Научниците предупредуваат дека сè поголем број пандемии ќе ја „погодуваат“ планетата ако се продолжи со уништување на шумите и биодиверзитетот со моменталното темпо.
Неконтролираното уништување на шумите, градењето рудници во одалечени региони и експлоатација на дивите животни како извор на храна, лекови и миленичиња создаваат „плодна почва“ за пренесување болести од дивиот свет на луѓето.
Скоро третина од новонастанатите болести потекнуваат од процесот на промена на употреба на земјиштето. Како резултат на тоа пет или шест нови епидемии годишно може наскоро да го демнеат населението на Земјата.
Проценето е дека десетици милиони хектари дождовна шума и други диви средини се уништуваат секоја година за на нивнот место да се одгледуваат палми, говеда и да се обезбеди пристап до рудниците и минералните наоѓалишта. Ова доведува до широко распространето уништување на вегетацијата и дивиот свет, кои се домаќини на безброј видови вируси и бактерии, непознати за науката. Тие микроби тогаш можат случајно да заразат нови домаќини, како што се луѓето и добитокот.
Ако вирусите „добро“ се развиваат во нивните нови домаќини – луѓето, тие може да заразат други лица. Ова е познато како трансмисија или пренесување и резултатот може да биде појава на нова болест.
Пример за вакви настани е вирусот ХИВ кој во средината на 20-тиот век се проширил од шимпанзи и горили кои биле убивани за консумација на нивното месо во Западна Африка. Овој вирус предизвика смрт на повеќе од 10 милиони луѓе низ целиот свет. Други примери ја вклучувааат еболата, која се пренесува од лилјаци на луѓе, епидемијата на свинскиот грип во 2009 година и вирусот Ковид – 19 кој првично беше пренесен од лилјаци на луѓе.
Кога работниците доаѓаат во дождовните шуми за да ги сечат дрвјата, тие со себе не носат храна, туку го јадат тоа што можат да го убијат. Така, тие постојано се изложуваат на инфекции.
Сепак не може да се каже дека секој пример на појавување на нова болест е предизвикан од вакви настани.
На места каде што се расчистуваат дрвјата, се создаваат мозаици од полиња околу шуми. Ова ја зголемува „комуникацијата“ помеѓу дивината и култувираното. Лилјаците, глодарите и другите штетници кои носат нови вируси потекнуваат од преживеаните делчиња шуми и ги заразуваат домашните животни кои потоа ги пренесуваат овие вируси на човекот.
Пример за оваа форма на трансмисија е Ласа треската која за прв пат била откриена во Нигерија во 1969 година и предизвикува неколку илјади смртни случаи годишно. Вирусот се шири од глодарот Mastomys natalensis кој бил раширен во африканските савани и шуми, но сега може да се најде во фармите и домовите, пренесувајќи ја болеста на луѓето.
Во минатото болестите можеа полесно да се контролираат и да се задржат локациски на почетното жариште. Во денешното модерно време со лесно достапен авионски превоз, вирусите може да патуваат низ целиот свет пред научниците да откријат што се случува.
Многу научници и економисти предлагаат воспоставување програма за следење на дивиот свет, ставање крај на трговијата со месо од дивиот свет и намалување на уништувањето на шумите. Таквиот план може да чини повеќе од 20 милијарди американски долари годишно, цена што е засенета поради пандемијата Ковид-19, која избриша трилиони долари од националните економии низ целиот свет.
Како дополнителна придобивка, намалувањето на уништувањето на шумите – што е главен извор на емисии на јаглерод – ќе биде од голема помош во борбата против климатските промени.
Стапката на појава на нови болести се зголемува, а нивните економски влијанија исто така се зголемуваат. Одложување на глобалната стратегија за намалување на ризикот од пандемија ќе доведе до продолжување на зголемувае на трошоците. Општеството мора да се стреми да ги избегне влијанијата на идните пандемии.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.