Дали понекогаш се чувствувате фрустрирани од сопствените несовршености? Се чини дека секој сака да подобри или усоврши нешто кај себе, почнувајќи од подобро тело, повеќе пари, поголем успех или нешто друго. Но, дали тоа ќе ни донесе чувство на исполнетост? Напротив, ваквиот начин на размислување, за жал, може да доведе само до незадоволство.
Човек може да работи и работи за да стане најдобар во сè што прави, па дури може да стане познат и признаен како најдобар во својата област, но на крајот, никогаш не може да биде задоволен ако бара совршенство. На крајот некој ќе го надмине, или па некој друг дел од животот во меѓувреме ќе му се распадне.
Дури и ако сте најубавата, најталентираната и најуспешната личност што некогаш постоела на овој свет, времето сепак ќе ве стигне, а вашиот живот на крајот ќе заврши.
Ако се фокусирате на создавање совршенство во животот, се фокусирате на материјалниот свет, кој постојано се менува и на тој начин никогаш не може да достигнете совршенство. Сè во физичкиот свет постојано се трансформира од една во друга состојба. Живите суштества се раѓаат, растат, стареат и потоа умираат. Карпите и почвата еродираат, континентите ја менуваат формата, па дури и сонцето некогаш може да експлодира и да исчезне заедно со Земјата. Така, овој свет што го доживуваме во текот на животот не е за постигнување на совршенство бидејќи тоа е невозможно, туку за култивирање на чувство на исполнетост.
Веќе сте совршени
Дали ова значи дека нема ништо совршено во вашето постоење? Воопшто не. Постои една многу важна совршена работа – вашата душа. И добрата вест е дека не треба да правите ништо за да ја усовршите – таа е веќе совршена! Сепак, можете да научите да живеете се повеќе во едно со душата, што е вистинското значење на духовниот раст. Но, тоа не значи дека вашиот живот ќе биде „совршен“ во вообичаената смисла на тој збор. Но, ќе можете да тврдите едно нешто а тоа е дека чувствувате исполнетост.
Да се биде исполнет едноставно значи дека живеете во состојба на чиста поврзаност со вашата душа, наместо да ги бркате привремените, егоични задоволства на животот. Ако можете да го направите ова, живеете во доменот на креаторот, надвор од страдањата на времето и просторот. Перспективата на душата е многу повисока од онаа на материјалниот свет и е надвор од постојаните страдања на животот и смртта. Наместо тоа, таа е вклучена во вечното, божествено космичко царство. Во оваа состојба на свесност, природно ќе го почувствувате вашето единство со целиот живот и со целиот Универзум и ќе сфатите дека сè во вашиот живот и сè во Универзумот е дел од совршена целина, без разлика колку разочарувачки па дури и трагично може да изгледаат настаните во овој живот на индивидуално ниво.
Применете поширока перспектива
Усвојување на ваква перспектива на животот – перспективата на душата – има и практична вредност, бидејќи може да го направи вашиот секојдневен живот посреќен и помалку стресен. Можете да се спасите од многу болка и страдање ако наместо да се запрашувате „Дали е ова совршено?“ се запрашате „Дали ова ме исполнува?“ Со поставувањето на второто прашање, вие прашувате како една ситуација и служи на целта на вашата душа, наместо на целта на вашето его. Ако го направите ова, станува многу полесно да се ослободите од ситуации кои ве повредуваат откако ќе научите што ви треба од нив и повеќе нема да се опседнувате со тоа што е „успешно“ од перспектива на светот. Да, се разбира, можете и треба да ги следите целите за вашиот живот и да се трудите да ги правите добро колку што можете, но повеќе не треба да се чувствувате приврзани за резултатите од вашите напори. Без разлика дали ќе успеете или не, вашата душа останува во својата совршена состојба.
Затоа, ве повикувам да ја направите оваа мала, но длабока промена денес – живејте за исполнетост, а не за совршенство. Тоа е како да излезете од мала, темна кутија и да навлезете во светлината.
Подготви: Горјана Бојаџиевска
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.