Пластиката е релативно нов „изум“. Но, штетното влијаение на пластиката е огромно. Кога мислиме на пластика, всушност мислиме на синтетички полимери. Полимерите се супстанци направени од долги синџири на молекули кои може да се најдат во природата, како што е целулозата во растенијата. Синтетичките полимери генерално се дизајнирани да бидат издржливи и флексибилни, па оттуку се познати и како „пластични“.
Потекло на пластиката
Пластиката често е направена од јаглерод добиен од фосилни горива како нафта, иако тоа не секогаш било случајот. Првиот синтетички полимер создаден во 1869 година од американскиот пронаоѓач Џон Весли Хајат бил комбинација од целулозата од памук со восочна материја, позната како камфор. Но, овој полимер наречен целулоид бил само делумно синтетичка пластика. Првата пластика што не содржела молекули пронајдени во природата била измислена скоро четири децении подоцна во 1907 година од белгискиот хемичар Лео Бакеланд кој се обидувал да најде начин да произведува електрични изолатори. Бизнис лидерите веднаш сфатиле дека неговата креација, позната како бакелит може да се искористи за производство на широк спектар на производи. Оттука, започнува и револуцијата на пластиката.
Штетното влијание на пластиката во секојдневниот живот
Пластиката што обично се користи како амбалажа содржи илјадници хемикалии кои се познати канцерогени (термин за агенси кои предизвикуваат рак) и ендокрини пореметувачи. Хемикалите од амбалажата може да навлезат во нашата храна особено кога пакувањето се загрева. Откако ќе ја искористиме пластичната амбалажа истата најчесто завршува на депонија, или директно во околината.
Кога пластиката се загрева се испуштаат штетни опасни хемикалии наречени диоксини. Доколку пластиката се остави на депонија истите хемикалии може да навлезат во водата и почвата. Пластиката може да се разгради на ситни честички познати како микропластика кои навлегуваат во храната која ние сметаме дека е безбедна. Постојат истражување кои покажуваат дека растенијата примаат микропластика преку нивните корени. И така работите што ги сметаме дека се олицетворение за здрава храна, како јаболко или морков, всушност може да имаат микропластика во нив.
Штетното влијание на пластиката врз околината
Пластиката има огромно влијание и врз околината. Таа се фрла во океаните во невидени размери. Поголемиот дел доаѓа од нас, односно од нашето неправилно справување со отпадот. Имаме видено слики од китови исфрлени на плажите со стомак полн со пластични кеси, морски желки со пластични цевки во носот или мртви албатроси со стомаци полни со капачиња од шишиња. Ајкулите и желките ги јадат пластичните шишиња, а морските желки може да бидат заплеткани во пластичните кеси бидејќи наликуваат на медузи, нивниот главен извор на храна. Како што пластиката се распаѓа во микропластика, има драстично влијание во синџирот на исхрана.
Некропсиите на мртвите мали морски желки покажуваат голем број на пластика во нивните тела. Понекогаш е тешко да се каже дали пластиката е причината за смртта, но секако таа е голем проблем. Пластиката е толку распространета и многу е јасно дека влијае на нивната шанса за преживување.
Како да го решиме проблемот?
Додека решавање на климатските проблеми бара поголема организација на глобалната економија, решавање на проблемот со пластиката е едноставен – прекин на производството, или промена на начинот на функционирање на производителите на пластика. Современото општество не би било толку поразлично без пластика. Раните индустриски капиталистички општества користели лимени конзерви и стаклени тегли за складирање на храната, наместо пластични шишиња и амбалажи. На сличен начин многу од индустриските производи што се направени од пластика денес, како автомобили и апарати во минатото биле направени од метал. Современите луѓе од индустриската ера живееле без пластика, а сигурно можеме и ние, особено кога го знеме штетното влијаение на пластиката.
Само дел од десетици илјадници тони пластичен отпад се рециклира, додека поголемиот дел е закопан, изгорен или исфрлен во морињата. Ако продолжиме со ова темпо, воздухот што го дишиме, почвата што ја користиме за да ја одгледуваме нашата храна и водата која на сите ни е потребна ќе станат сè позагадени.
Додека дел од товарот и одговорноста е на владите, потрошувачите можат да помогнат во намалување на загадувањето од пластика. За да ја решиме оваа криза, сите треба да ја одиграме својата улога.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.