Голем број од секојдневните симптоми со кои се соочуваме како малаксаност, тегоби во стомак, глабоволка итн. се поврзани со храната која ја јадеме, односно со храната која предолго ја чуваме во фрижидер. Храната што се остава во фрижидер треба да се јаде во рок од 2 до 3 дена и ова е генерално правило од кое постојат исклучоци во зависност за кој вид храна станува збор. Треба да се разбере дека постојат различни видови на храна кои имаат различни стапки на расипување и дека постојат многу фактори кои влијаат на расипувањето на храната.
- Храната се расипува поради размножување на бактериите;
- Бактериите имаат поголема тенденција да се размножуваат на храна која е богата со протеини;
- Храната која е чувана на собна температура, надвор од фрижидер, повеќе од 2 саати треба да се фрли (или да се донира пред да дојде во состојба на расипување).
Грчевите во стомакот кои ги чувствувате по јадењето на пицата која ја нарачавте пред 4 дена, па дури и главоболката која ја имате или чувството на мрзеливост после јадење на нудлите што ви останале од вчерашниот ручек, може да ви предизвикаат сериозни последици.
Како се расипува храната?
Она што предизвикува храната да се расипе се всушност бактериите, односно нивното размножувањето на храната. Дури и кога храната се готви на високи температури, бактериите никогаш не се целосно искоренети. Оваа мала количина на бактерии што останува присутна во храната ќе продолжи да се размножува како што поминува времето.
Храната што се расипала може да мириса поинаку, па дури и лошо, бидејќи бројот на бактерии во храната е многу висок. Бактериите, всушност „ја јадат“ храната и овој процес на распаѓање ослободува хемикалии и поради тоа истата мириса лошо.
Повеќе видови на бактерии имаат тенденција да се размножуваат повеќе на храна која е богата со протеини отколку на храна богата со скроб. Значи храната богата со јаглехидрати е побезбедна да ја чувате во вашиот фрижидер, отколку храната богата со протеини, која, од друга страна може да ја замрзнете. Бактериите, исто така се размножуваат побрзо во влажни средини, па така, сувата храна ќе можете да ја чувате подолго, од течната и влажна храна.
Друг фактор што влијае на брзото расипување на храната е нејзиното ладење. Всушност, една од најголемите причини за болести поврзани со храната е несоодветно ладење на зготвената храна. Остатоците од зготвената храна треба да се стават во фрижидер не подолго од два часа по готвењето.
Бактериите најбрзо растат на температура од 4 до 60 степени целзиусови. Повеќе фрижидери ја одржуваат температурата од 4 степени целзиусови или пониска, па чувањето на храната во фрижидер ќе го забави (но,не и запре) размножувањето на бактериите. Замрзнувачите ја одржуваат температурата под 0 степени целзиусови, па замрзнувањето на храната може да го спречи размножувањето на бактериите.
Храната што се чува надвор од фрижидер, на собна температура, повеќе од два часа, треба да биде фрлена. Бактериите се размножуваат многу брзо на собна температура која е отприлика 22 – 23 целзиусови степени.
Напомена: ова не се однесува на поединечни намирници кои можат да се остават на собна температура. Се однесува на готвени јадења, кои се готвени дома или во ресторан. Сосема е во ред (а некогаш дури и подобро) намирниците како домати, компири, овошје, леб да ги оставите на собна температура.
Како дополнителна заштита, остатоците од готвената храна не треба да се загреваат повеќе од еднаш. Постојаното загревање и ладење на храната го зголемува размножувањето на бактериите. Важно е да бидеме свесни за тоа како ја чуваме храната и како се чувствуваме по јадење на сомнителна храна.
Совети за безбедно складирање и чување на храната:
- Да речеме готвите супа, во поголеми количини, тогаш не е добра идеја, супата веднаш по готвењето да ја ставите во фрижидер да се излади. Потребно ќе биде подолго време поголемо количество супа во еден сад да се излади. Исто така, за да не се размножат бактерии, подобро е супата да ја поделите во неколку помали садови и тогаш да ја ставите во фрижидер или замрзнувач. На овој начин супата ќе се олади побрзо.
- Замрзнувајте ја храната кога можете. Само треба да бидете свесни дека не секоја храна ќе го има истиот вкус по замрзнувањето. Ако земете храната од ресторан за дома и потоа ја замрзнете, најверојатно нема да го има истиот вкус.
- Спакувајте ја храната добро. Без разлика дали чувате храна во фрижидер или замрзнувач, складирањето на храната во херметички садови помага храната да се заштите од бактерии.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.