Шаткарми, уште познати и како шат крија, се шест техники за прочистување на телото, кои за прв пат биле опишани во „Хата јога Прадипикa“ од Свами Сватмарама во 15-тиот век. Терминот потекнува од зборовите шат значи „шест“ и карма што значи „акција“.
Според јогиската филозофија и наука, целта на овие техники е да се одржи телото чисто, здраво и силно. За нив се вели дека ги отстрануваат токсините и сè што го блокира протокот на прана во телото.
Практикувањето шаткарми внатрешно го прочистува телото подготвувајќи го за праксите на пранајама и медитација да се одвиваат без расеаност, замор и непријатност.
Иако постојат шест шаткарми, во рамките на секоја од нив има варијации кои се движат од основни до напредни. Шаткармите секогаш треба да се учат и да се практикуваат под надзор на искусен учител.
1. Нети – прочистување на носот
2. Даути – чистење на дигестивниот систем
3. Наули – абдоминална масажа
4. Басти – чистење на дебелото црево
5. Капалбати – чистење на челниот мозок
6. Тратака – гледање во пламен од свеќа (или гледање во една точка)
Нети
Џала нети е најпопуларната и најпозната техника за прочистување. Го прочистува носот, и за изведбата се користи сад (лота) во кој се меша млака вода со нејодирана сол. Садот или лотата има отвор кој влегува низ едната ноздра за водата да истече низ другата ноздра. Истата постапка се повторува и на другата страна. Џала нети е особено корисна за алергии, синуси, настинки и слични болести.
Помалку познатата форма на нети, се нарекува сутра нети. Зборот сутра значи конец. Традиционално се работи со провлекување на памучен коноп, низ една од ноздрите, а денес обично се користи гумен катетар. Катетарот се спушта низ едната ноздра и се извлекува низ устата и се повлекува напред – назад за да лизга низ ноздрата. Истото се повторува и на другата страна.
Корисна е за отстранување на вишокот слуз од ноздрите. Се вели дека може да ги отстрани полипите во носот.
Даути
Даути се техники за генерално чистење на телото. Меѓу попознатите техники е агнисара крија или вахнисар даути која е една од побезбедните техники кои може да се практикуваат и без надзор. Се изведува од ваџрасана, со раширени колена, дланките на бутините. По издишување се задржува здивот и се преминува на ритмично буткање на стомачните мускули напред-назад. Се завршува со целосно вдишување.
Покрај подобрувањето на варењето и зајакнувањето на стомачните мускули, се смета дека агнисара крија ја подобрува функцијата и на надбубрежните и на панкреасните жлезди.
Вастра даути се изведува така што се голта лента ткаенина (памучна) која стигнува до желудникот. Вастра помага за астма, бронхитис, хронична кашлица и други заболувања на респираторниот систем.
Почеста практика е вамана даути или кунџал крија, техника на чистење на желудникот со своеволно повраќање. Се изведува така што се пијат неколку чаши млака вода (отприлика шест) со една кафена лажичка сол. Потоа се пристапува кон повраќање.
Оваа техника се смета дека го отстранува слабото варење, киселината и гасовите од желудникот.
Наули
Наули е абдоминална масажа која се изведува со контракција на стомачните мускули и вовлекување на стомакот. За почеток се работи удијана банда па потоа се преминува на контакција, десната и левата страна поединечно пред да се премине на целосно движење од лево кон десно, а потоа и од десно кон лево. Наули е најмоќен метод за отстранување на сите стомачни проблеми. Ги стимулира стомачните органи одржувајќи ги здрави.
Басти
Басти го чисти долниот тракт на желудникот, оној за елиминација. Се вели дека ги ублажува болестите на дебелото црево, како и симптомите на запек и гасови.
Традиционално басти се изведува со вовлекување вода до дебелото црево преку аналниот отвор. Водата се држи некое време, а потоа целосно се исфрла додека не се исчистат цревата. Процесот се повторува неколку пати. Во денешно време може да се користи кратка цевка која се вовлекува во анусот за да се олесни изведбата на басти.
Како алтернативна вежба се препорачува седење во ладна, свежа вода до папокот и изведување на ашвини мудра.
Капалбати
Истовремен се смета и за шаткарма и за пранајама техника, капалбати го чисти челниот дел на мозокот. Се изведува со отсечни издишување и природни вдишување. Преку брзите издишувања низ нос, капалбати ги чисти синусите и го стимулира дигестивниот систем. При брзото, ритмичко издишување низ нос стомакот се повлекува назад кон ‘рбетот.
Работејќи ја со затворени очи, вниманието се насочува кон внатре односно на третото око, во центарот на веѓите. Ова помага да се подигне кундалини енергијата.
Тратака
Најмоќна техника на повлекување, односно прочистување од надворешниот свет. Тратака значи „сконцентрирано гледање“. Традиционално се изведува со свеќа односно вниманието се насочува на пламенот од свеќата. Може да се изведува и со концентрација на мала точка, полна месечина, врвот од носот или слика од гуру или божество.
Ментално, тратака ја подобрува нервната стабилност, ја отстранува несоницата и го опушта и највознемирениот ум. Со работење на концентрација и со јакнење на концентрацијата процесот на мислење автоматски престанува. Тратака е една од најмоќните методи за контролирање на разбрануваниот ум и мисловните бранови.
За крај, постојат многу патишта да се стигне до мирот, а патувањето до таму е единствено за секоја индивидуа.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.