Пранајама претставува контролирано дишење кое вклучува бавно вдишување и издишување, проследено со свесност. Практикувањето на пранајама нуди физички, ментални и духовни придобивки. Оваа тибетска пранајама техника за дишење се изведува непосредно пред медитација бидејќи го отвора умот, помага со свесноста и ги смирува нервите.
Придобивки од тибетска пранајама
Древните мудреци знаеле дека дишењето и умот се тесно поврзани. Со контрола на дишењето се ублажуваат промените на расположенија и менталните состојби, се подобрува концентрацијата и се надминуваат емоционалните блокади. Тибетската пранајама е моќна техника која помага во смирување на умот, бидејќи го контролира здивот, односно праната.
Како што кажува тибетскиот учител Јеше:
„Ако сте свесни ќе забележите дека луѓето што се емоционално или ментално вознемирени – пример оние кои се депресивни – дишат поинаку од нормалните луѓе. Ова покажува дека начинот на кој енергијата на здивот се движи низ нервниот систем е многу тесно поврзанa со умот. Кога сте лути не дишете нормално. Понекогаш гневот може да направи и да сте физички болни.“
Тибетските јогини укажуваат дека кога едната ноздра е блокирана, истата страна на мозокот исто така е „блокирана“. Со практикување на оваа пранајама техника, односно со завршување на 9-те круга, ноздрите се деблокираат, праната тече непречено, а со тоа и двете хемисфери на мозокот се балансираат, враќајќи го целосното функционирање на мозокот.
Јеше исто така вели:
„Можете научно да измерите колку пати дневно вдишувате и издишувате. Будистите го имаат пресметано тоа. Ако практикувате пранајама техники за дишење и практикувате бавно дишење секој ден, може да го продолжите животот. Ако воздухот влегува во нервниот систем на вознемирен начин, тоа може да го наруши вашиот ум. Треба да дишете полека, постојано, природно и целосно.“
Додека подобрувањето на физичкото и менталното здравје се важни придобивки од оваа техника, тие не се главниот фокус на тибетанските јогини. Во контекст на Махајана Будизмот, кога умот е смирен и фокусиран може длабоко да се навлезе во природата на личноста. Тогаш, се ослободуваме од сета ментална и емоционална дисфункција и целосно ја разбираме љубовта и интуитивната мудрост.
Праната, односно, животната сила (или чи) е универзалната енергија која е достапна на сите и има исцелувачки квалитети. Таа носи виталност и живот и буквално претставува сила која ги анимира сите нешта. Праната е суптилна енергија што тече низ сите нешта. Истата може да се осиромаши кога сме болни, или страдаме емоционално или ментално. Кога и да се почувствуваме исцрпени или со ниско ниво на енергија, треба да ја практикуваме оваа пранајама техника на 9 круга за повторно „оживување“.
Начин на изведба на тибетска пранајама – 9 круга дишење
Седнете во удобна седечка положба, со исправен ’рбет. Добра положба е истовремено стабилна и исправена и удобна и релаксирана, што всушност ја рефлектира состојбата на умот што треба да се постигне: опуштена и фокусирана. ’Рбетот треба да биде исправен бидејќи суптилните енергетски канали кои работат на двете страни на ’рбетот се суштинска карактеристика на оваа техника.
Откако ќе ја заземете удобната положба, дишете бавно и длабоко. Показалецот и средниот прст од десната рака поставете ги на просторот помеѓу веѓите и со домалиот прст затворете ја левата нозда. Вдишете низ десната ноздра и визуализирајте бела светлина како влегува низ ноздрата, се движи низ десната страна на телото и стигнува до вашиот стомак. Задржете го кратко воздухот, визуализирајќи го папокот, а потоа со палецот затворете ја десната ноздра и издишете низ левата. Визуализирајте црн чад , кој ги претставува сите негативности, болести и блокади, како се ослободува преку левата ноздра. Повторете го ова уште два пати.
Сега направете го циклусот обратно. Вдишете преку левата ноздра, а издишете преку десната со истите визуелизации. Направете го овој циклус три пати.
Во последниот циклус, кој исто така е сочинет од три повторувања, не ги затворате ноздрите, туку вдишувате бавно и длабоко низ двете ноздри, визуелизирајќи ја белата светлина како ве исполнува низ телото до папокот. Со издишување, повторно низ двете ноздри, го испуштате темниот чад, што ја претставува сета негативност акумулирана во вас.
Забелешка: комплетниот циклус со 9 круга е напредна верзија и многу ретко се дава на почетници. Полесна верзија за почетници е едно вдишување и издишување за секој циклус, без визуелизации.
Како и секогаш кога се работат пранајама техники за дишење, експериментирајте, модифицирајте и следете ја вашата интиутивна мудрост.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.