
Шестата по ред, чакрата Агја- Agya (или Ајна), се наоѓа во линија на челото, во просторот помеѓу веѓите и е позната како трето око. Името е санскритско и се преведува како наредба, перцепција или спознавање. Ја сретнуваме под различни имиња меѓу кои: Гјана чакшу – Око на мудроста, Трикути или Тривени – Слив на трите реки, Брумадја – центар помеѓу веѓите, Гуру чакра – Окото на Шива… Квалитетите низ кои се реализира Кундалини во оваа чакра се: Eдинство (Еката), Празнина (Шуниjа), вистина (Сат), Свест (Чит) и блаженство (Ананда).
Третото око е центарот на нашата повисока свест, на мудроста и на интуицијата. Тука е сублимирана нашата имагинација, инспирација и самореализација. Преку третото око комуницираме со божественото, повисокото Јас. Таа е патот до внатрешната мудрост и до спознанието „Јас и Универзумот сме Едно“. Управува со емоционалната интелигенција, со свесниот и потсвесниот Ум. Третото око се здобива со моќ преку јога, медитација и друг вид духовни техники. Со стимулација на Агја чакра се подобруваат сите умствени способности.
На физички план оваа чакра поврзана е со очите, нервниот систем, ушите и епифизата (пинеалната жлезда)
Атрибути и симболика
Постојат различни прикази на чакрата Агја, а најчест иконографски тип е транспарентен лотос со две бели ливчиња кои го симболизираат концептот на обединети спротивности. Тука двете основни нади (енергетски канали) Ида и Пингала се спојуваат во централниот Сушумна нади. Третото око кореспондира со елементот светлина или екстра сензорна перцепција. Мантрата со која се активира е космичкиот звук ОМ (АУМ). Бојата е индиго или пурпурна, а од животинскиот свет претставник е црната антилопа.Владејачки божества се Парама Шива (безоблична свест) и божицата Хакини.
Кога е во рамнотежа
Кога имаме отворено трето око, при донесување одлуки во животот, покрај логиката, ја користиме и интуицијата. Умствените способности ги користиме со полн капацитет. Двете хемисфери на мозокот работат усогласено, со што го надминуваме дуалистичкото размислување и доаѓаме до универзалната вистина за Севкупното како Едно. Отворена Агја чакра поврзана е со параспсихолошки искуства како што се видовитост, телепатија и сл.
Кога е блокирана или не е во рамнотежа
Кога третото око е блокирано, се бориме со сопствената верба, конфузни сме, дефокусирани, немаме цел и склони сме кон депресија. Имаме чувство дека тоа што го живееме нема никакво значење. Имаме проблеми при донесување одлуки бидејќи се сомневаме во нашата интуиција или во нашата цел. Неодлучни сме. Се соочуваме со проблеми со меморијата, тешкотии со визуелизација, имаме континуирана потреба од негирање и бесчувствителни сме. Некои го опишуваат ова чувство како психолошка парализа. Од друга страна, прекумерно активната Агја може да доведе до кошмари, опсесии, заблуди и халуцинации.
Блокирана Агја чакра на физички план може да се манифестира со главоболки (вклучувајќи мигрена), непријатност во очите, болка во грбот и нозете и синусна болка. Може да имаме проблеми со спиењето и да се соочуваме со тешкотии при учење нови работи.
Период на доминантност
Возраста во која доминира Агја чакра е од 36-тата до 42-та година. Во тоа време, луѓето влегуваат во период на интуиција, мудрост и лесно ги синтетизираат информациите. Многу луѓе дури тогаш стануваат свесни за знаењето што го стекнале во животот и почнуваат да го користат ефективно. Наспроти ова, во овој период може да се случи и да се потпадне под силно влијание на сопствените егзистенцијални убедувања и ставови, па тие почнуваат да управуваат со нашиот живот.
Начини за балансирање на Агја чакра
Асана праксата, пранајамата и медитацијата се едни од техниките кои се користат при работа со третото око. Тие имаат за цел да ја стимулираат чакрата Агја и да ја поттикнат интуитивноста. Космичкиот звук OM кој кореспондира со оваа чакра исто така може да помогне во развојот на моќта на интуицијата и увидот.
Медитација – седнете во удобна седечка положба со исправен грб. Дланките се на колена во некоја мудра. Најчесто користиме чин (Chin) или дијана мудра (Dhyana Mudra). Опуштете ги мускулите и насочете го вниманието во точката помеѓу веѓите. Станете свесни за Шунија, за бесконечниот празен простор како дел од вас самите. Понирајте во бесконечното празно. Набљудувајте, без да се врзувате .
На третото око може да се медитира и со визуелизација на пурпурна боја, со визуелизација и концентрација на транспарентен лотос со две бели ливчиња или на друг симбол. (овие медитации најдобро да се работат со сертифициран инструктор)
Асана пракса – Арда матсјендрасана (ardha matsyendrasana) и гомукасана (gomukhasana) се едни од најчестите асани во кои се концентрираме на Агја чакра.
Кристали – од кристалите соодветни за работа со чакрата Агја се кристали со индиго или пурпурна боја, меѓу кои и пурпурниот флурит, аметистот и други.
Храна – покрај тоа што се препорачуваат сите видови на овошје и зеленчук, за стимулирањето на шестата чакра особено значајно место има црното чоколадо – ја зголемува менталната јасност и концентрацијата и е одличен извор на магнезиум, потоа храна со индиго или пурпурна боја како модар патлиџан, пурпурна зелка, црвено грозје, боровинки и капини. Исто така и храна богата со Омега 3.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.