Буда (Buddha) е санскритски збор што се преведува како разбуден или просветлен. Будизам (Buddha Sasana) е исто санскритски збор, а се преведува како Учењето на Буда.
Основоположник на будизмот е Сидарта Гаутама Буда (Siddhartha Gautama – Buddha; Pali: Siddhattha Gotama) познат мудрец, филозоф и духовен учител. Целта на неговото учење е ослободување од самсарата (повторното раѓање). Учењето за кармата и реинкарнацијата Буда го земал од Ведите.
Главното учење според него е: „За да има радост мора да има болка. Само откажување од задоволствата води во целосен мир“.
Средниот пат
Основата на дармата (учењето на Буда) лежи во четирите големи вистини, а тоа се:
1. Страдањето (pali: dukkha)
2. Потеклото на страдањето (pali: samudaja). Причини за страдањето се: приврзувањето, желбите и страста, кои настануваат како последица на незнаењето (avidja)
3. Престанок на страдањето (pali: nirodha) (мир, нирвана или просветлување) – кога незнаењето, желбите и страста престануваат да нè насочуваат и одредуваат.
4. Благородниот осумнасочен пат (sanskrit: marga, pali: magga) – или средниот пат, кој води кон искоренување на страдањето: правилно разбирање, правилна намера, правилен говор, правилно дејство, правилен начин на живеење, правилен напор, правилно внимание и правилна медитација (концентрација)
Насоките на Буда за ослободување од страдањето и постигнување ослободување (мокша) и просветлување (нирвана) упатуваат на вежбање и совладување на умот, истражување на неговата природа и неговите различни карактеристики како и развивање начини на кои може умот да се промени и ослободи.
Буда инсистирал на емпириски пристап, а не потпирање и слепо верување во неговите зборови. Од будистот се очекува да ја прифати вистината не само затоа што тоа се зборови на Буда, туку активно да го преиспита учењето преку лично искуство и преку анализа на тоа искуство, бидејќи според Буда, тоа е единствениот начин да се постигне вистинско знаење, а со тоа и ослободување – Мокша (мокша е ослободување од незнаење: самореализација, самоспознавање).
Биографски податоци
Не постои изворен запишан материјал од времето на Буда. Она што е познато за неговиот живот се темели главно на канонски текстови, од кои за најопширни и најдетални се смета дека се оние кои се напишани на пали (јазик на античка Индија), во првиот век п.н.е. Тие претставуваат прв пишан материјал на вековното усно пренесување на учењето, па така бројните измени и додатоци се причина за постоењето на различните биографски податоци за раѓањето и животот на Буда. Подоцнежните биографии дополнитено изобилувале со митски моменти, што придонесува за постоењето на многу различни легенди и приказни за неговиот живот.
Сидарта Гаутама Буда бил роден во царско семејство на 8 април, 563г. п.н.е, во Лумбини Непал. Татко му, Судходана, бил владетел на царството на Шакиите, па оттаму понекогаш го сретнуваме како Сидарта Гаутама Шакјамуни (муни – аскет, мудрец). Мајка му е царицата Маха Маја која умрела неколку дена по неговото раѓање и негова помајка станала Маха Паџапати Готами.
Сидарта се оженил многу млад, на 16 години, за принцезата Јашодхара, според некои записи негова братучетка. До 29 годишна возраст Сидарта ужива во сите луксузи. Во тоа време го добива и синот Раул (Рахула), но гонет од мислите за човековото страдање одлучил да го напушти удобниот живот и да замине во испоснички живот. Ја истрижил косата, облекол едноставна аскетска облека и тргнал во потрага по вистината. Одел да учи кај индиски гуруа, живеел аскетски, вежбал јога и бил посветен на медитацијата, но ништо од сето тоа не го донело до просветлување.
Седејќи под дрвото Бо кое уште се нарекува Света смоква или Дрво на мудроста го доживеал своето просветлување.
Во текот на 45 години од своето проповедање, тој ги учел сите класи, без да прави разлика дали се мажи или жени, трговци или просјаци, благородници или крадци. Патот, кој тој го проповедал, бил отворен за сите луѓе, кои биле способни да го разберат и следат.
Починал на осумдесетгодишна возраст во градот Кушинара во Индија.
По смртта на Буда, се собрало собрание од 500 монаси за да се идентификува автентично учењето на Учителот. Овој совет бил предмет на многу дебати меѓу будистичките научници и историчари.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.