Тироидна жлезда или уште позната како штитна жлезда или тироидеа е ендокрина жлезда која е сместена под гркланот, од двете страни на душникот. Има форма на штит, па оттаму и името штитна жлезда. Иако мала, оваа жлезда има големо значење во човековото тело.
Тироидната жлезда директно или индиректно ја контролира речиси секоја функција во телото. Таа е одговорна за производство на енергија и за регулација на многу метаболички процеси.
Хормони од тироидна жлезда
Тироидната жлезда произведува и складира тироидни хормони, кои се неопходни за нормален метаболизам, обезбедување нормален крвен притисок и функција на срцето, регулирање на растот и развојот на скелетот и нервниот систем. Тие имаат значајна улога и во репродуктивната функција. Кога се лачи соодветна концентрација тироидни хормони, метаболизмот во секоја клетка од нашето тело функционира беспрекорно. Една од главните функции на тироидната жлезда е да обезбеди постојана и соодветна телесна температура за обезбедување нормални хемиски реакции и искористување на ензимите, витамините и минералите. Во тироидната жлезда се синтетизираат двата најпознати и основни хормони: тироксин и тријодтиронин. За нивната синтеза се потребни големи количини јод.
Нарушувања на тироидната жлезда
Заболувањата на тироидната жлезда се на второ место по дијабетесот, од болестите на жлездите со внатрешно лачење. Во светот, околу 300 милиони луѓе патат од заболувања на тироидната жлезда, а многумина не се свесни дека имаат некаков проблем или сè уште не им е поставена дијагноза.
Кога тироидната жлезда произведува премногу тироиден хормон, односно кога има зголемена функција, може да резултира со хипертироидизам. Симптомите вклучуваат чувство на вознемиреност, чувство на несигурност внатрешно и надворешно, несоница, губење на тежина, зголемен апетит, срцебиење, потење, жештини и абнормални менстурални периоди.
На спротивниот крај на спектарот, хипотироидизам е кога тироидната жлезда е неактивна, односно кога има намалена продукција на тироидни хормони. Симптомите се чувство на замор, намалена енергија, сонливост, сува кожа, чувство на надуеност и запек, опаѓање на косата и кршливи нокти, депресија, нетолеранција на студ, намалена концентрација, пообилно менстурално крварење, неможност за забременување итн.
Автоимуните заболување на тироидната жлезда се хроничен тироидитис на Хашимото и болеста на Грејвс кои се јавуваат на било која возраст и пол, но најчесто кај жените по дваесет годишна возраст. За време на пубертетот, бременоста, по раѓањето и за времена менопауза, ризикот од појава на заболување на тироидната жлезда е зголемен.
Тироидна жлезда и исхраната
Храната игра важна улога во здравјето на луѓето, особено за здравјето на оваа жлезда, па затоа јадењето на правилна и здрава храна, е исклучително важно.
Јодирана сол
Веќе половина век во солта се додава јод, кој е неопходен за производство на тироидни хормони. Иако се препорачува да се внимава на внесот на сол во исхраната, сепак од друга страна јодираната сол му е неопходна на организмот. Таа е еден од главните прекурсори за синтеза на тироидни хормони. Сепак бидете внимателни во изборот на солта, изберете морска или хималајска сол.
Зелен зеленчук
Спанаќ, зелена салата, блитва, се извори на магнезиум кој е еден од најважните минерали одговорни за повеќето телесни метаболички процеси. Магнезиумот е неопходен за нормално функционирање на тироидната жлезда. Грчеви во мускулите, замор, забрзано чукање на срцето се само дел од симптомите на недостаток на магнезиум.
Јаткасти плодови
Индиските ореви, бадемите, лешниците и оревите се одличен извор на повеќе аминокиселини. Тие имаат улога на прекурсори во синтезата на тироидните хормони. Бразилските ореви се особено важни за здравјето на тироидната жлезда. Содржат селен кој е неопоходен за претворање на тироидните хормони од неактивна во активна форма. Овој микронутриент помага во одбрана против болести. Бидете внимателни со бразилските ореви бидејќи селенот во големи количини станува токсичен. Доволни ви се 2-3 бразилски ореви дневно.
Кокосово масло
2 лажици ладно цедено кокосово масло на ден ја подобрува функцијата на тироидната жлезда. 50 % од составот на кокосовото масло и припаѓа на лауринската киселина. Оваа масна киселина е волшебна состојка поради нејзините уникатни способности за подобрување на здравјето. Тело ја претвора лауринската киселина во монолаурин, кој има антивоспатилетно, антибактериско и антигабично дејство. Монолауринот е состојка која се наоѓа во мајчиното млеко кое го подобрува имунитетот на бебето. Конзумирањето на ова масло секојдневно ќе ви го подобри целокупното здравје. Кокосовото масло и помага на тироидната жлезда полесно да ги синтетизира и излачува тироидните хормони во циркулацијата.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.