Санскритскиот збор банда (Bandha) значи да се заклучи, да се држи или да се стегне. Овие зборови точно ја опишуваат постапката што треба да се направи за да се изведе банда. Во јогата под банда подразбираме нежно, но силно контрахирање и напнување на одредени делови на телото, за време на кои процесот на дишење е запрен. Целта на бандите е да се насочи и регулира протокот на праната (животна сила) кон одредени делови од телото. Според античките јога филозофи, дури со совладувањето на бандите, започнува напредната јога.
Делувањето на бандите е истовремено и на физичко и на спиритуално ниво. Тие имаат суптилно дејство на чакрите (енергетски центри) поради приливот на психички вибрации, а истовремено дејствуваат како масажа на внатрешните органи и ја отстрануваат заостанатата крв. Бандите помагаат да се ослободат грантите (психички јазли) – Брама гранти, Вишну гранти и Шива гранти, кои го спречуваат слободниот тек на праната низ сушумна нади (централниот енергетски канал). Со употреба на бандхите се ослободува спиритуална енергија. Понапредните практиканти можат да го искусат затегнувањето на сушумна нади.
Додека се развиваат и усовршуваат бандите можат да се работат сами за себе, но како што практикантот напредува, бандите треба да се приклучат кон вежбите за мудрите, за време на пранајама, како и во одредени асани во кои се задржуваме подолго време. Мула банда пожелно е да биде активна во текот на целиот час.
Кумбхака (Kumbhaka) – задржување на здивот
Суштински главен дел во бандхите е задржувањето на здивот или Кумбхака. Активноста на белите дробови може привремено да се прекине по издишувањето (речака), или здивот може да се задржи по вдишувањето (пурака). Периодот на задржување треба да се зголемува постепено во текот на неколку недели или месеци без наметнување на одвишок напор во белите дробови.
Мула банда (Mula bandha)
Мула е санскритски збор што значи „корен“. Со мула банда вршиме стимулација на коренската чакра – Муладара со цел да се разбуди Кундалини моќта на поединецот. Се изведува во медитативните положби сидхасана и сидха јони асана или најдобро во мулабандасана, затоа што во овие асани, петицата врши притисок на перинеумот и на тој начин е потпомогнато правилното изведување на бандхата. Се изведува со контракција на мускулите на перинеумот (кај жените грлото на матката) навнатре, а потоа мускулот се повлекува кон горе, за да се одржи енергијата.
Од здрвствен аспект, Мула Банда ги стимулира карличните нерви, гениталниот, ендокриниот и екскреторниот систем. Исто така ја олеснува опстипацијата и депресијата. Изведувањето на мула банда го промовира протокот на енергија во ректумот, стимулирајќи ги карличните мускули и урогениталните органи. Од спиритуален аспект, помага да се зацврсти брамачарја (целибат) и да се сублимира сексуалната енергија во повисоките центри. Исто така, оваа банда ја симболизира и крајната цел на јогата, да се најде и искуси изворот (мул) на креацијата.
Џаландара банда (Jalandhara bandha)
Џаландара е санскритски збор што потекнува од корените „џалан” што значи „грло“ и „дхара”, што значи „проток“. Со Џаландара банда се стимулира грлената чакра – Вишуди. Се изведува во медитативна положба во која колената се цврсто на подот како што се сидхасана, сидха јони асана, падмасана. За оние на кои флексибилноста не им дозволува некоја од наведените положби, ја изведуваат во стоечка положба. Со наведнување на главата и остварување контакт на брадата со градната коска вршиме директно влијание врз чакрата Вишуди.
Од здравствен аспект, вежбањето на оваа банда ја подобрува функцијата на тироидата и паратироидните жлезди и претставува превентивна заштита на кардиоваскуларните и респираторните системи.
Удијана банда (Uddiyana bandha)
Удијана е санскритски збор што значи „воздигнување“. Во оваа банда, енергијата се движи посилно отколку во мула банда. Се изведува со повлекување на дијафрагмата кон градниот кош, а абдоменалните органи ги контрахираме навнатре, кон ‘рбетот и нагоре.
Од здравствен аспект се стимулира дигестивниот систем и се масираат абдоменалните органи што придонесува за нивно поефикасно функционирање, а со редовно вежбање се отстрануваат болестите поврзани со нив. Се нормализира работата на надбубрежните жлезди, а со тоа се ослободуваат стресот и напнатоста. Од спиритуален аспект директно влијае на третата, Манипура чакра, а ја енергизира и четвртата (Анахата ) промовирајќи љубезност и сочувство.
Луѓе со срцеви заболувања, со чир на желудник и дванаесетпалачно црево и трудници не треба да вежбаат удијана банда.
Маха банда (Maha bandha)
Маха е санскритски збор што значи „совршен, целосен“. Како таква, оваа последна банда може да се нарече и „врховна банда“ или „тројно заклучување“. Маха банда се практикува со изведување на трите банди истовремено, започнувајќи со џаландара банда и завршувајќи со мула банда, а се ослободуваат по обратен редослед.
Од здравствен аспект Маха банда ги обезбедува здравствените придобивки од сите три претходни банди. Од спиритуален аспект е многу моќна метода за стимулирање на текот на психичката енергија и доведување на умот во интровертна состојба пред медитација. Во маха банда кружиме со свесноста концентрирајќи се на трите чакри: Муладара, Манипура и Вишуди.
Во секоја од бандите во крајната положба остануваме онолку долго колку што ни е удобно да останеме со задржан здив.
Бандите не е препорачливо да се учат и усовршуваат самостојно, без присуство на учител.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.