Санскритскиот збор тантра произлегува од корени „тан“ – да се исправи, да се продолжи, да се размножи и „тра“ – да се зачувува, кои даваат дополнителни значења на зборот тантра.
Најчестото значење на тантрата е „ткаени заедно“ што укажува на постоењето на двата космички принципи, машкиот и женскиот, кои континуирано го генерираат и апсорбираат целото постоење преку нивната постојана интеракција.
Тантра јога нуди алтернативен и практичен индивидуален пат до ослободувањето. Важно е да се напомене дека вистинската тантричка садана е достапна за луѓето од било кој социјален статус, пол и возраст.
Тантра јога опфаќа голем број техники, но сепак нејзиниот основен фокус е да го користи телото како храм за обожување на сеопфатното единство на животот како нешто свето.
Тантрата и сексуалноста
Тантричката филозофија ги вклучува сите аспекти на Универзумот, астрологијата, биологијата, парапсихологијата, анатомијата, медитацијата, медицината, уметноста, музиката и сексуалноста.
Всушност, сексуалното искуство, гледано како обединување на Вечниот машки аспект – Шива (статичен, деструктивен, мажествен) со Вечниот женски аспект – Шакти (динамичен, креативен, женствен), е главен аспект на тантричкото учење. Во тантра јогата, од практиканите се бара да ја разбераат континуираната игра меѓу овие принципи.
Тантрата е сложена дисциплина, конкретен метод и длабоко истражување базирано на пракса. Таа е наука за различните аспекти на врховната свест и за начините на нејзиното постигнување. Како основа на овие методи, сексуалноста има строги правила, бидејќи се знае дека тајната на вечниот живот лежи во контролата на сексуалната енергија.
Разбирањето на тантричкиот пристап кон сексуалноста бара отворен ум и духовен пристап кон животот. Оние кои имаат пуритански менталитет и го сметаат сексот за грев, не ја разбираат суштината на тантричките лекции.
За да ги научиме тантричките лекции, треба да ги разбереме аналогиите помеѓу човечкото суштество и Универзумот. Така, сексуалноста имитира постојан и екстензивен космички процес, кој го манифестира целиот космос од божествениот трансцендентен апсолут.
Во оваа нова перспектива, гревот исчезнува, не постои и се заменува сo среќа и бескрајна љубов. Сексот станува длабоко духовен чин, всушност, добива форма на медитативна дисциплина. Затоа, во тантрата постои само симболика и рафинирана убавина.
Сликата на маж и жена што водат љубов не се смета за нечиста. Напротив, тоа е слика на вистински космички ритуал. Човекот што ја обожава жената има сосема различен став од обичниот човек кој има секс. Жената се преобразува во жив симбол. Таа е манифестација на Божествената мајка на Универзумот (Парашакти) на Земјата. Исто така преобразен, човекот го отелотворува Вечниот машки принцип (Шива).
Тантрата ја нагласува метафизичката и оперативната важност на женскиот принцип. Жената, божицата Шакти, ја претставува Универзалната сила, енергијата на ропство и ослободување, која прекрива и открива, заслепува и осветлува, светот е нејзина играчка и нејзино огледало. Тука се среќаваме со вистинско вреднување на жената, а можеби и единствениот духовен пат што ја признава целосната еднаквост на двата пола, на сите нивоа. Важноста на женската манифестација се протега на сите нивоа на искуство, од секојдневниот живот до метафизиката.
Сексуалното блаженство на трансцендентно ниво е извонредно психичко искуство со духовен карактер и ја одразува неискажливата среќа на суптилната космичка природа, која во јога е позната како Ананда (космичко блаженство).
Тантрата ги распознава и издвојува световните практики како легитимни цели за транформација на практикантот. Овие практики се користат како алатки за да се издигне практикантот до повисоко ниво на свесност, кој ќе се соедини со Универзумот, достигнувајќи просветлување.
Тантра и кундалини
Тантрата се занимава со енергетските системи на нашето битие, директно преку нашата свест. Го нагласува креативниот аспект на свеста (шакти) и го следи тој креативен аспект назад до нејзиниот извор. Таа свесност е позната како Трипура, оној кој живее во три града на будење, сонување и длабок сон (Tripura; tri – три, pura – град).
Со тантра доаѓа до трансформација на животинските инстинкти и функции, создавајќи нагорно движење на енергијата низ телото преку енергетските канали и енергетските центри. Процесот е познат како „подигнување на кундалини енергијата“.
Идејата на тантрата е да ја разбуди кундалини шакти (која е претставена со змија), која лежи заспана во муладара чакра. Ида и пингала се две астрални струи, кои тргнуваат од муладара чакра и кружат околу централниот канал, сушумна нади, испреплетувајќи се меѓусебно во секоја чакра.
По должината на сушумна нади се наоѓаат различни чакри. Кога кундалини стигнува до секоја чакра го отвора човекот на различни нивоа на свесност. Кога ќе стигне до последната чакра, сахасрара, човекот оди во самади и станува едно со Универзумот
Истражувањето на суптилните енергии во телото и нивната поврзаност со Универзумот даваат можност да се разбере целта на животот и принципите на соединување во нови димензии.
Намерата на тантра јога е да ни покаже што не блокира и да ни понуди техники кои ќе ни помогнат да постигнеме духовен и материјален развој. Оттука, целите на тантричките практики се да ни овозможат да напредуваме, спојувајќи го духовниот и материјалниот свет во еден.
Целта на тантрата
Практиканите на тантра развиле посебни, дури може да се каже и необични техники за да им овозможат на луѓето да ја доживеат реалноста на вистинското Себство, единството на целиот космос. Тантра јогините акцентот го ставаат на лично експериментирање и искуство кое доведува до радикални техники за чистење на телото и умот за да се скршат јазлите на нашето физичко постоење.
Во тантра јогата суптилнaта енергија се развива за да се создаде мост од физичкото до Божественото. Развојот на енергијата е фокусиран на прочистување и култивирање на праната и активирање на кундалини енергијата. Физичкото тело се користи за активирање на енергијата преку асани, медитација, пранајама техники, банди, мудри и шаткарма (крија). Тантрата му овозможува на практикантот директно да го доживее Боженственото и да го вкуси единството на космосот. Тантрата нуди широк спектар на јогиски техники за да го внесе практикантот во состојба на екстаза што претставува синтеза на духовното знаење.
Станува збор за учење кое не упатува како да го користиме телото, како отскочна даска за да се трансформираме до највисоката можна димензија.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.