Сурија намаскар во буквален превод значи „поздрав на сонцето“, односно поклонување на сонцето. По правило се изведува во раните утрински часови, на изгрејсонце и во вечерните часови на зајдисонце. Овој сет асани нуди можност да се изрази благодарност на сонцето за одржување на животот на ова планета. Без сонце, нема да има живот на Земјата. Симболично тоа станува нашиот извор на енергија. Во сето она што го јадеме, пиеме или дишеме постои елемент на сонцето. Само ако научиме подобро да го „свариме“, да го интернализираме, и да го направиме дел од нашиот систем, само тогаш ќе имаме навистина корист од овој процес.
Што е сурија намаскар?
Сурија намаскар е серија од 12 положби (асани). Секое движење е координирано со дишењето. Еден циклус „поздрав на сонцето“ се состои од две повторувања (во Хата јога). Општо земено, луѓето ја разбираат сурија намаскар како вежба. Вежба која го зајакнува грбот, нозете, стомакот. Сурија намаскар дефинитивно помага во тоа, но овозможува и многу повеќе. Таа е сосема комплетна вежба за физичкиот систем – сеопфатна вежба, без потреба од никаква опрема. Но, пред се е важна алатка која овозможува луѓето да се ослободат од компулсивните циклуси и модели во нивниот живот.
Физичкото тело е фантастична отскочна даска за повисоки можности, но за повеќе луѓе, тоа е блокада на патот. Поривите на телото не им дозволуваат да одат напред. Да се биде во синхронизација со соларниот циклус е важен дел од рамнотежата и приемчивоста, средство за носење на телото до точка каде што веќе не е пречка. Синхорнизацијата на дишењето со физичките движења во текот на изведувањето на сурија намаскар обезбедува барем неколку минути длабоко и ритмично дишење на практикантот.
Придобивки од сурија намаска
Сурија намаскар е хармоничен спој на асани. Кога се практикува во цикличен и систематски начин, целокупните придобивки се поголеми од збирот на нејзините делови, а редовна практика може да биде исклучително корисна.
Редовното вежбање сурија намаскар ја отстранува нервната напнатост и вознемиреност и ги намалува последиците од стресот. Поздравот на сонце, помага во подобрување на меморијата и нервниот систем. Покрај тоа, ги стабилизира активностите на ендокрините жлезди и тироидната жлезда, а со тоа се намалува анксиозноста и се поттикнува чувството на целосна смиреност и спокојство.
Сурија намаскар има моќно влијание на сите ситеми на телото: крвотокот, системот за дишење, системот за варење итн. и помага во воспоставувањето на хармонијата меѓу нив. Сурија намаскар ја подобрува циркулацијата на крвта во телото и исто така ја зголемува флексибилноста на телото .
Поради активниот процес на вдишување и издишување, белите дробови постојано се прочистуваат, а крвта останува оксигенирана. Ова претставува одличен начин за детоксикација на вашето тело и помага да се ослободи од вишокот јаглероден диоксид и други отровни гасови.
Иако сурија намаскар може да се практикува било кој период од денот, препрорачливо е да се изведува рано наутро. Тогаш умот е најсмирен.
За повеќето од нас, раните утрински часови е времето кога можеме да бидеме сами без одвлекување на внимание. Сурија намаскар е одличен ритуал за наутро да го разбуди телото, да го фокусира умот и да ги поврзе чувствата на благодарност за новиот ден.
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите и останатите материјали што ги објавува Омниа.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Омниа.мк.