот.
Идеограмот на Ом е претстава на четири нивоа на свест: будна состојба, состојба на сонување, длабок сон и чиста свест.
Анахата Нада
Звукот ОМ присутен е во секој од нас како непроизведен звук или звук на тишината. Санскритското име за овој звук е Анахата нада. Поврзан е со Хридаја (спиритуалното срце) и со срцевата, Анахата чакра. Тоа е местото каде што можеме да ги почувствуваме најдлабоките аспекти на нашето битие, да го искусиме ОМ, да влеземе во Самади. Покрај срцевата чакра, ОМ кореспондира и со последните два енергетски центри – чакрите Агја (трето око) и Сахасрара (крунска чакра) , каде исто така може да се почувстуваат волшебните 432 херци.
За почетоците
Записите за ОМ за прв пат ги сретнуваме во древните хиндуистички свети списи – Ведите. Под влијание на хиндуизмот и тантрата подоцна се појавува и во будизмот, џаинизмот и сикизмот. Поради тоа најчесто се поистоветува со источната духовност, медитација и мир.
Значењето и конотациите на ОМ се разликуваат меѓу различните училишта и традиции, но целта е секогаш иста.
Хиндуизам
Во хиндуизмот Ом е најсветиот слог. Тој ги претставува истовремено Атман (душата, себството, внатрешното јас) и Брахман (Апсолутот, ултимативната реалност, целината на универзумот, вистината, божественото, космичкиот принцип, знаењето). Во ведските текстови со ОМ најчесто се означува почетокот и крајот на поглавјата. Во Упанишадите пак, цели поглавја се посветни на толкувањето на овој свет звук. Според Хинду Мандуки Упанишад во ОМ се сублимирани минатото, сегашноста и иднината и сето она што постои надвор од трите облици на време, а кога се чита или изговара, се слават креативните сили на Универзумот. Се поистоветува со Бур, Бувах Сваха (Гајатри мантра), како и со Шабда-Брахман (shabda санскрит, звук или збор)
Тибетски Будизам
Во тибетскиот будизам ОМ е симбол за целовитост, совршенство, бесконечност. Често се наоѓа на почетокот на мантрите. Најпозната будистичка мантра е „ОМ МАНИ ПАДМЕ ХУМ“ – мантра посветена на Авалокитешвара – Бодисатва на сочувството.
Според 14-от Далај Лама, трите букви А, У и М го симболизираат нечистото тело, говор и ум на секојдневниот непросветлен живот на еден практикант и чистото возвишено тело, говорот и умот на просветлениот Буда.
Толкување на трите фонетски компоненти
За начинот на изговор постoјат различни мислења. Според некои извори, санскритските фонетски компоненти А и У кога се една до друга, се изговараат како О, па така напишаното АУМ се изговара како ОМ.
Првата буква А го претставува потеклото на сите звуци. Се изговара како продолжено АУ. Започнува од задниот дел на грлото, каде што е коренот на јазикот. Вибрацијата ја чувствуваме во соларниот плексус и во пределот на градите.
У ја претставува енергијата на умот и Универзумот. Се изговара како продолжено О. Се движи од крајот на грлото кон почетокот, по горното непце. Вибрацијата е во грлото. Оваа вибрација предизвикува рамнотежа и јасност додека минува од задниот дел на грлото кон усните..
М се изговара продолжено. Сега вибрацијата се движи од грлото преку носните шуплини до точката помеѓу веѓите. Се изговара со затворени усни и се чувствуваат вибрациите во главата и низ целото тело. Со М влегуваме во тишината (Анагата). Се чувствува сензација на единството помеѓу физичкото тело и Универзумот.
Anagata (тишина) – целосно се искусува состојба на тишина и чувството за единство со Севкупното.
Постојат различни филозофски толкувања на трите фонетски компоненти:
- трите состојби на свеста: А – будност, У – сон, М – длабок сон;
- трите фази на постоење (раѓање, живот и смрт);
- трите главни карактеристики на божествената енергија (Шакти) создавање, траење и ослободување;
- Светото Тројство – Отецот, Синот и Светиот дух;
- минато, сегашност и иднина.
Од физички аспект
Вибрациите и ритмичкиот изговор на мантрите имаат физичко влијание врз телото. Тие со забавување на нервниот систем и смирување на умот го водат практикантот кон медитацијата.
Пеењето на ОМ го регулира протокот на крв во различни делови на телото и помага во контролирањето на крвниот притисок и симптомите на хипертензија. Кога се исклучуваме од надворешниот свет за време на мантрањето, нашето дишење и срцевиот ритам се нормализираат. Со редовната пракса се подобрува работењето на срцето.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.